Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, доцна синоќа на Фејсбук објави, како што вели, проглас до неговата партија.

Меѓу другото, тој напиша дека кога ВМРО-ДПМНЕ е на колена, на колена е и Македонија, но и кога ВМРО-ДПМНЕ е силно и исправено, исправена и силна е и Македонија.

-Иако верувам дека и без ова мое предупредување ВМРО-ДПМНЕ нема да го направи спротивното, сепак, сакам да испратам еден проглас до мојата партија, а во врска со политичкиот прогон против мене и политички мотивираната и диригираната пресуда против мене објавена деновиве од Апелациониот (читај: политичкиот) суд во Скопје, поврзана со набавката на безбедносно заштитено возило пред 6 години. Доколку од Вас, било кој и на било кој начин, бара да направите и најмала отстапка која би била на штета на државните и националните интереси, ставајќи го тоа во корелација со запирање или ублажување на политичкиот прогон против мене, како долгогодишен водач на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација – Демократска Партија за Македонско Национално Единство и како нејзин почесен претседател и актуелен пратеник, Ве молам без размислување, без ни малку колебање, одлучно да го отфрлите таквиот непристоен предлог- напиша Груевски, обраќајќи им се на своите сопартијци.