Фото: Игор Бансколиев

И христијаните и муслиманите речиси еднакво би гласале „за“ на референдум за членство во Европската Унија и сметаат дека членството на земјата во ЕУ нема негативно да се одрази врз практикувањето на нивните верски права и слободи, а во одредени  административни сегменти може и да ги подобри верските слободи

Граѓаните очекуваат дека членството на земјата во Европската Унија ќе придонесе за решавање на црковниот спор и за признавање на Македонската православна црква-Охридска архиепископија во православниот свет. Ова е перцепцијата на 42 отсто од православните верници, додека 30 отсто сметаат дека тоа нема да донесе до промени, што како резултат е добиено на последното истражување на Институтот за политички истражувања-Скопје (ИПИС) и порталот „Религија.мк“, поддржано од фондацијата „Конрад Аденауер“, во рамките на проектот за перцепцијата на граѓаните околу улогата на верските институции и религијата во градењето на меѓурелигискиот соживот. Истражувањето е спроведено во декември 2019 година, а е користен стандардизиран национален примерок со 1.115 испитаници постари од 18 години.

– И христијаните и муслиманите речиси еднакво би гласале „за“ на референдум за членство во Европската Унија и сметаат дека членството на земјата во ЕУ нема негативно да се одрази врз практикувањето на нивните верски права и слободи, а во одредени административни сегменти може и да ги подобри верските слободи. Во однос на религиозната припадност сличен процент на православни и муслимани ја поддржуваат македонската евроинтеграција, односно 63 отсто православни и 67 отсто муслимани – се заклучоците од истражувањето.
Зоран Матевски, социолог на религија, вели дека, според резултатите на ова истражување, е очигледно дека граѓаните се добро информирани околу тоа што значи влегувањето на една држава во ЕУ и како би се одразило тоа на изразувањето и практикувањето на нивните верски права и слободи.

– Многупати досега сме истакнувале дека со решавањето на името на државата, како и со подготовките на нејзиното членство во ЕУ, ќе мора да се реши и прашањето за признавањето на црквата, како еден национален обединител. Еден од условите за влез во ЕУ е и спроведувањето на религиските права и слободи. Кај нас, тој услов во голем дел е исполнет – посочува Матевски.

На прашањето дали во земјите на ЕУ се почитуваат верските права и слободи, високи 69 отсто од граѓаните одговориле потврдно, додека 14 отсто не се согласуваат дека во ЕУ се почитуваат верските права. Интересни се и одговорите на следното прашање, односно дали во Македонија се почитуваат верските права и слободи, високи 72 отсто одговориле со да, а само 16 отсто со не.

– Доколку се споредат одговорите на последните две прашања, може да се заклучи дека граѓаните сметаат дека почитувањето на верските права и слободи во Македонија се на еднакво или дури и повисоко рамниште споредено со земјите-членки на ЕУ. Одговорите потврдуваат дека перцепцијата на граѓаните околу почитувањето на верските права во земјата е висока и на многу слично рамниште со земјите од ЕУ. На прашањето дали доколку земјата стане членка на ЕУ, верските права и слободи ќе се подобрат, 33 отсто одговориле потврдно, девет отсто сметаат дека ќе се влошат, а високи 43 отсто одговориле дека ќе останат исти, се вели во истражувањето.

За големо мнозинство испитаници влезот во Европската Унија нема да има влијание врз практикувањето на верата, потоа врз односот помеѓу религијата и општеството, како и врз влијанието на религијата во општеството и влијанието што го имаат двете најголеми религиозни заедници. Сепак, големо мнозинство испитаници сметаат дека нема да има промени во однос на влијанието на религијата во општеството по членството во Европската Унија.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

МПЦ и ИВЗ ќе останат влијателни

Влијанието на двете најголеми верски заедници во земјата, како МПЦ-ОА и Исламската верска заедница, нема да се зголеми со членството на државата во ЕУ, туку дека ќе остане исто. Од испитаниците 10 отсто сметаат дека ќе се намали, 11 отсто дека ќе се зголеми, а најголемиот дел, 57 отсто, дека ќе остане исто.

[email protected]