Ако во една градинка е исполнет капацитетот, детето може да биде згрижено во друга градинка каде што има слободно место, но само во рамките на иста општина.
Сите градинки во земјава, во согласност со протоколите за функционирање во услови на пандемија имаат капацитет да примат 19 илјади деца, а досега интерес за згрижување покажале родители на 14.555 деца, што значи дека има уште 4.445 слободни места. Ова вчера го изјави Јагода Шахпаска, министерката за труд и социјална политика, по најавата на Владата дека ќе се отвораат градинките на 9 септември годинава.

– Доколку градинките имаат повеќе слободни места, односно во согласност со критериумите од протоколот можат да згрижат повеќе деца од приоритетните, тогаш можат да прифатат други деца што се запишани во градинката – посочи министерката.
Во согласност со протоколите, групите со деца до две години треба да имаат максимум шест деца за кои ќе се грижат двајца вработени, а групите од три до 10 години најмногу 15 деца за кои ќе се грижат двајца вработени.
Шахпаска потсети дека останува во сила мерката вработените да бидат ослободени од работа доколку имаат деца до 10-годишна возраст. Таа додаде дека нема да се прави нов скрининг на вработените во градинките.

Венко Филипче, министерот за здравство, пак, посочи дека покрај основните мерки што треба да ги преземат градинките за почеток на работа и одвивање на процесот на згрижување, важно е родителите и воспитувачите да внимаваат на промените на здравјето кај децата.
– Во случај на промена во здравствената состојба (зголемена температура) да се изолира детето во просторијата за изолација, веднаш да се извести родителот доколку детето има температура, се препорачува мерењето на температурата да биде со бесконтактен термометар, доколку температурата на телото се мери со обичен термометар, потребна е дезинфекција на термометарот, како и миење или дезинфекција на рацете. Да се провери здравјето на другите деца во групата и да се изолираат сите сомнителни случаи.

Во случај на потврда на инфекција со ковид-19, ќе треба да се извести надлежната епидемиолошка служба во Центарот за јавно здравје, која ќе даде понатамошни насоки за функционирањето на установата и за тоа што треба да се преземе за лекување на детето – појасни Филипче.
Тој препорача градинките да го користат убавото време за игри на децата на отворено, главно во помали групи и да не се користат играчки што не можат да се дезинфицираат. Р.З.