Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како да се разбие недовербата кај дел од граѓаните за неопходноста од масовна вакцинација? Што треба да содржи таквата кампања? Дали таа треба да биде суштинска или информативна? Дали ефектите од неa ќе бидат поголеми ако политичарите и јавните личности со свој личен пример придонесат со тоа што ќе ја примат вакцината? Кој модел би бил најуспешен? Експертите велат дека сите овие прашања треба сериозно да се земат предвид, но и да се искористат искуствата од Европа. Повеќето светски лидери веќе се вакцинираа и со тоа дадоа личен пример пред граѓаните. Кај нас политичарите чекаат да им дојде редот

ДОДЕКА СЕ ЧЕКА ДОАЃАЊЕТО НА ПОГОЛЕМА ПРАТКА ВАКЦИНИ

Како до поголема свест за потребата од вакцинација, како единствен сигурен одговор на пандемијата од ковид-19? Ова е клучната дилема на општествата што веќе една година се борат против пандемијата, а сега, кога вакцината е достапна, се соочуваат и со феноменот на недоверба и отпор од населението за имунизацијата.
Македонија, иако е последна во Европа во процесот на имунизација, исто така се соочува со слични ситуации на недоверба кај луѓето и во тој контекст веќе се размислува и се најавува кампањски одговор, со кој ќе се презентираат придобивките од вакцинацијата.
Но што и како треба да содржи таквата кампања? Дали таа треба да биде суштинска или само формално информативна? Дали ефектите од неа ќе бидат поголеми ако политичарите и јавните личности со свој личен пример придонесат со тоа што ќе ја примат вакцината? Кој модел би бил најуспешен? Експертите велат дека сите овие прашања треба сериозно да се земат предвид кога ќе се прави планот за кампања, но и да се искористат искуствата од Европа, каде што голем дел тамошни политичари и јавни личности веќе ја примија вакцината.
Според последните податоци, во земјата се вакцинирани околу 30.000 граѓани, а 140 илјади се пријавени за вакцинација на сајтот вакцинација.мк.
Како таа слика ќе се промени во земјава? Како ќе се натераат граѓаните да се вакцинираат?
Министерот за здравство Венко Филипче посочува дека таа слика ќе се менува со тоа како ќе пристигнуваат вакцините.

– Планираме да започнат кампањи, од кои дел се подготвени, дел се подготвуваат од повеќе институции, Европската делегација, Министерството за здравство, Владата. Апелирам сите граѓани да се пријават на сајтот вакцинација.мк. Верувам дека свеста е присутна, а и дополнително ќе се зголемува за важноста на овој процес. Верувам и дека како ќе стигаат информации дека пристигнуваат вакцини во земјата, и повеќе граѓани ќе се пријавуваат – заклучи тој.
Сепак, позитивен е и примерот на германската канцеларка Ангела Меркел, која вчера се вакцинира против ковид-19, и тоа со „Астра Зенека“, со што имаше за цел да ја засили довербата во оваа вакцина во Европска Унија. Германската канцеларка има 66 години, а Германија ја препорачува оваа вакцина само за лицата над 60 години.

Политичарите ќе чекаат на ред

Досега никој од македонските политичари не се вакцинира и со тоа да даде пример кај граѓаните за важноста на процесот на имунизација, како и за издигање на свеста од потребата од вакцинација. Сите велат дека ќе го сторат тоа, но кога ќе им дојде редот за вакцинација.
Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски посочија дека неговиот став за вакцинација против ковид-19 го соопштил неколкупати досега и останува на него.
Тој изјави дека, според планот за имунизација во земјава, ќе се вакцинира кога ќе дојде на ред неговата возрасна категорија и со тоа ќе учествува во јавната кампања за издигање на свеста кај населението за вакцинација.
– Ќе се вакцинирам со таа вакцина што ќе биде достапна во тој момент – изјави претседателот Пендаровски.
И премиерот Зоран Заев тврди дека останува на ставот дека тој и неговото семејство ќе се вакцинираат против ковид-19 и така ќе дадат придонес во јавноста, но посочи и дека според планот за имунизација приоритет имаат оние на кои итно им е потребна вакцинација.
– Прво треба да се вакцинираат здравствената комисија, нашите херои лекари, медицинските сестри, здравствениот персонал, потоа хронично болните, повозрасните, па семејствата што изгубиле член од семејството. Од политичарите веројатно прв треба да биде министерот Филипче, а јас ќе бидам веднаш по министерот за вакцинирање, откако ќе поминат на ред оние што имаат приоритет. Јас сум еднаков со другите и ќе дадам личен пример за граѓаните што побргу сите да се вакцинираме. Јас, моето семејство и роднините ќе се вакцинираме – истакна тој.
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, постојано ја критикува власта во, како што вели, неможноста да обезбеди вакцини и повикува на нејзина одговорност во ситуацијата.
Сепак, од опозициската партија велат дека тој многупати изјавил дека ќе учествува во процесот на имунизација кога ќе биде на списокот.
Министерот за здравство Венко Филипче смета дека сега не е приоритет тој и политичарите да се вакцинираат, туку да се овозможат повеќе вакцини за луѓето на кои им е потребно тоа.
Тој посочи дека секако дека ќе се вакцинира и ќе ја поддржи кампањата, но откако ќе стигне поголемо количество вакцини.
– Не би сакал да му ги земам местото и редот на оној што има поголем ризик, особено не на здравствените работници што работат со ковид-пациенти. Така што ќе се вакцинирам кога ќе стигне поголемо количество вакцини. Немам преференција со која вакцина би се вакцинирал, зашто сите вакцини се безбедни – истакна тој.

