Фото: Маја Јаневска-Илиева

Откога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи заминаа од Македонија без конкретни насоки за нејзината евроинтеграциска иднина, се огласи американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Габриел Ескобар, кој на онлајн средба со бугарските медиуми изјавил дека „САД се надеваат оти Северна Македонија и Албанија ќе ги започнат преговорите за членство со ЕУ
во текот на оваа година“. Упатените тврдат дека САД имаат точна визија за менаџирање на текот на настаните на Западен Балкан во односите со ЕУ, а, пак, администрацијата на Бајден прецизно дефинирана мисија за тоа. На другата страна, пак, во ЕУ сѐ уште владее разногласие…

Штимање во НАТО за прашањето за проширување на ЕУ

Додека траат жолчните дебати за иднината на трансатлантскиот сојуз (на пр. за прашањето од потребата за поголема автономија на Европската Унија и за начините на нејзината соработка со администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, особено по контроверзното повлекување на американските сили од Авганистан), мошне жива динамика во таквите полемики наметнува и македонско-бугарскиот спор. Имено, веќе стана видлива и сѐ посилната потреба за решавање на исклучително практичниот проблем, каква што е блокадата што соседна Бугарија ја постави на евроинтегративниот пат на Македонија. Во стручната јавност преовладува мислење дека се очекува дека поискристализирани ставови во таа насока ќе има во текот на идната недела, кога ќе се одржи расправата за иднината на односите меѓу ЕУ и САД, во Стразбур.
Впечатокот во пошироката јавност во овој ист контекст е засилен поради последната изјава на американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Габриел Ескобар дека „САД се надеваат оти С. Македонија и Албанија ќе започнат преговори со ЕУ оваа година“, со што се наметна и потребата за поексплицитно објаснување на односите во триаголникот Соединети Американски Држави – Европска Унија – спор помеѓу Македонија и Бугарија.

Важни и болни реформи за придвижување кон членството во ЕУ

Имено, откога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи заминаа од Македонија без конкретни насоки за нејзината евроинтеграциска иднина, се огласи американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Габриел Ескобар, кој на онлајн средба со бугарските медиуми изјавил дека САД се надеваат оти Северна Македонија и Албанија ќе ги започнат преговорите за членство со ЕУ во текот на оваа година. Притоа, како што беше пренесено, Ескобар нагласил дека САД се убедени оти Северна Македонија и Албанија направија важни, понекогаш, како што кажал, и болни реформи, за да се придвижат кон членството во Европската Унија. Затоа, според него, двете држави заслужуваат да ги започнат преговорите што е можно поскоро.
– Се надевам дека сите европски држави ќе ја разберат стратегиската важност од тоа да им дозволат на овие две држави да ги започнат преговорите за членство. Се надевам дека Европската Унија, како и одделните земји-членки ќе ја осознаат стратегиската важност на европската интеграција на балканските држави – објаснил Ескобар.
Но „надежите“ што, засега, само ги демонстрираат високите претставници на САД, каков што е Ескобар, звучат збунувачки кога се знае дека, наспроти заложбите на САД, ЕУ е таа што работи на терен и која, во крајниот случај, ги сноси последиците од сите можни разврски на овој проблем, како и поради сѐ повеќе потенцираните разлики во однос на она што како свои стратегиски определби го дефинираат двете страни.

Со бурбон во рацете и со пури во устите, денес веќе не се уредува светот?

Експертот по меѓународното право и политика Денко Малески смета дека, исто како и целата ситуација, и одговорот на една од претпоставките дека „ЕУ како продолжена рака на САД“ елегантно ќе ја оствари, „надежта“ на Вашингтон, е премногу комплексен.
– Не може да се одговори толку директно. Еднаш, поранешниот претседател на САД, Барак Обама, објасни дека не е ова време кога Черчил, Рузвелт и Сталин, со бурбон во рацете и со пурите во устите кажуваа како да се уреди светот. Светот денеска е покомплициран и улогата на Америка е да соработува со своите партнери, а не да им издава наредби. Ова што сега го имаме е само став на САД, кој може да се протолкува како притисок врз ЕУ, но исто така и како притисок врз нејзината членка Бугарија – објаснува Малески.
За тоа какви се шансите „притисокот“ да резултира со некаков поволен ефект за Македонија, Малески настапува со умерен оптимизам.
– Посетата на Фон дер Лејен и нејзините зборови беа мошне изненадувачки: дека со сѐ срце нѐ чекаат во Унијата. Јас верувам и дека такво е расположението во поголемиот дел од Унијата, но проблемот е во демократизацијата на одделните нејзини членки. Охрабрува тоа што ЕУ директно и активно е вклучена во активностите за надминувањето на спорот со Бугарија, додека САД засега во сето тоа се инволвираат само декларативно. Дали тоа ќе биде доволно, допрва ќе видиме. Мојот оптимизам доаѓа оттаму што ЕУ навистина е ангажирана околу овој проблем, иако останува железното правило дека сојузите се формираат заради одбрана на интересите на своите членки – констатира Малески.

Упадот на Ескобар, сепак, демонстрира сила и убедување

Инаку, конфузијата во односите помеѓу големите сили што се рефлектираат на овдешните простори, можеби најдобро може да се илустрира со последниот „упад“ на Ескобар на состанокот за неодамнешната ситуација на Косово, што помеѓу претставниците на Белград и на Приштина се одржа во Брисел. Неговото присуство, според повеќе извори, не било најавено, по што некои од регионалните аналитичари тоа го коментираа како доказ дека Европската Унија не настапува како самостоен фактор.
– Тоа е во спротивност со заложбите на Франција и на Германија дека ЕУ треба посилно да се наметне како, наводно, суверениот фактор во решавањето на отворените меѓународни проблеми – оценил по средбата некогашниот српски дипломат Милисав Паиќ за регионалните медиуми.
Дали и како таквата неусогласеност на, сѐ уште, барем формално, западните сојузници, ќе се рефлектира врз состојбите и иднината на Македонија, засега никој не се осмелува да прогнозира, пред сѐ поради неизвесниот исход од самите усогласувања во западноатлантскиот сојуз. Д.М.М.