Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со потпишувањето на протоколот за членството во НАТО, се отвора ново поглавје во историјата на Македонија, објавува „Дојче веле“. Во прилог на ваквите тврдења се и изјавите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој не го користеше името Македонија, ниту придавката „северна“, на вчерашната церемонија за потпишување на протоколот, како што е случај и со официјалната интернет-страница на Алијансата.

– До крајот на неделава, грчкиот парламент треба да го ратификува пристапниот протокол и „новата“ земја ќе му биде претставена на светот „Република Северна Македонија“ – се наведува во анализата.

Јавноста во Македонија е поделена околу Преспанскиот договор и обврските кои произлегуваат од него, па така голем број експерти се прашуваат дали Македонците платија превисока цена за да влезат во Северноатлантската алијанса, а голем број на граѓани се согласуваат со таа констатација. Од друга страна, за сегашната Влада, оваа цена беше соодветна. Не се оспорува фактот дека политичките лидери во Скопје и Атина беа навистина храбри и одлучни за да го решат децениското прашање поради кое Грција ја блокираше Македонија во пристапот до НАТО и ЕУ во 2008 година, што покажуваше на нарушените односи на двете земји.

Многумина сè уште се прашуваат: Дали вредеше размената на дел од македонскиот идентитет и историја за членство во НАТО? Според „Дојче веле“, целиот процес и потпишувањето на Преспанскиот договор вреди, не само поради фактот што гарантира стабилна и просперитетна иднина за државата, туку и поради тоа што така се затвора едно прашање кое долго време претставуваше проблем на Балканот. Решението дава можност на новите генерации да не ги продлабочуваат поделбите од минатото и да започнат да прават планови за иднината.

Во поширок контекст на Балканот и на Југоисточна Европа, влезот на Македонија во НАТО треба конечно да го затвори прашањето за името Македонија, а со тоа да се подобри стабилноста во регионот, во време кога постои можност за дестабилизација на Балканот, а соседните земји се обидуваат да се вмешаат во суверенитетот и интегритетот на Косово.

– Македонија скоро и да нема армија, а годишниот БДП на земјата е поблизу до  неразвиен германски град, отколку до развиена западна земја, но и САД и водечките европски нации одамна препознаа дека земјата повеќе му припаѓа на Западот, отколку да остане ризик-фактор за уште еден Балкански конфликт – констатира германската медиумска куќа.

Фактот дека во Македонија (повеќе или помалку) има мултиетничка демократија во регион кој во минатото бил нестабилен, додава на важноста од пристапувањето во НАТО за земјата. Од чисто економски и воен аспект, НАТО нема корист од Македонија, но од геополитички аспект (Русија, Кина) и испратената порака со успешното решавање на конфликтот со Грција за соседните земји (Србија, Косово, Босна и Херцеговина) може да се покаже како многу важна.

За Македонија, новото поглавје започнува сега. Земјата сè уште треба да надмине многу препреки и да реши многу тешки задачи во иднината. „Дојче веле“ пишува дека потребни се реформи во скоро секој сектор од општеството, обнова на внатрешната соработка и стабилизирање на економијата. Ако Европската унија конечно одлучи да го започне процесот на преговори со Скопје во јуни годинава, за влез во Унијата, заедно со потпишувањето на пристапниот протокол со НАТО, можеби токму ова е почетокот на една успешна приказна за земја на „заборавениот“ Западен Балкан.