Потребна е издржана кампања

Епидемиологот Драган Даниловски вели дека кампања значи баш кампања, нешто што се прави низ организирана акција, по правило, во релативно краток временски период, за да се постигне одредена цел.
– Но имајќи предвид колку се високи недовербата и отпорот кон вакцините кај нас, мислам дека со организирана акција требаше да се почне уште кога почна пандемијата. Уште тогаш требаше да се укажува дека пандемија се решава единствено со масовна вакцинација – посочува тој.
Потоа, според Даниловски, кога почнаа да се одобруваат и применуваат првите вакцини, некаде во декември минатата година, исто така, требаше да се комуницира интензивно со народот и да му се објаснуваат придобивките од вакцините.
– Исто така, требаше и отворено да се зборува за ризиците од можните несакани дејства. И да се прават споредби со некои други ризици – летање во авион или земање одредени лекови и сл. На таков начин ќе се демистифицираа многу заблуди, ќе се раскринкаа теории на заговор со аргументи. И резултатот ќе беше прифаќање на потребата од вакцинирање кај поголем дел од населението -објаснува епидемиологот.
На прашањето дали треба со лични примери политичарите да го „храбрат“ населението, тој смета дека тоа има психолошки ефект врз одредена категорија граѓани.
– Кај други, пак, можни би биле и реакции на негодување, имајќи ја предвид длабоката поделеност во нашево општество – додава тој.
Сепак, Даниловски заклучува дека кампања за издигање на свеста на населението за вакцинација е многу потребна, поради тоа што без неа, или ако биде „млака“, само формална, ќе се остави впечаток дека на власта ѝ е сеедно дали ќе се успее со масовното вакцинирање.
А тој „луксуз“, според епидемиологот, ниедна власт не смее да си го дозволи.

Акцент на позитивните аспекти од вакцинацијата

Комуникологот Бојан Кордалов смета дека е потребна инклузивна кампања во која нема луѓето да се делат на послушни и непослушни, нема да се осудуваат поради нивните ставови, туку кампања со која ќе се објаснат придобивките од вакцината.
– Да се обидуваме со позитивни примери да ги убедиме сите. Значи, со фактите што со себе ги носи науката, со она што знаеме дека вакцините досега го постигнале, а сме го подзаборавиле. Неопходно е да се користи позитивен наратив, а преку сведоштва на луѓе од секојдневието да потсетиме дека вакцините се цивилизациска придобивка. Таква комуникација ни е потребна каде што човекот е ставен во центарот и на секој од нас институциите му се обраќаат – вели Кордалов.
Според него, потребна е кампања што ќе потсети на важноста, резултатите и примерите од успешните имунизации во минатото и како тие помогнале да се искоренат многу страшни болести.


Премиерката Брнабиќ прва се вакцинира во Србија

Србија уште на крајот на минатата година ја започна кампањата за вакцинација против коронавирусот. Премиерката Ана Брнабиќ пред телевизиските камери беше првата граѓанка на оваа балканска земја што ја прими вакцината на „Фајзер“ во белградскиот институт за вирологија „Торлак“. По неа следуваа министерката за здравство Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ и главниот српски виролог Предраг Кон.
– Вакцинацијата е прашање на медицина. Тоа е начин на кој го спасувате човештвото од болести – рече Брнабиќ.

[email protected]