Последниот потег на премиерот во јавноста беше дочекан со доза одобрување, но и со коментари од типот дека метлата заиграла во погрешен двор бидејќи внатрепартиските и кадровски смени и чистки воопшто не ги тангираат граѓаните и јавноста, туку нив ги интересираат ефикасноста и работењето на државните функционери и соодветни потези во таа насока

Претседателот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев ја почна операцијата „метла“ за луѓето што не покажале резултати, при што први на удар се најдоа партиските структури и членови на најголемата владејачка партија. Ваквиот потег беше дочекан со доза одобрување, но и со коментари од типот дека метлата заиграла во погрешен двор бидејќи внатрепартиските и кадровски смени и чистки воопшто не ги тангираат граѓаните и јавноста, туку нив ги интересираат ефикасноста и работењето на државните функционери. Граѓаните и јавноста се директно засегнати од (не)функционирањето на државните функционери на различни нивоа, и доколку заиграла метлата веројатно требало да се почне и оттаму. Впрочем, токму државните функционери ги плаќаат граѓаните и затоа со право тие од нив очекуваат многу поголема посветеност, ангажман во делокругот на нивното работење и, пред сѐ, во интерес на граѓаните. По внатрепартиската метла на Заев имаше и коментари дека се чини како и тој да тргнал по стапките на неговиот претходник Никола Груевски, кој токму преку партиските чистки ја зацврстуваше сопствената позиција на чело на партијата и остана запаметен по авторитарното владеење со партијата, но и со земјата. Очекувањата на граѓаните дека конечно во државата ќе бидат сменети оние што не ги исполнија ветувањата за подобар живот, како министри, директори, раководители и сите други од кои зависат реформите, не се исполнети, а наместо нивна смена и освежување со нови квалитетни кадри, кои би ги придвижиле промените, се случува внатрепартиска чистка.

На последната седница на Централниот одбор на СДСМ беа сменети потпретседателите Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Мухамед Зекири, Фросина Ременски, Дамјан Манчевски, како и Благој Бочварски. Сменет е и генералниот секретар на партијата Александар Кирацовски. Претходно беа сменети и претседателите на општинските комитети.

– Ако тргнавме од своите редови да се исправиме со големината и доблеста за наше отстапување со наше коригирање и подобрување, верувајте нема да му дозволиме кому било во државата без разлика дали тоа е во јавната администрација, централна, локална, а прима пари од граѓаните, да не ги исполни очекувањата на граѓаните – порача Заев по седницата на Централниот одбор.
Од неговата партија преку соопштение велат дека донесените одлуки ќе придонесат за забрзување на напредокот на земјата и подобри услови во општеството, за подобар живот на сите граѓани.

Но какви се реакциите на граѓаните и аналитичарите.
– Немав големи очекувања од оваа влада, но барем се надевав дека со смената на некои министри и директори на претпријатија и институции, барем малку ќе тргне работата, оти, ако ништо друго, ќе сакаат да се докажат. Вака, Заев си чисти по дома, утре тие што ги сменил ќе ги стави да бидат амбасадори или на некои други високи позиции и така во недоглед. Ние како граѓани ништо не добиваме. Повторно ќе имаме лошо здравство, лошо образование, недовршени патишта, ќе дишеме загаден воздух, ќе имаме ниски плати и пензии и постојано ќе слушаме лажни ветувања – вели Стојан Давков, пензионер.
Според него, за да се направи суштинска промена, потребни се квалитетни кадри на сите државни позиции.

– Подобро да стават експерти што се разбираат од работата, отколку што ставаат партиски послушници, кои повеќе се посветени како да ја задоволат партијата, отколку граѓаните. Вака не се оди во Европа – додава Давков.
Слично размислува и сопартијката на Заев и поранешна пратеничка Софија Куновска, која на својот фејсбук-профил објави, како што го нарече, „мал писмен допис до ЦО на СДСМ“.
– Отсуството на правна држава, корупцијата, непотизмот, пазарењата, непочитувањето на законите, претоварената администрација, лошите кадровски политики, криминалот, немањето реформски капацитет, нерасчистувањето со „Скопје 2014“, загадениот воздух, неефикасноста на јавните сервиси, лошото образование, бројчаникот, отсуството на културни политики, несправувањето со криминалот од минатото и истите практики како претходната власт – напиша Куновска.

Политичките аналитичари сметаат дека партиските смени можеби се вовед во покрупните смени што би следувале, но додаваат дека доколку не се случи тоа, ништо во државава нема да се промени.
– Смените во СДСМ се еден вид брза реакција од резултатите по првиот круг на претседателските избори. Не е проблем во тоа дали ќе се сменат партиските потпретседатели, туку целата работа ќе биде попуста ако не се спроведат реформите. Оваа влада премногу се фокусираше на проблемот за името, а не на реформите – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Според него, партиските смени нема да помогнат во спроведувањето на потребните реформи, туку се потребни суштински промени.
За политичкиот аналитичар Петар Арсовски промените во партијата се полесниот дел, но ќе следува и потежок дел, кога ќе треба да се прават промени во Владата заедно со коалицискиот партнер.

– Промените во партијата што ги направи Заев се само доказ дека е сериозен во операцијата „Метла“. Промени треба да следуваат и во Владата, а промени се очекуваат и во вториот и во третиот ешалон – вели Арсовски.
Тој додава дека е многу важно промените да продолжат во вистински правец.
– Нови луѓе и воведување систем на отчетност ќе ја подобрат ситуацијата и ќе овозможат започнување на потребните реформи – нагласува Арсовски.

[email protected]