Фото: Маја Јаневска-Илиева

И по два дена откако се одржа свечената церемонија пред Владата по повод подигнувањето на знамето на НАТО, сѐ уште останува нејасно каде закочи комуникацијата меѓу двете највисоки институции во државата, Владата и претседателот на државата, што резултира со неприсуство на шефот на државата на свечената церемонија.

Првите велат дека уредно испратиле покана до претседателот на државата за присуство на настанот и преку електронска пошта, но и преку курирска служба, додека од кабинетот на Иванов одговараат дека воопшто не добиле покана за настанот. Дали се работи за недоразбирање, нетрпеливост или техничка грешка во комуникацијата меѓу највисоките државни институции, останува нејасно.

Но она што загрижува и фрла темна дамка е впечатокот на неодговорност, несериозност, па дури и комичност во објаснувањата.

Во време на интернет-револуција, модерна технологија, можност за комуникација и поврзаност со целиот свет, технолошки иновации, но и физичка близина на двете институции, безмалку несериозно, па дури и комично е да се помисли дека не може да се достави една покана.

Тоа само по себе говори за целосна некоординираност, некохерентност, па и недисциплина внатре во институциите, што, секако, е лош пример за целокупната јавност, и домашна и странска. Што ќе кажат другите високи гости и што ќе мислат за нас како држава кога ќе разберат дека, замислете, еден дел од државниот врв не присуствувал на церемонијата поради проблем со комуникациите и доставување покана?! Ако не сме во состојба да извршиме како што треба една толку минорна и банална задача како меѓусебна елементарна комуникација и разменување информација за важен настан, тогаш како ќе ги правиме силните и успешни реформи што ни претстојат и за кои се потребни соработка и координираност меѓу водечките државни институции.

Не навлегувајќи во тоа кој и зошто можеби потфрлил или не, дали од Владата или од кабинетот на претседателот, лошиот впечаток и грдата слика паѓаат врз целата држава. Оваа по малку комична ситуација покажува комплетна неусогласеност на државните институции, кои, пак, треба да бидат пример за другите институции во земјава како се функционира на патот на Македонија кон полноправното членство на ЕУ и НАТО. По настанатата збрка помеѓу кабинетот на претседателот Иванов и Владата, но и каде отишла поканата и кој ја примил и зошто отсуствуваше претседателот Иванов на свеченоста по повод подигањето на знамето на НАТО пред платото на Владата, „Нова Македонија“ побара коментар за настанот од лица што гледаат од повеселата страна на животот.

Горан Ѓуровски, или Зевзек Ѓуро, од хумористичната емисија „Зевзекманија“, вели дека целата оваа ситуација со неуспешните преписки и дописите меѓу Владата и кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов не е од сега.

– Проблемот со слабата комуникација на државните институции во земјава се провлекува од поодамна. Конкретно, слабата кореспонденција меѓу Заев и Иванов датира уште од пред две години, кога премиерот требаше да го добие мандатот за формирање нова влада по изборите, а Иванов не знаеше во која фиока го ставил мандатот- вели Ѓуровски.

Па, како што објаснува Ѓуро, се чекаше повеќе од три недели да му каже на Заев да дојде да му го додели мандатот за состав на влада. Овој пат проблемот не е до стручните служби и курирот, туку до гулабот писмоносец, објаснува Зевзек Ѓуро.

– Гулабот писмоносец зарикнал по пат од загадениот воздух што деновиве го дишеме сите, па се спуштил на земја да пие вода тука некаде кај студентскиот дом „Пелагонија“. Пиејќи вода, нели да го проплакне грлото, случајно го увиделе социјално загрозените деца-студенти, кои во тој момент биле гладни, па го заклале.

Случајот веднаш бил евидентиран кај стручните служби на Владата, но, како што дознав, нема да има какви било последици по студентите, бидејќи тие се социјално загрозени, односно едвај крпат крај со крај, па за овој случај ќе им биде простено – вели Зевзек Ѓуро.

Познатиот комичар Ѓуровски додава дека кога не стигна мандатот кај Заев од Иванов пред две години, тогаш причината беше меѓу другото и до писмото, односно тоа беше претешко за носење, па поштарот го носеше со денови.

Различно размислува битолскиот актер и стендап-комичар Марјан Георгиевски. Тој, за разлика од Ѓуровски, смета дека спротивставените тврдења од кабинетот на претседателот и од Владата имаат само еден логичен одговор зошто Иванов не бил известен за церемонијата пред платото на Владата.

– Мое стручно мислење е дека и двете институции ја чекале Мира Дизел да си го вработи третиот внук за да го однесе писмото. До тоа не стигнало, бидејќи пред церемонијата во Владата сѐ уште не им било потврдено дали внукот добил решение за работа, па оттаму не можеле со сигурност да му кажат да ја однесе поканата до Иванов. И покрај јавните преписки и обвинувања ,случајот мислам дека нема да ѝ биде соопштен на јавноста бидејќи ќе фрли сенка дека сме
несериозна земја-кандидат за ЕУ и за НАТО – завршува Георгиевски.

Празни столчиња на церемонијата пред Влада
Фото: Игор Бансколиев