Карикатура: „Нова Македонија“

Исламските џихадисти не избираат држава за да го дестабилизираат регионот

Според извори од грчките безбедносни служби, нашата земја но и поширокиот регион се загрозени поради присуството на десетици етнички Албанци, кои во изминатите неколку години се бореле за Исламската држава и за други радикални исламистички групи во Ирак и во Сирија.
Конкретно, грчката полиција (ЕЛАС), односно секторот за борба против тероризмот, има прецизни разузнавачки податоци и информации за 156 осомничени џихадисти, кои кај нас и во регионот имаат реален потенцијал, во пошироки размери со употреба на различни радикални, милитантни и брутални методи, да предизвикаат човечки и материјални загуби за да го заплашат населението, да предизвикаат паника и страв и наедно да остварат видливост и присуство на своите припадници и нивните „активности“ на овие простори.

Во врска со ваквите безбедносно-сензитивни податоци, разузнавачки извори потврдија и дека повеќето од безбедносно-интересните лица се лоцирани, тие се под безбедносен третман, а во врска со тоа сите служби од регионов, чии делегации беа присутни на состанокот во Солун што се одржа во декември 2017 година, беа детално информирани. На состанокот и претставниците на нашите безбедносни служби ги информирале своите колеги од регионов дека имаат подетални информации и за свои граѓани, етнички Албанци, сега обучени милитантни „џихадисти“, кои заминале за Сирија и за Ирак меѓу 2013 и 2015 година за да им се приклучат на ИД и на фронтот Ал нусра, кој е поврзан со Ал каеда. Оттогаш се смета дека најмалку 86 од овие милитантни борци се вратиле во татковината.

Меѓутоа, извори од Грција брифираат дека нивните безбедносни органи изразиле загриженост поради тоа што размената на безбедносно-разузнавачки податоци по состанокот во Солун е во застој.

Имено, грчките разузнавачи се незадоволни бидејќи не добиле никакви информации во врска со случајот на планиран „терористички напад“ на поддржувачи на ИД во државава од минатата недела, како и за лицата што биле инволвирани во планирањето како и во врска со заплената на „предмети и направи поврзани за можен напад“. Грчки полициски извори изразиле незадоволство бидејќи не добиле некакви првични резултати од истрагата за спречениот напад во нашата земја.

Да потсетиме, во врска со спречените терористички напади и акцијата на нашите безбедносни служби, и американската амбасада исто така изрази загриженост.

Службите од амбасадата излегоа со безбедносно предупредување за „зголемен ризик од терористички напади инспирирани од екстремистичката идеологија во Северна Македонија“.

„Терористичките организации и поединци инспирирани од екстремистичка идеологија имаат цел да напаѓаат цивили, вклучувајќи американски граѓани што патуваат во странство“, се вели дека во соопштението на амбасадата за употребата на „помалку софистицирани методи за целење на толпа граѓани на јавни места, вклучувајќи пиштоли, возила и ладни оружја“.

Ваквото соопштение уште повеќе посеа паника меѓу македонските граѓани, а од безбедносно-разузнавачките служби од соседството беа преземени и превентивни мерки за спречување појава на безбедносни жаришта од овој вид и во нивните земји.

Во тој контекст, грчките безбедносни служби, поради несоработката со нашите служби, изразија и јавно негодување, што фрла поинаква светлина на целиот случај со спречувањето на планираните терористички напади кај нас. Официјалното соопштение од нашето надлежно министерство сѐ уште се чека. Меѓутоа, веројатно, заради дополнителни подлабоки оперативни истражувања, и во насока докрај да се расветли споменатиот случај, јавноста и медиумите уште малку ќе почекаат.