Договорот за името помеѓу Грција и ПЈР Македонија беше поддржан од парламентот, и покрај интензивната конфронтација помеѓу партиите и болните поделби во грчкото општество. Меѓународната заедница го пофали потегот на Атина, слично на начинот на кој ги поздрави уставните промени во Скопје, пишува главниот уредник на англиското издание на „Катимерини“, Том Елис, во колумната за ратификацијата на Преспанскиот договор, насловена „Грција по Преспа“. 

Конфронтацијата беше жестока, честопати преминувајќи во екстремистичка. Беа организирани повеќе протести против спогодбата, на кои излезеноста беше голема. Не беа присутни само десничарските и фашистичките елементи. Голем дел од демонстрантите беа добронамерни патриоти. Како и луѓето што останаа дома. Тие ги вагаа фактите низ сопствената призма и одлучија да го поддржат Договорот од Преспа. Нема патриоти и предавници. Само различни проценки и приоритети.

Во тој контекст, објавата на опозицискиот лидер Кирјакос Мицотакис дека нема некого да го нарече предавник бидејќи го поддржува Преспанскиот договор, исто како што нема да го поддржи насилството кое неодамна го видовме, беше добредојдена и корисна. 

За оние што ја следеа македонската сага од почетокот, од владата на Мицотакис и првите напори за посредување на Сајрус Венс, со сите пропуштени прилики и значителните штети на националните интереси, спогодбата претставува достоинствен компромис. Договорот секако доаѓа со отстапки, некои од нив се болни, како што е вообичаено со секоја тешка спогодба што е резултат на мачни преговори, кои во овој случај што траеше безмалку три децении. 

Многу беше кажано за време на расправата во парламентот, вклучувајќи претерани и потполно неточни коментари. Можеби најинтересна беше конфронтацијата помеѓу двајца поранешни министри за надворешни работи – Никос Коѕијас и Дора Бакојани. Нивната размена беше политичка, врз основа на аргументи и докази, и покрај личните разлики. Луѓето можеа од неа да извлечат лични заклучоци.

Гледајќи наназад, ќе беше подобро доколку премиерот Алексис Ципрас и главниот опозициски лидер Кирјакос Мицотакис постигнеа меѓусебно разбирање зад затворени врати. Исто така, доверливите документи и телеграми на Министерството за надворешни работи, не требаше да бидат претставени пред јавноста. Но тоа не може да се поништи.

Сега Грција треба да се справи со тоа што следи. А под Грција, мислам на Грците. Ципрас е премиер денеска, но Мицотакис би можел да биде на неговото место утре. Ниедна страна не се држеше настрана од популизмот. Грција веќе не може да си го дозволи тоа. 

– Клучна национална цел треба да биде промената на односите со ПЈРМ во корист на државата. Ова значи засилување на нашето пријателство и продлабочување на економската и на комерцијална соработка. Згора, треба да дипломатски да ја искористиме состојбата во која, за првпат по повеќе децении, Грција е дел од решението, а не проблемот – пишува Елис.

Политиката настрана, ова има влијание врз општеството. Обичните луѓе беа поделени на неоправдан начин. Затоа, уште една национална цел треба да биде зацелувањето на раните. Тоа нема да биде лесна задача. За процесот на заздравување ќе биде потребно време, но мора да почне без одложување. Тоа е обврска на политичарите, интелектуалците и особено на нас во медиумите.