Циклонот „Зорбас“ е првата, а референдумот во Македонија денеска е втората најважна вест во грчките медиуми. Во неделните изданија на весниците, на информативните портали, во политичките емисии на радио станиците, во вестите, во информативните и дебатни емисии на грчките телевизии, гласањето кај нас, веднаш по невремето, го монополизира вниманието на грчката јавност.

Дописничката на МИА од Атина јавува дека голем дел од грчките медиуми имаат испратено новинари во Скопје кои уште од петокот известуваат за климата во Македонија, за анализите и процените, но и за важноста на денешниот референдум. На грчките телевизии има јавувања во живо од македонската престолнина.

Грчките новинари освен што ги пренесуваат главните информации и податоци поврзани со референдумот, во однос на тоа колку граѓани имаат право на глас, кога отвораат, а кога затвораат гласачките места, кога ќе бидат познати првичните резултати од ДИК и слично, коментираат дека она што е најважно, не е дали мнозинството ќе гласа „за„ или „против“, туку дали ќе има излезeност.

Референдумот и резултатите во Грција, директно, се поврзуваат и со домашната политичка сцена, со оглед на тоа дека со позитивниот исход, топката полека ќе се префрли на грчки терен.

Анализите во Грција се околу сценаријата за опстанокот на грчката Влада, односно кои би биле следните чекори на коалицискиот партнер Панос Каменос, кој е против Договорот од Преспа и во изминатите месеци излезе со различни најави, од барање договорот да се гласа со зголемено парламентарно мнозинство, па се до последниот став дека Независни Грци ќе се повлечат од владата. Но, се анализираат и следните чекори на опозициската Нова демократија која не отстапува од ставот дека договорот е штетен за Грција. Медиумите не ја исклучуваат можноста, најголемата опозициска партија да достави нова иницијатива за гласање недоверба на владата, со оглед на тоа дека кон средината на декември ќе поминат шесте месеци од последната иницијатива со што одново ќе имаат право да побараа гласање недоверба.

Речиси на сите насловни страници на неделните изданија на грчките весници, одвоен е простор и за референдумот во Македонија. МИА ги пренесува насловите и поднасловите на текстовите посветени на денешното гласање:

Катимерини“: „Излезеноста е клучот“;

То вима“: „Гори сојузот Ципрас – Каменос“ – Бура во Атина од референдумот- трилер во Скопје;

Прото тема“:„Референдум за двајца (Заев – Ципрас)“ – ЕУ и САД дадоа се за „да“- Што ќе значи резултатот;

Реал њуз“: „Политичката сцена жив песок“ – Ураганот од Преспа ги брише малите партии;

Етнос“: „Се ќе зависи од излезноста“;

Авги“: „Критичен глас, историска шанса“ – денес референдум во ПЈРМ

Грчките медиуми, освен сценаријата, ги пренесуваат и ставовите и изјавите опозициските партии во Грција.