Вестите се најатрактивната содржина за македонските граѓани на телевизија, а радиото го избираат во најголем дел за музика, покажуваат резултатите од последната анкета на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), спроведена на примерок од 2.400 во период од 10 до 20 часот.
На прашањето „Дали вчера во текот на денот гледавте телевизија?“, 71,7 процент дале потврден одговор, а 19,8 проценти рекле дека претходниот ден слушале радио.
Прашани што гледале на телевизија на државно ниво преку сателит или преку јавна електронска комуникациска мрежа во текот на претходниот ден, 40,5 проценти одговориле дека гледаат вести, по кои следува информативна програма со 21,6 процент, а на трето место се сериските филмови со 8,8 проценти.

Образовна и документарна програма навеле дека гледаат 8,4 проценти од испитаниците, игран филм 7,5 проценти, забавна и/или музичка програма 5,9 проценти, спортска програма 3,4 проценти, утринска програма 3,3 проценти, програма за деца 0,6 проценти.
Вестите биле најчест избор и на испитаниците што биле прашани какви содржини најчесто гледаат на регионалните и локалните телевизии, односно таков одговор дале 27,1 проценти од нив.
По нив следуваат 15,3 проценти испитаници што рекле дека гледале игран филм, па со 13,7 проценти односно 13,3 проценти оние што одбрале забавна и/или музичка програма, како и информативна програма, а со 11 проценти сериски филм.

Програма за деца и утринска програма биле избор на 2,7 проценти од анкетираните лица во истражувањето на АВМУ.
Според анкетата, најголем дел од испитаниците, 64,6 проценти, на прашањето „Какви содржини слушавте на радио вчера?“ го дале одговорот музичка програма, 11,7 проценти забавно-контактна програма, 8,1 проценти најчесто слушаат вести, а 6,9 проценти утринска програма.
Избраниот примерок за анкетата е изработен врз основа на официјалните податоци на Државниот завод за статистика од последниот спроведен попис на населението, домаќинствата и становите во 2002 година.