Како поттекст на политичката атмосфера во земјава, во која како сила во воздухот лебди големото очекување за реконструкција на Владата, се наметнува и прашањето дали најавениот владин ремонт може да ги затегне односите на владејачката партија СДСМ со коалицискиот партнер од албанскиот блок, ДУИ. Последното меѓукоалициско искрење, кое како место на настанот ја имаше Гинеколошко-акушерската клиника, што доведе и до интервенција на министерот за здравство, Венко Филипче, кој го разреши од должност економскиот директор на клиниката, Ваљон Беља (кадар на ДУИ), некако влегува во контекстот на високиот напон во очекување на реконструкцијата. Со операцијата, симболично наречена „метла“, премиерот Зоран Заев вети дека ќе расчисти со функционерите во „своите редови“, чија работа не ги дала очекуваните ефекти.

Таквата метла Заев веќе ја спроведе на партиско ниво во СДСМ, но од јавноста доби порака дека тоа не е вистинското очекувано прочистување, туку слични потези се очекуваат и во државните институции со смена на неефикасните владини функционери, од министри па надолу, според хиерархија. Ветувањата на премиерот се дека и тоа ќе се случи во почетокот на јуни.

Во меѓувреме, додека метлата за извршната власт е во фокусот на јавноста, министрите од ДУИ во неколку наврати порачаа дека тие не се тема на која треба да размислува премиерот, односно дека нивното евентуално отповикување од Владата е во надлежност на лидерот на нивната партија, Али Ахмети. Исто така, од ДУИ предлагаа прво да се спроведува т.н. ветинг за сите носители на јавни функции (своевидна проверка на морално-етичката политичка подобност, како и вмешаност во криминални дејства), па потоа да се оди на реконструкција на Владата. Во најава е и средба меѓу лидерите на СДСМ и на ДУИ, на која би разговарале за новата распределба на министерствата, како и за кадровските решенија. Сите овие моменти создаваат впечаток во јавноста дека темата за реконструкција на Владата предизвикува затегнатост во односите меѓу СДСМ и ДУИ, која би можела да резултира со коалициска криза.

– Не верувам дека реконструкцијата на Владата може да ја загрози коалицијата СДСМ – ДУИ. Едноставно, затоа што ниту на ДУИ, ниту на СДСМ не им одговараат нови избори во овој миг и ќе сторат сѐ за докрај да го истераат овој мандат. Покрај тоа, сѐ уште е неизвесно дали реконструкцијата воопшто ќе ги зафати функционерите од ДУИ, зашто во неколку наврати министрите од оваа партија јасно кажаа дека нивните мандати не се надлежност на премиерот – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Сепак, Божиновски смета дека односите во коалицијата, како и внатрепартиските односи во која било партија (на власт или во опозиција), прочистувања и расчистувања во нивните редови не треба да бидат тема што ќе ја загрижува јавноста. Она што очекува јавноста се реформи во јавните политики, ефикасност во економскиот развој, квалитетни капитални инвестиции.

– Со партиски, па и коалициски разместувања, не може да се залаже јавноста дека се спроведуваат ефикасни промени. Проблемот е што во општеството не се чувствуваат никакви промени, никакви реформи. Во краен случај, не се важни персоналните реформи, туку ефектот од нив. И евентуално реконструираната влада веќе нема да ја има комоцијата како во почеток на мандатот, зашто општеството очекува веднаш да ги почувствува резултатите – заклучува Владимир Божиновски.
Во однос на влијанието на реконструкцијата на Владата врз односите во коалицијата СДСМ – ДУИ, слично размислува и аналитичарот Насер Зибери.

– Не мислам дека ќе биде загрозена коалицијата СДСМ – ДУИ, со процесот на реконструкција на Владата. Можеби ќе ги затегне односите, ќе има некакви пазарења, но на крајот ќе се согласат. Секако, еден дел од министрите на ДУИ ќе биде опфатен со реконструкцијата.
ДУИ не може да биде изземен од овој процес, но секако ќе се обидат тоа да биде помал потрес за партијата. Таквите намери на ДУИ не одат во прилог на најавената метла на премиерот, но статус квото и реформите не одат заедно. Всушност, ДУИ најмногу има потреба од внатрепартиско проветрување – вели Насер Зибери.