Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пратеници од албанскиот опозициски блок предлагаат олеснување на условите за добивање македонско државјанство на (како што тие тврдат) 70.000 лица што живеат во Македонија со години и децении, но уште го немаат регулирано својот статус за државјанство

Дали судбината на предлог-законот за државјанство, кој го поднесоа албанските опозициски партии при крајот на минатата година, е извесна уште пред тој да се најде во собраниска процедура? Дали негативното мислење на надлежните институции, во случајот на Министерството за внатрешни работи, ќе биде пресудно во парламентот да не се обезбеди потребното мнозинство за гласање на овој закон?
Предлог-законот што предизвика бура од реакции во јавноста, МВР го оцени како несоодветен и даде негативно мислење на идејата државјаните од поранешните југословенски републики што до независноста на 8 септември 1991 година живееле во Македонија да можат да добијат македонско државјанство само со изјави од сведоци, без да бидат приложени документи како доказ. Станува збор за граѓани што се родени и живеат во Северна Македонија, но немаат државјанство, иако најчесто ги исполнуваат условите за тоа.
Аналитичарот Петар Арсовски смета дека мислењето на МВР може да влијае на исходот во собраниските клупи, но дека до самиот крај сѐ ќе биде неизвесно.
– Двата коалициски партнери имаат различни ставови по ова прашање. Сепак, ова ќе биде политички договор – одговори Арсовски.

Од МВР велат дека раководството на МВР има отворено процес, се разговара за тоа каде би требало да дојде до измени на Законот за државјанство, за да им се овозможи на оние лица што од сериозно објективни причини не можеле да добијат или пропуштиле некакви рокови во минатото, да можат да остварат право на државјанство на РС Македонија, меѓутоа притоа, сепак, да се заштитат националните и државните интереси.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски предлогот го оцени како „политички памфлет“. Според него, носењето закон за државјанство, односно негово предлагање, е исклучиво надлежност на МВР и не може да се очекува дека некој однадвор треба да даде законско решение.
Во однос на предложениот законски текст за државјанство од страна на коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, Спасовски вели дека од тој „политички памфлет“ не може да сфати што сакаат предлагачите, кои не нудат трајно решение.
– Нам ни треба трајно решение, заштита на државните и националните интереси и заштита на граѓаните што се тука и треба да го добијат тоа државјанство, а од објективни причини не можеле да го добијат досега – изјави министерот Спасовски.
Со измените на Законот за државјанство што се разгледуваат во Собранието по скратена постапка, по предлог на пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива, оној што бара македонско државјанство, ќе треба да обезбеди изјави од три лица што ќе сведочат дека барателот живеел на територијата на Македонија до 8 септември 1991 година или, пак, изјава само на едно лице што во тој период било жител или сѐ уште живее во местото во кое живеел барателот.

Пратеници од албанскиот опозициски блок предлагаат олеснување на условите за добивање македонско државјанство на (како што тие тврдат) 70.000 лица што живеат во Македонија со години и децении, но уште го немаат регулирано својот статус за државјанство.
Иницијаторите на измените тврдат дека законското решение се носи за лицата што и по триесет години од распадот на Југославија живеат без документи. Станува збор за граѓани што се родени и живеат во Северна Македонија но немаат државјанство иако најчесто ги исполнуваат условите за тоа.
Алијансата на Албанците реагираше на изјавата на министерот Оливер Спасовски за измените на Законот за државјанство. Велат дека Спасовски се обидува да ги убеди граѓаните дека е во право за нешто што не е во негова надлежност, дека ниту барале ниту ќе бараат мислење од него, бидејќи МВР нема право да дава мислење за Законот.
– Спасовски раководи со институција што ги дискриминира своите граѓани по етничка основа, лишувајќи ги од правото на државјанство – велат од партијата.
Тие бараат од Спасовски да го објави бројот на лица без државјанство.
– Нека го објави бројот и да се откаже од тенденцијата за замаглување на јавноста со бескорисни писма и мислења, бидејќи немаме потреба за мислење од вас. Дебатата и сите постапки за предметниот закон се одвиваат во Собранието и во согласност со Деловникот за работа на Собранието – велат од партијата.
Зијадин Села, кој е еден од потпишаните предлагачи на измените, тврди дека единствената цел е рамноправност на граѓаните што живеат овде. Р.З.