Општиот индекс на безбедност на Република Македонија е 3,07, оценка што покажува дека безбедноста сѐ уште е ранлива како резултат на проблемите со кои се соочуваат луѓето како поединци. Индексот за регионална безбедност изнесува 3,48, но, сепак, дел од граѓаните во Македонија смета дека идејата за голема Албанија сѐ уште е жива и може да влијае во внатрешно дестабилизирање на државата.

Ова се податоци што вчера беа презентирани на промоцијата на публикацијата „Индексот на безбедност“ од авторите Цане Мојаноски и Марјан Ѓуровски.

– Врз основа на прашањата што произлегуваат од идентитетската и социетална безбедност е присутен стравот кај дел од граѓаните дека сѐ уште е жива идејата за голема Албанија или, пак, стравот дека Република Македонија до крајот на 2019 или почетокот 2020 година нема да го заокружи процесот на евроатлантски интеграции.

Токму тие интеграции се единствениот проект што ги обединува сите граѓани во Македонија. Преку ова истражување се потврдува дека единствен кохезивен проект е членството на Македонија во НАТО, кое ќе овозможи безбедносна стабилизација – истакна Ѓуровски.

Според него, токму поради тие стравови кај граѓаните, независно од нивната етничка припадност, безбедносниот систем треба посветено да работи на процесот на реформи и процена на безбедносните ризици и нужно е Македонија да ја искористи историската шанса да стане 30-та членка на Алијансата.

Професорот Цане Мојановски појасни дека анкетата е структурирано интервју. Тој вели дека во разговор во четири очи на теренската анкета што е спроведена до крајот на јануари 2018 година, 22 проценти од испитаниците се од албанска етничка заедница и напоменува дека треба да се има предвид дека некои од актуелните состојби можат да се препознаат како индикации што уште од почетокот на годината постојат како грижи кај граѓаните, но и дека во втората половина од оваа година се добива поинаков интензитет. Тоа, според него, се должи на релациите што ги оствари Македонија со соседите со потпишувањето на договорите, но и со политиките на Балканот, особено околу идеите за размена на територии или прекројување на границите.

Индексот на лична безбедност, кој изнесува 2,86, според авторите, се должи на самата околина, традицијата…, која овозможува поголем дел од нив да се чувствува безбедно во средината каде што живее, односно за тоа се изјасниле 78 проценти од испитаниците. Во испитувањето на јавното мислење граѓаните го оценувале работењето на носителите на одлуки во безбедносниот систем, а најмногу процентуално, за оценка 5, се определиле за армијата на РМ. Полицијата е оценета со 4, Владата и претседателот на РМ со 3, Собранието е оценето со 2, додека најниска оценка испитаниците дале за судството. П.Р.