Условот за добивање позитивен извештај од Европската комисија за спроведените реформи, пред очекуваниот извештај на 29 мај, Владата го сведе на решение за судбината на СЈО, односно усвојување на новиот закон за Основно јавно обвинителство, со меѓупартиски консензус. Според најновите изјави на министерката на за правда Рената Тренеска-Дескоска, новиот закон за Јавно обвинителство нема да содржи одредби за истрагите што ги има отворено СЈО по 29 јуни 2017 година, туку ќе важат постојните закони, како Законот за кривична постапка и Законот за специјално јавно обвинителство. Но судиите ќе бидат тие што ќе решаваат по прашањата за истрагите, но и доказите од прислушуваните разговори врз основа на судската практика. Дескоска останува на ставот дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ во дебатата за СЈО треба да се откаже од предлозите за законско решение што имплицира скриена амнестија. Оптимизмот дека наскоро ќе се постигне решение го дели и премиерот Зоран Заев. Тој се надева дека ќе биде постигнат договор со опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред објавување на извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на 29 мај.

Дилемите за судбината на истрагите на СЈО отворени по рокот, во меѓувреме ги одложија судењата за предметите што стигнаа во судска процедура, а во прашање се доведени и десетици други истраги.