Фото: Игор Бансколиев

Според експертите по уставно право, за државно име во меѓународното право одлучуваат единствено граѓаните/државјаните на државата, а не други држави или ООН. Оттаму невозможно е да се реализира тоа што го бара Грција ако доследно се почитува меѓународното право

И неколку дена по последната рунда разговори во Охрид помеѓу шефовите на дипломатиите Никос Коѕијас и Никола Димитров, во домашната јавност не стивнуваат реакциите и многубројните дилеми што ги отвори предлогот за вметнување некаква „временска рамка или клаузула“ што ќе се однесува на евентуалното идно решение околу наметнатиот спор за името помеѓу Грција и Македонија. Меѓу многубројните дилеми што ја збунуваат македонската јавност е како и колку оваа нова точка во преговорите со Грција ќе влијае суштински на целиот процес, какви и кои потенцијални опасности ги носи таа за македонските национални интереси и зошто евентуалната ваква временска клаузула е јамка околу вратот на Македонија во спорот со Грција.

Правните експерти и стручната јавност се едногласни дека можеби е рано да се предвидат ефектите и сите последици од временската клаузула. Сепак, тие предупредуваат дека кон неа треба да се пристапи крајно внимателно и превентивно за потоа да не се најдеме во ситуација во која како држава ќе бидеме ставени во подредена позиција и на штета на нашите национални интереси. Универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека во овој момент, бидејќи се немаат сите елементи од разговорот каде и како би се вметнала „временската клаузула“, сѐ уште е рано да се толкува како клаузулата би се одразила на евентуалното идно решение за името и како истата таа потоа би се отсликала правно врз државата и врз Македонија.

Но тој нагласува дека временската рамка би можела да биде алатка за Грција трајно да си ги оствари своите барања, за разлика од едно нагло решение и дека со временската клаузула другата страна ќе си ги оствари интересите постепено и во подолг процес. – Во моментов јас „временската рамка или клаузула“ едноставно ја разбирам како алатка за меѓународните договори и како навестувач за некоеси можно постигнување решение во иднина. Но морам да истакнам дека во оваа ситуација, можно е како во народната поговорка, и морковот и стапот да се во рацете на Грција. Тоа би значело дека тие со оваа клаузула или временска рамка би можеле трајно да си ги остварат своите барања, кои за разлика од нагло решение ќе се остваруваат постепено и во подолг процес – вели Давитковски.

Временската рамка би можела да биде алатка за Грција трајно да си ги оствари своите барања, за разлика од едно нагло решение и дека со временската клаузула другата страна ќе си ги оствари интересите постепено и во подолг процес

Професорот напоменува дека актуелната власт во Грција, наскоро ќе оди на избори и верува дека „временската рамка“ што сега е промовирана во Охрид, тие би можеле да ја искористат за пред тамошната политичка сцена, значи за внатрешна употреба, и пред гласачите да истакнат дека Грците се практично тие што победиле во спорот за името и кои со овој механизам ги наложиле условите за тоа како ќе биде завршен спорот, но со единствена разлика дека сето ќе се случи низ подолг временски период.

– Натаму, со „временската рамка“ хипотетички Македонија би можела да ги почне процесите за членство во НАТО, но кога ќе дојде до гласањето во националните парламенти на земјите-членки, особено на оној во Атина, Грците би можеле да ја активираат рамката и да влијаат на решението бидејќи од него ќе зависи нашето членство во Алијансата. Дополнително, првото проширување на ЕУ е закажано да се случи најрано 2025 година, што значи дека временската рамка е можно и тогаш да се користи како алатка што ќе се употребува најмалку седум години, ако целиме да станеме и членка на Унијата.

Па теоретски е можно дотогаш етапно од Атина да биде искористувана – вели Давитковски. Професорот предупредува дека теоретски е исто така можно Грција етапно да ги ползува временската рамка или клаузула, на пример за промена на името на нашата земја, за тоа дали името ќе биде ерга омнес или не, за неговата употреба во разните сфери на живеењето па дури и за промена на Уставот… Професорот подвлекува дека рамката едноставно купува време во процесот и тоа народски би значело дека со неа се oдложува конечното решавање процес, во кој Македонија ќе биде страната што ќе мора да ги трпи последиците, а Грција ќе биде страната што едноставно ќе мора да почека подолго за да го добие бараното.

Професорот истакнува дека е можно со клаузулата да се заобиколи и референдумот за конечното решавање на спорот, односно преку временската рамка нема да има референдум за името бидејќи ние и онака веќе ќе го почнеме влезот во процесот за зачленување во НАТО. Професорката по уставно право и политички систем Тања Каракамишева, пак, е со став дека временската рамка, а со тоа и самите преговори за промена на нашето име, идентитет, јазик и сѐ што следува се прв и веројатно последен преседан што е виден во меѓународното право и во меѓународната практика. Според неа, не може да се искористи никаква временска рамка за крајно решение бидејќи нема случај каде што во директни преговори на две страни што се сметаат за легитимни претставници на држави, одлучуваат да се промени државното име, националниот идентитет и јазик на едната страна, заборавајќи или замижувајќи го најважниот правен факт дека станува збор за основни атрибути на една држава без кои државата го губи значењето на држава.

– Се заборава или не, не ми е познато, дека за државно име дали да биде вакво или онакво власта на државата, во согласност со Уставот, и во согласност со меѓународното право не може да преговара, бидејќи прашањето е од таква природа што не може да биде предмет на договор – објаснува професорката. Таа истакнува дека за државно име во меѓународното право одлучуваат единствено граѓаните/државјаните на државата, а не други држави или ООН. – Исто така, за уставноправниот идентитет на државата можат да одлучуваат само граѓаните на РМ, бидејќи истиот тој не е предмет, ниту може да биде предмет на меѓународна или на билатерална одлука.

Меѓународните договори во согласност со меѓународното договорно право не можат да создаваат ниту да оправдаат активирање надворешни механизми за вмешување во прашања што имаат домашен, внатрешен карактер, а уште помалку може да се бара со меѓународен договор да се менува Уставот на РМ, бидејќи највисокиот правен акт на државата е по дефиниција прашање што потпаѓа под строга внатрешна јурисдикција на државата, дури и во согласност со Повелбата на ООН. Невозможно е ова што го бара Грција да се реализира ако строго го следиме меѓународното право – објаснува Каракамишева. Според неа, од друга страна, ООН не можат да инсталираат надворешни механизми за мешање во прашања од домашниот внатрешниот правен поредок.

– Постојните резолуции на Советот за безбедност бр. 47/225, бр. 817 и бр. 845 се директни вмешувачки акти во прашања што влегуваат во внатрешната надлежност на правниот поредок на РМ и како такви се спротивни на меѓународното право. Уставното име на државата е основна уставна категорија и како такво е во исклучива, во ексклузивна надлежност на државата и на граѓаните на РМ. Ова е нашиот клучен правен аргумент со кој можеме да бараме поништување на сите досегашни правни акти донесени во ООН – вели Каракамишева. Оттаму кон сите вакви предлози и иницијативи треба внимателно да се пристапи за да не се предизвика непоправлива штета врз државните и национални интереси, тврдат експертите.