За следните избори предизвик за државата нема да биде анимирањето на луѓето во странство, бидејќи, за жал, земјава не поседува инструментариум со кој може да направи иселениците поактивно да се вклучат во политичко-општествениот живот во земјава. Земјава треба повеќе да обрне внимание на малцинството во соседните земји, на развивање на чувството на припадност по сите основи во двете насоки, а особено на вклучување на дијаспората во економскиот развој на Македонија

Иако македонските иселеници имаат исклучително квалитетни иницијативи и како колективитети и поединечно, нивното вклучување во изборните процеси во последните неколку години, за жал, не донесе речиси никакви позитивни искуства вредни за споменување. Ова впрочем може да се заклучи и од слабиот интерес за гласање на иселениците, што е забележано на последните неколку одржани изборни циклуси меѓу кои и последните претседателски избори. Според она што неодамна го соопшти Државната изборна комисија, слична ќе биде ситуацијата и за претстојните предвремени парламентарни избори закажани во април.

Имено, на овие избори, во дијаспората ќе се гласа единствено доколку се исполни критериумот од 6.700 пријавени гласачи во една изборна единица, односно онолку колку што имал пратеникот со најмал број освоени гласови на последните парламентарни избори.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски во изјава за „Нова Македонија“ објаснува дека сегашниот изборниот модел за дијаспората, кој го вклучува цензусот од пријавени најмалку 6.700 избирачи како услов за организирање гласање во странство, (но и финансиската (не)исплатливост), навестува дека многу тешко дијаспората може да добие свој претставник во македонското собрание на следните избори.

– Ова е законски минимум од претходните избори што го освоил пратеникот што добил мандат со најмал број гласови во нашата држава и тоа е услов за да може да се организираат наредни избори во странство. Доколку бројот на пријавени не ја надмине оваа цифра, за жал, нема да се организираат избори во македонските дипломатски претставништва во странство – вели Дерковски. Според претседателот на ДИК, парите што се предвидени за организирање гласање во дијаспората ќе се потрошат единствено само ако се исполни условот со 6.700 пријавени гласачи.
Осврнувајќи се на слабиот одзив за гласање во дијаспората низ годините наназад и каква би била улогата на иселениците на претстојните парламентарни избори Ристо Никовски, поранешен дипломат и амбасадор, вели дека за следните избори предизвик за државата нема да биде анимирањето на луѓето во странство, бидејќи, за жал, земјава не поседува инструментариум со кој може да го направи иселениците да се вклучат активно во политичко-општествениот живот во Македонија. Тој смета дека земјава треба повеќе да обрне внимание на малцинството во соседните земји, на развивање на чувството на припадност по сите основи, а особено на вклучување на дијаспората во економскиот развој на Македонија.

– Републиката треба да развива најшироки односи со нив, треба да се прави сѐ тие да бидат инвеститори во Македонија, а не политички да ги активира бидејќи од тоа нема никаква потреба. За жал, сега немаме инструментариуми со кои би ја привлекле помасовно нашата дијаспора да биде вклучена во економскиот развој, иако имаме министерство за таа намена. Истото важи и за нашето малцинство во соседните земји. И додека не направиме подолгорочна стратегија за односот со овие два дела од нашиот народ успеси, за жал, нема да имаме и сѐ повеќе ќе имаме слаб одзив за гласањето во странство – оценува Никовски.

Инаку, за потсетување, на вонредните парламентарни избори во 2016 година од пријавените 20.000 лица од дијаспората, единствено 8.000 излегоа на гласање. Тогаш за гласање на дијаспората се потрошија повеќе од 500.000 евра, а не беше избран ниту еден пратеник од странство поради слабиот одзив на гласањето. Слична беше состојбата и за минатите претседателски избори каде што беа пријавени околу 1.800 гласачи. Податоците покажуваат видлив пад на одзивот на иселениците константно во последните неколку гласачки циклуси. Дури ни жешкото референдумско изјаснување одржано во 2018 година во септември, не го зголеми одзивот на гласачите во странство и тогаш гласаа околу 2.700 избирачи во 33 дипломатско-конзуларни претставништва. Имајќи предвид дека официјалните податоци говорат оти во последните десет години од земјата се иселиле од 400.000 до 600.000 граѓани, овие бројки на излезени гласачи се и помалку од симболични.

[email protected]