Поголемиот дел од грчката популација полека ја прифаќа промената и решавањето на спорот со Македонија, според анкета на ЕЛИАМЕП и универзитетот „Македонија“ од Солун

Какво е мислењето на Грците за Преспанскиот договор две години по неговото потпишување?  Поделбите што се случија на општествено и на политичко ниво поради промовирањето на договорот од страна на СИРИЗА се чини дека стивнаа. Сепак, дури и денес, и покрај фактот дека владата на Нова демократија прифати дека Преспанскиот договор е реалност, голем број од Грците не ги гледаат придобивките од решавањето на долгогодишниот спор меѓу двете земји, пренесува грчкиот весник „То Вима“.

Ова е главниот заклучок од анкетата спроведена од страна на Грчката фондација за европска и надворешна политика ЕЛИАМЕП, како и на универзитетот „Македонија“ од Солун. Истражувањето насловено „Грчкото општо мислење за грчко-албанските односи“, вклучува интересен дел во однос на начинот на кој Грците го прифаќаат Преспанскиот договор. Севкупно, во истражувањето учествувале 1.128 лица на национално ниво.

Несомнено, по повеќемесечните поделби, во периодот пред и по потпишување на договорот, 52 отсто од испитаниците сѐ уште веруват дека најдобро решение сепак би било име без употреба на терминот „Македонија“, додека 29 отсто проценуваат дека сложена кованица што го вклучува терминот би можела да биде прифатливо.

Оние 52 отсто кои не се согласуваат со донесениот компромис, исто така, не претставуваат најголема бројка досега. Во јануари 2018 година, кога беше достигнат врвот на политичкиот конфликт за време на решавањето на спорот, процентот на јавно мислење што се спротивстави на употребата на терминот „Македонија“ достигна 71,5 отсто, додека само 22,5 отсто беа согласни на компромис.

Засега, „политичките духови“ се потсмирени, најверојатно бидејќи Атина и Скопје најдоа стабилен начин на комуникација, како што беше потврдено од неодамнешната заедничка иницијатива за постигнување договор за продолжување на туристичките патувања на Балканот, по првичната криза. Сепак, во северна и средна Грција и натаму се забележува силно неприфаќање на спогодбата, додека се чини дека мнозинството во Атина го прифати договорот и името. 

Она што е впечатливо, е сеприсутното мислење дека нема никаква корист од потпишувањето на Преспанскиот договор за Грција. Извесно е дека и страната што го поддржуваше договорот не успева да ги објасни придобивките, биле тие геополитички или економски, туку повеќе се фокусираше на микрополитичко управување на тоа важно прашање.

Според анкетата, 49 отсто од испитаниците веруваат дека Грција не добива ништо со решавањето на спорот, додека 17 отсто одвај гледаат некоја придобивка. Уште покарактеристично е што оние што не гледаат никаква корист од договорот се од сите возрасни групи, а исто така се застапени и во левицата и десницата на земјата, со мал исклучок на поддржувачите на СИРИЗА, додека преовладуваат и во сите географски региони во земјата.