Без ниту еден матерјален доказ, кој и не може да го има бидејќи не сум направил никакви купопродажби, и само со приказни од типот „рекла-казала” на неколку, најблаго кажано, уценети лица од власта со најбрутални методи, очекувано, уште пред 7-8 дена судот прифати да се расправа за обвинението на обвинителство креирано по наредба, пишува на социјалните мрежи, поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски.

– Тоа е она кога не те бива нешто сериозно да создадеш, изградиш, реформираш, унапредиш, да исполниш ветувања кон народот, па удираш по тој кој го направил тоа што не можеш ти, верувајки дека така ќе ја намалиш неговата, а ќе ја зголемиш својата вредност во перцепцијата на народот, и се со цел да се одржиш подолго во криминалното работeње и рекетот од позиција на власт – се наведува во објавата на Груевски.

Поранешниот премиер кој доби политички азил во Унгарија, како што вели, беснеењето на актуелната власт ќе има крај.

– Ќе дојде крајот, но и почетокот на демонтирање и вадење пред правдата, на оваа криминална банда, предводена од човек кој функционира по мафијашки принципи, слично како што функционирал кога го зголемувал својот капитал преку лихварство во струмичкиот регион, за што само параван била регистрирана штедилница, и како што функционирал при делење на стотици тендери на општина Струмица на членовите на неговото потесно и пошироко семејство и локални партиски челници, за кое пред 7 години ни објаснуваше дека регуларно си ги добиле тендерите – нагласува Груевски.