Докторите, пак, велат дека имунитетот не се гради прекуноќ, па сега кога расте бројот на заболени од коронавирусот луѓето наеднаш да внесуваат што поголеми количества витамини. Посочуваат дека за да се има стабилен и јак имунитет, кој може да се избори со вирусни инфекции, потребно е подолго време континуирано да се внесуваат витамини, и тоа најмногу преку исхраната

Дали има застој во увозот на одредени лекови, пред сѐ витамини и минерали во земјава, или, пак, станува збор за моментална состојба поради зголемена побарувачка? Ова е прашањето што си го поставуваат граѓаните што алармираат дека во Македонија има недостиг од одредени медикаменти, особено витамин Ц од 1.000 милиграми и витамин Д. Од поголемите синџири на аптеки потврдуваат дека последните десетина дена е потрошена целата резерва на вакви витамини и дека засега нема нов увоз, но сметаат дека ова е моментална состојба, а не некој сериозен проблем со увозот. Ситуацијата настанала како резултат на екстремната побарувачка на овие витамини, веројатно како превентивна од ковид-19.
Граѓаните реагираат дека во повеќе веледрогерии и аптеки не може да се најдат витамин Ц и витамин Д.
– Поминав во неколку маркети и во неколку аптеки. Не можам да најдам никаде витамин Ц од 1.000 мг, она што сега слушаме од докторите дека е најпотребно. Вработените во аптеките велат дека сите резерви им се потрошени, како и дека наскоро очекуваат да добијат нов увоз на витамини – посочува скопјанката Марија Б.

Од поголемите аптеки велат дека изминатиот период имаат зголемена побарувачка на витамини и минерали. Поради тоа, голем дел од резервите им се потрошени и сега го продаваат она што е останато.
Докторите, пак, велат дека имунитетот не се гради прекуноќ, па сега кога расте бројот на заболени од коронавирусот луѓето наеднаш да внесуваат што поголеми количества витамини. Посочуваат дека за да се има стабилен и јак имунитет, кој може да се избори со вирусни инфекции, потребно е подолго време континуирано да се внесуваат витамини, и тоа најмногу преку исхраната.
Токму во време на ковид-19 е особено важно да се има функционален имунолошки систем. На телото затоа му се потребни доволно витамини, а нив најмногу ги има во овошјето и зеленчукот.
Но и недостиг од одредени материи може да отвори врати за вирусите, поради тоа што телото не е во состојба да се одбрани од нападите. Тогаш е особено голема опасноста од тежок тек на болеста за луѓето што и онака припаѓаат на ризичните групи.
Матичната докторка Лилија Чолакова Дервишова, претседателката на Здружението на приватни матични лекари, вели дека на пациентите што имаат хронични заболувања постојано им препорачуваат да го зајакнат имунитетот со одредени витамини и минерали.

– Има пациенти што превентивно консумираат витамини со кои очекуваат да го зајакнат имунитетот, особено овој период кога е засилено ширењето на ковид-19. Но, сепак, сѐ што треба да направат е да се консултираат со матичните доктори. Имунитетот се засилува и со здрава исхрана, со внесување доволно течности, зеленчук и овошје. Со секојдневни прошетки, како и со тоа да не прават температурна разлика во просториите во кои престојуваат – посочува д-р Чолакова Дервишова.
Микробиологот Никола Пановски вели дека граѓаните нема потреба да се окупираат со зголемена употреба на витамини и минерали овој период, зашто сѐ што треба да прават е да внесуваат доволно зеленчук и овошје и на тој начин да го добијат потребното количество витамини и минерали во организмот.
– Нема зошто превентивно да се зема витамин Ц, тој може да се внесе и преку храната, особено во овој летен период. Односно максималната доза ја одредува организмот, останатото го исфрла – посочува тој.
Според него, најдобро е природно зајакнување на имунитетот.

[email protected]