Александар Николовски, потпретседател на ВМРО – ДПМНЕ

Како го оценувате текот на кампањата и зошто, наместо пратениците, во јавноста се добива впечаток дека кампањата ја водат претставниците на Владата?

– Да бидеме искрени, капитулантскиот договор не е дело на Ферид Мухиќ или на кој било пратеник од СДСМ. Тој е дело на Зоран Заев и неколкумина околу него. Пратениците ниту беа вклучени, ниту знаеја до каде ќе се оди со прифаќањето на грчките црвени линии. Тие беа само публика што ги голташе изјавите на Заев, во што се колнеше во својата македонска жица, своите дедовци и во внуци дека немало да прифати промена на Уставот и уставното име. Жицата пукна и Заев прифати буквално сѐ што претходно ниту еден Македонец не се согласил да го прифати, а тоа е обезличување на сопствениот народ. Затоа не е чудно што Заев е во прв план во кампањата, но со огромна помош и на Амди Бајрам, и на Љубчо Георгиевски, и на Бранко Црвенковски, и на тутунскиот бос Бајруш Сејдиу, и на Бекир Асани, но и на плејада ликови што по затворите се фотографираат во маички од кампањата и ја симболизираат Заевата „европска“ Македонија.

Како ги коментирате обвинувањата на политичките опоненти, кои наводно се видливи на митинзите за време на вашата кампања, дека најголемата опозициска партија нема свој став пред граѓаните за претстојниот референдум?
– Став имаме и тој став ги боли, бидејќи го обединува мислењето на огромното мнозинство граѓани. Нема партија или опција што погласно од ВМРО-ДПМНЕ го критикува штетниот договор и укажува на криминалите на власта што треба да се покријат со ваквата капитулација. На граѓаните им понудивме целосна анализа на договорот и укажавме на цената што ќе ја платиме со евентуалното негово прифаќање. Ние веруваме во нашиот народ. Граѓаните се свесни, разумни, чесни и достоинствени. Убедени сме дека тие нема да го поддржат договорот и да се самоукинат. Убедени сме дека нема да го избришат наследството што го добиле од своите претходници за некои стотина евра, колку што Заев повикуваше да се исплаќало за секој глас.

Колкава очекувате да биде излезеноста на претстојниот референдум и дали неговиот цензус е важен елемент со кој ќе се потврди неговата легитимност?
– Пред сѐ очекуваме да има фер и демократски процес. Цензусот е исклучително важен, не затоа што ВМРО-ДПМНЕ така сака, туку заради тоа што законот пропишува што е исполнет цензус и што значи успешен референдум. Ние сме убедени дека огромно мнозинство е против капитулацијата. На кој начин ќе го изразат револтот кон договорот, останува да почекаме до недела.

Во јавноста деновиве излеговте со предупредување дека постојат индиции да се направи фалсификат на самиот ден на гласањето, па, оттаму, каква ќе биде вашата реакција и како планирате да ги следите активностите на терен на самиот ден на гласањето?
– Од почетокот на кампањата имаше низа сомнителни моменти. Заев повика бизнисмените да исплаќале екстра-пари за да ги мотивирале гласачите да излезат и да го поддржат неговиот договор. Поднесовме пријава, но сѐ уште има молк од јавното обвинителство. Талат Џафери се откажа од можноста Собранието да номинира овластени набљудувачи, иако токму законодавниот дом го иницира процесот. Па, има ли поважно прашање од ова и кој е приоритетот на владејачкото мнозинство доколку толку лесно се откажува од можноста за мониторинг на процесот?