Фото: Игор Бансколиев

Дали актуелниот Закон за попис на населението, домаќинствата и становите е во колизија со Законот за јавно здравје, но и со Уставот, во кој се наведува дека граѓанинот има право да ги чува сопственото здравје и здравјето на другите, што значи дека може и да не ги прими попишувачите во својот дом доколку стравува за своето здравје, за што, пак, е предвидена и казна. Како да се реализира успешен попис во вакви околности и во ек на пандемија и какви мерки ќе преземат надлежните органи за отстранување на сите нејаснотии?

ПРАВНИ И ЗДРАВСТВЕНИ ДИЛЕМИ ВО ПРЕСРЕТ НА ПОПИСОТ ВО АПРИЛ

Стравот од зараза со коронавирусот, од една страна, но и стравот од кривична пријава доколку одбијат да се попишат, од друга страна, ги загрижија граѓаните во пресрет на најавениот попис на населението, домаќинствата и становите, закажан за почетокот на април.
Имено, во услови на светска пандемија на ковид-19, некои од граѓаните стравуваат од загрозување на нивното здравје, со оглед на фактот дека во нивните домови ќе одат попишувачи што претходно посетиле и други домови, така што постои сериозен ризик од ширење на заразата доколку некој попишувач случајно дошол во контакт со заразено лице што немало симптоми но е заразно.
Ваквите стравови може сериозно да се одразат врз самиот пописен процес, оневозможувајќи им на попишувачите да си ја завршат својата работа во целост и со тоа да биде загрозена целата операција.
Обединетите нации неодамна токму поради заканата од ширење на ковид-19 им препорачаа на земјите што имаат планирано пописи да ја одложат оваа операција барем за една година, но македонските власти тврдат дека имаат капацитет да одговорат на здравствениот предизвик и да спроведат попис според највисоките критериуми за заштита на здравјето на луѓето и дека евентуално одложување само ќе предизвика штети за државата, која повеќе од 20 години нема попис на населението.
– Искрено, мене ми е страв да ги примам попишувачите дома. Јас со најблиските роднини, вклучувајќи ги и мајка ми и татко ми, не сум се видела цела година, а сега одеднаш треба дома да пуштам непознати лица, кои дента можеби посетиле дваесетина други куќи и биле во контакт со разни лица. Навистина не ме интересира политика, но едноставно се плашам да пуштам непознати лица дома – вели Ирена Донева, програмерка.

Таа додава дека денешната технологија овозможува пописот да се направи преку базите на податоци што ги имаат разните државни институции, без да се доведува под знак прашалник здравјето на луѓето.
– Секој ден во Европа расте бројот на заразени и се воведуваат уште построги карантини. Кај нас во моментов е некакво затишје, но тоа не значи дека бројките нема повторно да вивнат, а како што немаме вакцини, ситуацијата може да стане многу страшна. Затоа нека се земат податоци од базите на МВР и други државни институции и ќе се знае колку сме. Па, секоја банка или мобилен оператор имаат комплетни информации за секого од нас. Технологијата го дозволува тоа. Само од Фејсбук да се соберат податоци ќе има многу повеќе информации за македонските граѓани отколку што ќе забележат попишувачите во пописните листови – смета Донева.
Дополнителна дилема што сега се наметнува е дали актуелниот Закон за попис на населението, домаќинствата и становите е во колизија со Законот за јавно здравје, но и со Уставот, во чиј член се наведува дека граѓанинот има право да ги чува сопственото здравје и здравјето на другите.
Лидерот на Левица и собраниски пратеник Димитар Апасиев, кој се противи на изгласаниот Закон за попис, смета дека спроведувањето попис во време на пандемија е противуставно.
– Законот за попис среде пандемија и прогласена кризна состојба е спротивен на чл. 39, ст. 2 од Уставот на РМ: „Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“! Значи, јас – по сила на Устав – сум должен да не ги примам попишувачите дома среде епидемија, оти може да ме заразат со коронавирус – наведува Апасиев.
Од друга страна, првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, вели дека работат со надлежните служби за да имаат прецизни информации за болните и лицата во самоизолација во одредени домаќинства и на тој начин да се избегне загрозување на здравјето на попишувачите, но и на членовите на домаќинствата.

– Сите лица што се болни или се во самоизолација поради контакт со болен се регистрирани. Таа информација можеме и ќе ја имаме. Факт е дека пандемијата е присутна, овие лица се регистрирани и се следат, така што тоа нема да биде проблем. Во вакви случаи ќе се постапува слично како и за време на изборите, кога болните и оние во самоизолација гласаа од дома. Се приспособуваме на состојбите, во постојан контакт сме со надлежните служби и ќе ги следиме сите нивни препораки – појаснува Симовски.
Тој додава дека нивните тимови и сега се на терен и спроведуваат големи теренски анкети без проблем.
– Ние и сега спроведуваме теренски анкети, и тоа поприлично големи, анкети што вклучуваат во еден циклус 5.000 домаќинства, а се повторуваат квартално секои три месеца, и немаме никаков проблем да ги спроведеме. Дури, благодарение на помалата мобилност на населението поради пандемијата, остваруваме и најдобар опфат на домаќинствата – категоричен е Симовски.
Според него, сега во тек се подготовките како најбезбедно да се влегува во домовите на граѓаните заради заштита на здравјето на сите.
– Она што сега се подготвуваме е начинот како да пријдеме во домаќинствата во услови како пандемијата да е во најголем ек, како што беше пред еден месец, кога имаше над 1.000 заразени дневно. Во такви околности се обидуваме да најдеме како и со кои заштитни средства попишувачот да може да влезе и да го оствари попишувањето во домаќинството, а притоа да не се доведе и себеси во опасност, но и членовите на тоа домаќинство – истакнува Симовски, притоа додавајќи дека анкетарите немаат обврска да бидат вакцинирани, бидејќи вакцинацијата ќе биде на доброволна основа.

Ниту евентуалниот негативен тест на коронавирус кај анкетарите не може да се смета за валиден, бидејќи анкетарот непосредно по тестот може да дојде во контакт со заразен и самиот да стане потенцијален заразен, без оглед на претходно негативниот резултат.
Инаку, законските одредби предвидуваат глоби за оние што нема да дозволат спроведување на пописот, а затворски казни најави и Симовски за оние што ќе го бојкотираат пописот.
Во членот 51 од Законот за попис е предвидена глоба од 200 до 300 евра за прекршок на физичко лице доколку одбие да ги даде податоците што се бараат од него во пописот или ако даде неточни податоци.
Според членот 49, се предвидува и казна од три до пет години затвор за тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација.


Селами: Коронавирусот и тивкиот бојкот можат да го одложат пописот

Вториот човек на Државниот завод за статистика, Хилми Селами, вели дека пописот може да се одложи ако ескалира ситуацијата со коронавирусот, но и доколку се почувствува тивок бојкот кај македонското население.
– Имаме доволно време за подготовка за кредибилен попис. Но него може да го одложат само две причини. Прво, не очекувано, туку евентуално влошување на состојбата на пандемијата и, второ, тивкиот бојкот од страна на македонската опозиција. Ако не успеете да попишете поради тоа 1.000 или 2.000 лица, пописот не е целосен – изјави Селами.
Инаку, крајниот резултат од пописот, односно неговата валидност, ќе зависи од тоа дали завршниот документ ќе го потпишат и директорот и неговиот заменик во ДЗС, кои имаат врзани потписи.