Експремиерот Никола Груевски тајно во стан во Будимпешта се состанал со заменик-државен секретар за надворешни работи на Унгарија, пренесе унгарскиот портал „444“.

Како што пренесуваат медиумите во регионот, унгарското Министерство за надврешни работи потврдило дека нивниот функционер во петокот имал состанок со Груевски, кој во ноември минатата година доби политички азил во Унгарија.

Откако новинар од унгарскиот портал во петокот го улови и сними македонскиот експремиер во бегство, беше објавена информацијата дека Груевски тој ден бил на таен состанок со заменикот во министерството, Иштван Јо.

Според „444“ средбата била во истата зграда во која новинарот безуспешно се обиде да му постави неколку прашања на Груевски.

Од унгарското министерство за порталот навеле дека нема ништо невообичаено во тоа нивни вработен да биде во контакт со човек кој бил долгогодишен премиер во својата земја.