Доколку се точни информациите дека Грција гласала воздржано во однос на доделувањето датум на Македонија, тоа значи дека нашиот јужен сосед го прекршил Преспанскиот договор, со кој се обврза дека ќе не поддржува на патот кон евроинтеграциите. Истовремено, недоделувањето датум од страна на Брисел исто така може да се толкува како погазување на Преспанскиот договор

Одложувањето на неизвесноста за добивање датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, барем до октомври, од различен аспект ги стави под знак прашалник сите политички ризици што ги презеде власта водена од уверувањето дека таквите потези најбрзо ќе ја подигнат рампата на Унијата, која по добивањето на статусот земја-кандидат во 2005 година никако да се подигне. И покрај јавно изразеното задоволство од страна на македонскиот премиер Зоран Заев од заклучокот на Советот на министри на ЕУ за повторно да го разгледува извештајот на ЕК за Македонија (и Албанија) во октомври и тогаш да одлучува за опциите за доделување датум (одделно или во пакет) за двете земји, со оглед на многу поранешни искуства на одложување на исполнувањето на ветувањата од страна на Унијата, македонската јавност не е убедена дека и за четири месеци ќе биде донесена одлука.

Во заклучокот од состанокот министрите на ЕУ во Луксембург, на 18 јуни, „Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор без преседан и добро ја зема на знаење препораката на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија врз основа на позитивната евалуација и направениот прогрес во исполнувањето на условите идентификувани од страна на Советот. Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се наврати за постигнување јасна и суштинска одлука најбрзо што може и не подоцна од октомври 2019 година“.

Споменувањето на Преспанскиот договор во заклучокот на Советот на ЕУ, во македонската јавност ја отвора дебатата за улогата на Грција при донесувањето на заклучокот за Македонија. Имено, според спогодбата меѓу Македонија и Грција (Преспанскиот договор) за надминување на разликите околу историското име на нашата земја, во „замена“ за големиот број отстапки и ризик од национално обезличување, Македонија треба да ја добива поддршката од Грција (освен што веќе нема да ја блокира) на патот од евроинтеграциите. Во неофицијалните информации што се појавија од текот на дебатата во Советот на министри на ЕУ, меѓу другото, беше наведено дека седум земји биле против Македонија да започне преговори за членство (Франција, Холандија, Германија, Данска, Луксембург, Белгија и Шпанија), додека Грција била воздржана. Некои од земјите биле против почнување на преговорите во овој миг, некои имале технички (Германија поради одложената расправа за извештајот на ЕК во Бундестагот), но и суштински аргументи (Франција – поради недонесувањето на законот за јавно обвинителство, а од други земји-членки имало и забелешки за немање пресуди за обвиненија за висока корупција). Од друга страна, Владата некако неубедливо ја демантираа информацијата пласирана на социјалните мрежи за „седумте земји против“, со изјава дека „немаат таква информација“.

Во секој случај, дефинитивната одлука на Советот на ЕУ е дека повторно ќе се наврати на прашањето за датумот за преговори со Македонија во октомври. Во досегашните десетина обиди на земјава за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, речиси секогаш однапред се знаеше дека Грција ставаше вето на одлуката, па речиси и не постоеше интерес дали некоја друга земја-членка на ЕУ имала против во гласањето за започнување на преговорите. Пред годишниот самит на ЕУ, втор по потпишувањето на Преспанскиот договор, грчките медиуми проценуваа дека Македонија и овој пат нема да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, но првпат Грција нема да биде виновна за тоа. Од друга страна, посочената воздржаност на Грција во дебатата за започнување на пристапните преговори со ЕУ ја наметнува дилемата дали Преспанскиот договор (и другите добрососедски договори) е гаранција за Македонија дека патот до вистинско почнување на евроинтеграциите е навистина отворен.

– Очигледно е дека нема гаранции за ништо. И лани добивме препорака за добивање датум за почеток на преговорите во јуни оваа година, но, еве, не го добивме. Ако го читаме прецизно сегашниот заклучок на Советот на ЕУ, во кој пишува дека „со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на прашањето ќе се наврати за постигнување јасна и суштинска одлука најбрзо што може и не подоцна од октомври 2019 година“, сепак нема гаранција дека одлуката ќе биде позитивна. Исто така, немаме гаранција дека нема да ни бидат поставени и нови услови во октомври. Може да биде констатирано на Советот на ЕУ дека сме го исполниле потребниот услов, но дека не се исполнети доволно услови. Во тој поглед, ниту Преспанскиот договор ниту кој било договор не ни е гаранција дека нема да добиеме нови услови од ЕУ- вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.
Сепак Кржаловски лично очекува дека нема да бидат поставени некои други пречки во октомври на евроинтегративниот пат на Македонија, иако проценува дека не постои гаранција за конечна позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври.
Шефот на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, по одложувањето на одлуката на Советот на ЕУ, на дебата во грчките медиуми изјавил дека е задоволен што „почитувањето на договорот од Преспа во целост веќе е услов за соседите (Македонците) да имаат иднина во Европа“.

Иако, почитувањето на Преспанскиот договор очигледно е поставено како неприкосновен услов за Македонија, но не ја обврзува Грција и да ја поддржува во евроинтеграциите, одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, ѝ забележува на ЕУ за хипокризија, затоа што ја притискала Грција да го постигне Преспанскиот договор.

– Овде постои хипокризија, бидејќи Европската Унија, која ја притискаше Грција за да се постигне овој компромис – штетен според мислењето на Нова демократија и на мнозинството од грчкиот народ – толку многу притискаше за брзо да одат работите, и иако се постигна, сега вели не одиме напред со интегративниот процес и ова е едно прашање што уште еднаш го задира кредибилитетот на Унијата. Јас сум против тоа да ги издигнеме очекувањата за државите од Балканот и потоа да се појави незадоволство, бидејќи ова води кон одново појавување на национализмот, а тоа е погрешно – изјавил Кумуцакос за грчките медиуми.