`Карикатура: „Нова Македонија“

Ако на ова се придодаде и тивката подземна кампања што се води низ Европа, која сугерира сѐ почеста употреба на термините „северномакедонци“ за народот и „северномакедонски“ за јазикот и која се организира од неколку соседни центри, тогаш повеќе од јасно е дека Грција и Бугарија водат координиран зафат за целосно бришење на македонизмот од овие простори. Нивните неразумни забелешки се далеку од „пријателски“ и конечно треба да ги наречеме со вистинското име, односно дека нивните постапки се непријателски акт и хибридна агресија врз Македонија, Македонците, јазикот, културата, историјата…

Малку беа државните, сега Атина ги сака и македонските приватни ентитети

Грција ја користи бугарската блокада врз Македонија за и самата да издејствува работи што не се опфатени со Преспанскиот договор, иако самата речиси ништо нема имплементирано од обврските во договорот потпишан пред три години, а кои веќе требаше да ги има завршено.
Новиот притисок од официјална Атина доаѓа во моментот кога македонската влада се обидува да изнајде решение за бугарското вето, така што сега одеднаш земјава, покрај бугарските ултиматуми, треба да се справува и со новите грчки барања.
– Основен критериум за постигнување на оваа цел (се мисли на грчката поддршка на македонската евроинтеграција) е почитување на одредбите и духот на Договорот од Преспа и унапредување на добрососедските односи. Дека во самиот договор постојат проблематични точки е познато, а Нова демократија, тогаш како опозиција, навремено го изрази нејзиното спротивставување за конкретните членови. Но Договорот од Преспа е во сила и мора да се спроведе на правилен начин. Иако се направени доста чекори во оваа насока, сепак постои многу простор за подобрување, како од јавните така и од приватните ентитети – изјави министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, во интервјуто за весникот „Реалњуз“.
Повеќе од очигледно е дека Дендиас со забелешката дека „подобрување во однос на договорот е потребно и кај приватните ентитети“, навестува дека Грција излегува од рамката на Преспанскиот договор и наметнува употреба на новото име и кај приватните ентитети што не се финансирани од државата, а кои според одредбите од Договорот од Нивици немаа таква обврска.
Сега очигледно Атина ќе се обиде да издејствува дополнителни отстапки од Скопје во следниот период за да дојде до посакуваната цел, целосна „северизација“ и на државни и на приватни компании, здруженија, невладини организации, спортски друштва, медиуми…

Ако на ова се придодаде и тивката подземна кампања што се води низ Европа, која сугерира сѐ почеста употребата на термините „северномакедонци“ за народот и „северномакедонски“ за јазикот и која се организира од неколку соседни центри, тогаш повеќе од јасно е дека Грција и Бугарија водат координиран зафат за целосно бришење на македонизмот од овие простори. Нивните неразумни забелешки се далеку од „пријателски“ и конечно треба да ги наречеме со вистинското име, односно дека се непријателски акт и хибридна агресија врз Македонија.
– За жал, многупати се случува да имате многу проблеми што можеби се ставени во заден план или се затскриени и кога ни е најтешко, кога ни доаѓаат одредени критични моменти, од страната на која исто ѝ се слуша гласот таа да испорача некои стари работи за да ги исполни во тој момент, чинам дека тоа не е воопшто добрососедски иако е многу внимателно и дипломатски кажано – вели првиот македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски.
Тој додава дека македонската влада мора да формира некое тело што постојано ќе ги следи овие работи и за сите нејаснотии треба да се вршат консултации со грчката страна за да не се надминуваат веќе договорените работи.
За директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, Грција и претходно покажала дека сака да добие повеќе од Преспанскиот договор.
– Идејата на Бугарија да нè претстави како некој што не имплементира билатерален договор, ја користи Грција за да се обиде да протурка недоговорени работи што се надвор од Преспанскиот договор – вели Трошановски.

Тој додава дека Грција тоа веќе и претходно го направила, а сега со изјавата на Дендиас само се потврдува грчката намера.
– Со оглед на грчките реакции за ФФМ, за кодот МКД, па сега и за приватните ентитети, повеќе од очигледно е дека нешто се менува и Грција ќе се обиде да добие работи што не се договорени во Преспанскиот договор. Дали овој тренд е моментален или ќе продолжи и во иднина, ќе покаже времето – констатира Трошановски.
Политикологот Владимир Божиновски смета дека Грција не исполнила речиси ништо од Преспанскиот договор, а продолжува упорно да бара од Македонија да ги исполнува точките, барајќи работи и што не се во договорот.
– Многу од обврските таму беа поврзани со отворањето поглавја во преговорите со ЕУ, Македонија не ги започна преговорите, а ние упорно им угодуваме на Грците и „стругаме шахти“, сега и документи ќе се менуваат предвреме, едноставно беспоговорно се исполнуваат сите грчки барања. Од друга страна, тие ништо не спроведоа од договорот. Тие добиваат, а ние гледаме како ни еродира државата пред очи – истакнува Божиновски.