Фото: Игор Бансколиев

Динамиката на политичките процеси во текот на изминатите две години од референдумот покажува дека сепак само менувањето на името на државата не значеше брзо членство ни во ЕУ, па ни во НАТО. Новите заплети на европскиот пат на Македонија само го потврдуваат тоа, целта останува и понатаму далечна

Две години по референдумот за Преспанскиот договор и ЗА промена на името

Две години по референдумот за прифаќање на Преспанскиот договор со Грција, како предуслов за членство во ЕУ и во НАТО, се чини како доволна временска дистанца да се постават гласно прашањата: останавме ли да стоиме во место или се движиме кон целта наречена ЕУ со ритамот „два напред еден назад“. Утре, на 30 септември, се навршуваат две години од референдумот, за кој ДИК се изјасни дека беше неуспешен и „не е донесена одлука“ за прашањето поставено на него, поради малиот одзив на граѓаните регистрирани во избирачкиот список. Иако непостигнатиот цензус на референдумот треба да значи дека тој е неуспешен, тогашната (и сегашната) владејачка гарнитура сепак одлучи да го спроведе Преспанскиот договор, што значеше и промена на името на државата Македонија, со надеж дека веднаш потоа ќе се отворат прегратките на ЕУ и на НАТО. Иако волјата на граѓаните преку слабиот одзив на референдумот значеше неприфаќање на таквата опција, сепак со политички методи (и чудни игри за мнозинство), во Собранието беше изгласано менување на дотогашното име на државата Македонија, со додавање на географската одредница „северна“.

Но динамиката на политичките процеси во текот на изминатите две години од референдумот покажува дека сепак само менувањето на името на државата не значеше брзо членство ни во ЕУ, па ни во НАТО. Поради некои внатрешни прашања на земјите-членки на НАТО, целосната ратификација на протоколот за полноправно членство на Македонија се развлече до почетокот на годинешнава корона-криза, додека почетокот на преговорите за членство во ЕУ добива нови заплети. Дел од новите заплети е променетата методологија на преговарање (што беше причина за уште едно недобивање датум за преговори по менувањето на името, поради скептицизмот на Франција) и менувањето на улогата на „кочничарот“ на македонскиот евроинтегративен пат. Ако до Преспанскиот договор, речиси 20 години таа улога ја играше Грција, сега Бугарија ја презема „палката“, со неразумни уцени, кои се сведуваат на позицијата „Македонците може да влезат во ЕУ, но како Бугари“. Неодамна упатениот објаснувачки меморандум на Бугарија до земјите-членки на ЕУ ја има токму таа цел, преку барањето за ревизијата на историјата според бугарска верзија и непризнавањето на македонскиот јазик да бидат вградени во преговарачката рамка за Македонија.
Сепак, дали по две години од референдумот Македонија е поблиску или подалеку од својата стратегиска евроатлантска цел?

– Датумот 30 септември треба да биде забележан како паметник во македонската историја, кога македонскиот народ се спротистави на еден диктат содржан во референдумското прашање за понижувачко самооткажување од себеси, наводно во интерес на евроатлантската перспектива. Жално е што таа сплотеност и единственост во реакцијата на неприфаќање на понижувачките услови во договорот од Нивици беа игнорирани како волја на граѓаните и тој договор беше насилно донесен во Собранието. Исто така за жал, во овие две години подоцна се покажува дека главниот влог за сите тие дејства на власта околу прифаќањето на договорот од Нивици, односно членството во ЕУ и понатаму е речиси исто толку далечно. Само овој пат улогата на главен опструктор ја презема Бугарија, која со сиот свој политички капацитет работи да ни покаже дека Македонците во ЕУ – може да влезат само како Бугари – смета политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Во однос на ефектуираната придобивка од Преспанскиот договор, која уредно се нагласува од неговите поддржувачи, а тоа е членството во НАТО, Пандов смета дека и претходно Македонија де факто со своето учество во мисиите, со амбасадорот во НАТО, беше дел од Алијансата, а сега е сменето само тоа што некој македонски претставник седи на заедничката маса на состаноците.

Поранешниот македонски дипломат и прв амбасадор во Грција од независноста на Македонија, Љупчо Арсовски, во поглед на легитимноста на референдумот од пред две години смета дека тој бил успешен, со оглед на неажурираноста на избирачкиот список, а договорите за пријателство со Грција и со Бугарија ги смета како неопходна алатка за членство во ЕУ. Но исто така смета дека политичарите во Македонија многу невешто настапиле во однос на прифаќањето и спроведувањето на тие договори, кои се крајно асиметрични на штета на Македонија.
– Повеќето политичари во Македонија влезот во ЕУ го гледаа(т) многу наивно и лесно, па кажуваа дека само со промена на името на државата едноставно ќе бидат пренебрегнати сите преостанати и пред сѐ клучни критериуми за членство. Таквите ветувања ја имаат тежината на лажни ветувања, особено сега, кога преговорите треба да ги водиме според нова методологија на реверзибилност.

Но и понатаму сме соочени со опасноста од нови блокади, овој пат од страна на Бугарија, која уценува со нешто што има голема политичка цена. И македонските политичари треба да внимаваат на изјавите во врска со можноста за договор, што другата страна го подразбира како можност за отстапки. Сепак, сега е клучно како другите земји-членки на ЕУ ќе реагираат на бугарскиот меморандум. Оптимист сум дека ЕУ ќе се задржи на фактот дека Бугарија вети дека нема да прави проблеми за македонските евроинтеграции, повикувајќи се и на солидарноста како земји-членки на НАТО. Што се однесува на историските комисии, тие нека си продолжат да работат, но без политички притисоци и да не бидат услов за почеток на преговори. Доколку се случи блокада на почетокот на преговорите со ЕУ во декември, разочарувањето во Македонија ќе биде огромно – вели поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски.