Ценејќи и судејќи според официјалните изјави што доаѓаат од Атина, впечаток е дека Грција воопшто не се придржува кон договорот од Преспа и продолжува да ја ословува Македонија како Скопје или БЈРМ, за што потврда е последната изјава на грчкиот министер за одбрана Никос Панајотопулос, кој вели дека императив е да се потпише договор за мониторинг на воздушниот простор со Скопје. Но ако Грција се изјаснува само за небото над Скопје, кој ќе го контролира тогаш небото над Струмица, Прилеп, Битола, Охрид, Велес и другите македонски градови и села? И додека за Грција е од национален интерес контролата на нашето небо, на истото тоа претендираат и Бугарија и Турција и други земји-членки на НАТО

Дали и колку грчките политичари и високи државници ги почитуваат и се придржуваат до одредбите на Преспанскиот договор и колку овој договор ги обврзува да ја ословуваат нашата држава со новото, променето име. Ценејќи и судејќи според официјалните изјави што доаѓаат од Атина, впечаток е дека Грција воопшто не се придржува кон договорот од Преспа и продолжува да ја ословува Македонија како Скопје или БЈРМ. За ова има редица примери, од кои последниот доаѓа деновиве, кога грчкиот министер за одбрана Никос Панајотопулос во интервју за „Катимерини“ нашата земја ја ословува како Скопје, наместо со новото, променето и сега уставно име и додава дека договорот за соработка во одбраната и не е толку лош колку што има негативни страни Преспанскиот договор.
– Договорот за соработка во одбраната е резултат на договорот од Преспа. Резултат што не е толку негативен како и негативните аспекти на овој договор. Во овој контекст, ќе се потпише договор меѓу шефовите на генералштабовите за воздушниот простор на Скопје. Мислам дека е во интерес на нашата земја, затоа што ако не се случи тоа, ќе им овозможи на други земји, главно Турција, која изрази интерес, но можеби и Бугарија, која исто така изрази интерес, но без воопшто да ги има потребните ресурси. Затоа, во овој момент е императив да се потпише договор за мониторинг на воздушниот простор со Скопје, бидејќи тоа е во национален интерес – вели Панајотопулос за грчкиот весник.
Значи, за Грција од национален интерес е да го контролира небото над целата наша држава, која Панајотопулос, избегнувајќи да го спомене зборот Македонија, ја сведува само на небото над Скопје.

На ваквата негова изјава, веројатно со доза иронија, може да се постави и дилемата – добро, а кој ќе го контролира тогаш небото над Струмица, Прилеп. Битола, Охрид, Велес и другите македонски градови. Ако Грција се изјаснува само за небото над Скопје, што станува со другите македонски градови и села. Или можеби секоја членка од НАТО ќе земе по свое понекој македонски град и село и ќе ги штити од воздух?!
Инаку, за потсетување, уште на втори април годинава, при посетата на Скопје на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, беше потпишан нов сеопфатен договор за соработка во одбраната, а во него се наведени областите на соработка од заемен интерес. Веднаш потоа беше објавено дека двете земји начелно преговараат грчките воени авиони да патролираат над македонскиот воздушен простор, во рамките на НАТО-програмата за оваа намена, насловена „Ер полисинг“. Веќе следниот месец, утрото на 21 мај, во два прелета грчки воени авиони „Ф-16“ од 110-от баталјон на грчката војска стациониран во градот Лариса го извршија првиот пробниот лет над нашето небо.

Во меѓувреме, бугарскиот весник „Сега“, во написот насловен „Грчки, а не бугарски авиони ќе го чуваат небото над Северна Македонија“, потсетува дека неодамна тамошниот премиер Бојко Борисов во јавноста се фалел со информации дека Бугарија ќе го штити небото над Македонија со своите нови осум американски авиони што треба да ги набави.

Весникот натаму ја коментира изјавата на грчкиот министер Панајотопулос, кој потврди дека неговата земја ќе го прави тоа и заклучува дека тоа е потсмевање со изјавата на Борисов.

Бугарскиот весник истакнува дека, очигледно, Борисов ќе треба да почека за да ги обезбедува Скопје и Македонија, бидејќи авионите што ги набавиле ќе пристигнат во Бугарија дури по три години.

Од друга страна, познавачите на политичките случувања велат дека оваа изјава на Панајотопулос е уште едно непочитување на нашата земја и најдиректна повреда на одредбите од замено потпишаниот Преспански договор. И додека Македонија направи серија болни отстапки на своја штета и се согласи да ги промени и името на државата, Грција дури не чувствува потреба да нѐ ословува со новото име, на кое самата со години инсистираше и претходно во секоја пригода нѐ уценуваше.

Во контекст на актуелните случувања, „Нова Македонија“ се обрати до македонското МНР и побара став за тоа дали Министерството планира соодветно да реагира до грчките власти по повод последната изјава на тамошниот министер Панајотопулос. Дополнително од македонските власти побаравме и објаснување за тоа колку државата ќе ја чини финансиски грчката заштита на воздушниот простор од програмата „Ер полисинг“ на НАТО и дали можеби за оваа намена биле разгледани и понудите на другите држави, Турција и Бугарија, за кои во своето интервју коментира грчкиот министер за одбрана. Сепак, до затворањето на денешното издание на весникот, од МНР не добивме одговор на поставените прашања.

Од друга страна, поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски вели дека голема заблуда и чиста лага беа уверувањата на нашите политичари дека по потпишувањето на капитулантските договори со Бугарија и со Грција, проблемите со овие земји се решени. Според дипломатот, напротив, со договорите историските проблеми со овие држави само повторно се ставени на маса, стануваат максимално актуелни и ќе ни го загорчуваат животот во следните години.

– Грчките политичари никогаш нема да прифатат ние да го користиме терминот Македонија и во каква било верзија и со какви било додавки и тоа е факт што само го потврди грчкиот министер за одбрана нарекувајќи нѐ Скопје. Нему единствено му фалеше само да каже – Република Скопје. Што се однесува до контролата на нашиот воздушен простор, дадена ѝ е голема концесија на Грција, а Турција, која е наш докажан партнер во одбраната сите овие години по распадот на Југославија, со право во овој момент може да биде бесна – вели Никовски.

[email protected]