Објавувањето на студијата на Вејкфилд во толку истакнато научно списание какво што е „Лансет“ сигурно ќе биде запаметено како една од најлошите одлуки во историјата на научните публикации. Тешко дека постои поконкретен пример за важноста на науката кога се работи за благосостојбата на општеството, но и за неуспехот на системот за рецензија, кој треба да ги елиминира сомнителните истражувања. Сево ова го наметнува прашањето за довербата – всушност, довербата на јавноста во науката. Со чинот на вакцинирање на децата, родителите или старателите активно дозволуваат да им се прави нешто на децата, верувајќи им на медицинските лица кога велат дека тоа нешто е безбедно за нив

Студија што посеа голем број сомнежи за безбедноста на вакцините и придонесе за слабеењето на јавното здравје

Измамата на британскиот лекар Ендру Вејкфилд, објавена во медицинското списание „Лансет“, за тесната поврзаност на вакцинирањето и аутизмот иницира страв од вакцини, кој се прошири брзо како вирус. Голем број британски медиуми почнаа со рубрики во стилот „прашања околу ММР“, сеејќи сомнеж меѓу родителите. Предводник беше „Дејли мејл“, а дури и списанието „Прајват ај“, кое се гордее со тоа што не потпаѓа под влијание на медиумски ујдурми, објави специјално издание посветено на ММР, претставувајќи го доктор Вејкфилд како еден вид Галилео Галилеј, кој се спротивставува на системот што користи ММР.

Медиумите извршија огромно влијание на јавното мислење и ефектот на измамата беше колосален

Ефектот беше очекуван. Кон крајот на 1990-тите, британската стапка на прифаќање на ММР се искачуваше кон 95 отсто, стапка што е потребна за стекнување „имунитет на стадо“ – состојба во која се вакцинирани доволен број луѓе за болеста да стане толку ретка што не претставува закана за оние што поради алергија на состојките од вакцината не можат да ја примат. Меѓутоа, по 1998-та, стапката на прифаќање падна на 80 отсто, па сходно на тоа, процентот на сипаници осетно порасна. Низ Европа и светот започнаа епидемии; земјите што долго време пред тоа немаа регистрирано случаи, пријавуваа нови заболени. Според најновите податоци на СЗО, во 2018 година над 140.000 луѓе починале од сипаници и компликации поврзани со нив. Оваа информација е особено трагична и фрустрирачка, бидејќи се работи за болест што знаеме и можеме да ја превенираме. Нема да претераме ако кажеме дека сегашниот свет е многу поопасно место за живеење – особено за децата, ранливите категории и населението на земјите во развој – како последица од научната измама на Вејкфилд.

Објавувањето на студијата на Вејкфилд во толку истакнато научно списание какво што е „Лансет“ сигурно ќе биде запаметено како една од најлошите одлуки во историјата на научните публикации. Тешко дека постои поконкретен пример за важноста на науката кога се работи за благосостојбата на општеството, но и за неуспехот на системот за рецензија, кој треба да ги елиминира сомнителните истражувања. Сево ова го наметнува прашањето за довербата – всушност, довербата на јавноста во науката. Со чинот на вакцинирање на вашите деца, вие активно дозволувате да им прават нешто, верувајќи им на медицинските лица кога велат дека тоа нешто е безбедно за нив.
Доколку некаква студија објавена во познато списание, одобрена со печат за рецензија, ви кажува дека се работи за небезбедна процедура, нормално е дека информацијата ќе ве загрижи и ќе размислувате за неа. Долги години по објавувањето на студијата, луѓето навистина не знаеја кому да му веруваат во врска со вакцините. Многумина сѐ уште не знаат.

Кој сѐ ги охрабрува луѓето и институциите да испраќаат фалшиви и проблематични соопштенија

Ова предавство на јавната доверба е можеби и најпогубната работа во измамата на докторот Вејкфилд. Луѓето имаат вложено многу во науката, вклучувајќи ја тука и науката за здравјето на нивните деца. Измамниците едноставно се мајтапат со таквата доверба. Иако треба најстрого да ги осудиме, иста таква осуда заслужува и нашиот научен систем. Гламурозните списанија не само што ги охрабруваат луѓето да испраќаат фалшиви и проблематични соопштенија – повеќе или помалку сметајќи дека барем мал дел научници ќе се свртат кон лага заради публицитет – туку уредниците на тие списанија често реагираат со двоумење и непослушност дури и кога ќе излезат на виделина јасни докази за незаконитоста на нечие дело.
Ниту универзитетите не треба да избегнуваат критицизам: освен што нивните истражувања често се бавни и млитави, има случаи како оној на Макијарини, кога академските установи го бранат неодбранливото и активно ги прогонуваат „свиркачите“.

Се разбира, секој што е обвинет за измама треба да се смета за невин додека не се докаже неговата вина; довербата најлесно се руши со расфрлање обвинувања наоколу. Сепак, колку подолго одговорните лица се однесуваат инертно и колку подолго фалшивите „научни истражувања“ постојат во печатените медиуми, толку повеќе нашите системи и институции ќе ја срамат и понижуваат науката, а со тоа и општеството.