Како клучна и решавачка, грчките медиуми ја карактеризираат денешната средба во Виена на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас со специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц.

Новинарите кај јужниот сосед, потсетуваат дека разликите остануваат непроменети, а тоа се грчкото барање за ерга омнес, односно име за севкупна употреба и уставна ревизија.

– Господата Коѕијас, Димитров и Нимиц ќе ги разгледаат сите прашања што се веќе договорени на досегашните одржани преговори и ќе ги одвојат темите „трнови“ што уште ги држат далеку Атина и Скопје. Како основен „трн“ се појавува опсегот на употреба на новото име, бидејќи Атина инсистира на име за севкупна употреба и за сите, додека пак ПЈРМ преферира „двојно име“, односно име за меѓународна употреба и задржување на уставното име за употреба во внатрешноста, објавува грчкото радио „Атина 984“.

– Сите чекори што требаше да ги направиме, ги направивме – рекол владин претставник за грчкиот информативен портал „Iefimerida“ и додал дека другата страна, односно Македонија, треба да ги направи останатите чекори.

Според порталот, грчката влада тврди дека не постојат временски ограничувања, а преговорите продолжуваат.

Весникот „Катимерини“, пак пишува дека според одредени информации, медијаторот Нимиц, особено по континуираните средби на Димитров и Коѕијас, оценува дека „нивото на преговори меѓу Атина и Скопје е понапредно од било кога до сега, нешто што во суштина ги олеснува предусловите за договор“.

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“ коментира дека „не е мал бројот на оние од Западот“ што ја притискаат Грција и повикувајќи се на дипломатски извори пишува дека е постигнат договор за техничките прашања.

– Но, во суштина, се чини дека Скопје се појавува побескомпромисно во преговорите. За многумина, оваа разврска покажува дека во позадина, пријателите и партнерите на Грција во НАТО и ЕУ веројатно немаат намера да извршат притисоци кон Скопје за отстапки, туку ја притискаат грчката страна кон отстапка од „црвената линија“ за сложено име за севкупна употреба (ерга омнес) и од барањето на Грција да се отстранат сите иредентистички наводи од Уставот на Скопје, пишува „Прото тема“.

Грчките медиуми споменуваат дека двајцата шефови на дипломатиите, веќе следната седмица, на 3 и 4 мај, ќе имаат нова средба во Солун во рамките на квадрилатералниот состанок на министрите од Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција, а потоа и во Сунио, за време на Конференцијата за Европа на 11 и 12 мај.