На денешната политичка карта на Европа, може да се забележи тренд што покажува дека десноориентираните партии или веќе се на власт или со голема пареа грабаат кон оваа цел

Каде и да се погледне на денешната политичка карта на Европа, може да се забележи тренд што покажува дека десноориентираните партии или веќе се на власт или со голема пареа грабаат кон оваа цел. Ова е заклучокот на мноштвото светски медиуми, но и политички аналитичари што изминатиов период активно ги следат случувањата.
Хрватскиот специјализиран интернет-портал „Адвенс“ во своја анализа пишува дека главен адут на десничарските партии, со кој тие ја освојуваат целата власт по должината на земјите од Стариот Континент, се т.н. движења антиестаблишмент, кои своето политичко дејствување го темелат врз популизмот и врз конзервативизмот.
– Десничарството во моментов ја доживува својата „преродба“, а ваквите случувања се специфични во политиката за посткризните периоди, односно тие сега се случуваат 10 години по големата економска криза што го зафати светот – пишува порталот.
Медиумот ги истакнува и причините за овие политички случувања во кои десните партии во политичката арена ги победуваат левите и вели дека сето се должи на добивање поени кај гласачите, кои се преплашени за својата иднина и за својата земја и поради тоа гласачите ги прифаќаат брзите популистички решенија што ги нудат десничарите.

– Од друга страна, десничарите многу добро ја користат оваа политичка позиција и во своето дејствување тие пласираат меѓу електоратот теории за тоа кој е виновен за економската криза во земјата и во Европа со што прстот скоро секогаш се посочува кон ривалите од левицата – пишува порталот.
Американскиот неделник „Политико“, прогнозира дека наредната година, која е изборна за европскиот парламент, ќе се случат радикални промени и десноориентираните популисти ќе имаат апсолутната власт во Унијата.
– По големиот успех на десничарите во некои европски држави како Австрија, Италија и Словенија се очекува влијанието на нивните партии да се прошири во европскиот парламент и во мај 2019 година да се доживее максимален напор за преземање на управувањето на ЕУ – пишува „Политико“.
Магазинот додава дека зголеменото популистичко дејствување во Европа го загрижува актуелното раководство на Брисел бидејќи сосема е можно овие партии од наредната година да раководат со Европскиот парламент, Европската комисија и Европската централна банка.

– За популистите 2019 година ќе биде можеби најдобриот период во кој ако тие добро го искористат ќе завладеат со ЕУ-институциите – пишува магазинот.
Германската телевизија Дојче веле, пак, истакнува дека на политичката сцена на Стариот Континент веќе со години доминираат конзервативните народни партии, а во последно време во подем се партиите позиционирани уште подесно на политичкиот спектар.
– Наспроти трендот на сѐ поголемо сраснување на Европа, што се огледа, меѓу другото, и во проширувањето на шенгенскиот простор до Исланд и до границите на Украина, видливо е и засилувањето на десноекстремните партии што негуваат непријателство кон странците – истакнува Дојче веле.
Британски „Гардијан“ во текст поврзан со резултатите од изборите во Словенија, пишува дека Словенечката демократска партија (СДС) на Јанез Јанша е релативниот победник на парламентарни избори во Словенија, а за неа гласале 24,4 отсто од гласачите, покажуваат излезните анкети. На второто место е Листата на Маријан Шарц (ЛМШ), која е антиестаблишмент, со 12,6 отсто, а на третото Партијата на модерниот центар (СМЦ) на Миро Церар.
Весникот вели дека, според резултатите, десните партии ја зедоа власта во Словенија, а на сето тоа влијаела блискоста на антиимиграциските ставовите на Јанша и премиерот на Унгарија Виктор Орбан.

Според весникот, токму овие слични ставови се и причините поради кои во државите од Централна и од Источна Европа, деснопопулистичките партии растат и го зголемуваат своето влијание.
Во контекст на овие актуелни случувања вредно за забележување е дека Македонија наредната година ја очекуваат претседателски избори, но во јавноста се пласираат и информации за можни предвремени парламентарни избори. Дали европските десничарски трендови ќе се пренесат и кај нас од аспект на некое идно политичко дејствување и позиционирање останува да видиме.