Го остваруваме аманетот за татковината оставен од нашите предци

Интервју со професорот Љупчо Ристовски, претседател на Интегра

Каков е вашиот концепт и каква е визијата на Интегра, македонска конзервативна партија, за иднината на Македонија?
– Македонија се наоѓа во сериозна критична фаза од своето постоење и развој. На работ на бездна е донесен државотворниот капацитет на македонскиот народ во својата единствена татковина Македонија. Под силна агресија е државната компонента на придавката „македонски“ во етнички контекст, со крајна цел елиминација од сите државни обележја. Притоа се гради нов северен идентитет, со активно учество на двете црнила од партии СДС* и ДП*НЕ. Оттука, во изборната платформа 2020 на Интегра „Нова македонска ренесанса“ се цели на клучниот лост за враќање на надежта, гордоста и достоинството кај нацијата, а тоа е враќање на уставното име на татковината Република Македонија во првите сто дена. Со изјава за ништовност на основа на загрозеното универзално човеково право на самоопределување како народ во етничка смисла, да се наречеме Македонци што говорат свој мајчин македонски јазик, имаат своја македонска историја, култура и духовност. Во првите сто дена ќе се вратат сите табли на секоја државна институција, на сите гранични премини и во целата официјална документација, изводи од матични книги на родени, уверенија за државјанства, лични карти итн. Придавката „северна“ ќе испари во воздухот во првите сто дена и ќе се сеќаваме на неа како на еден кошмарен сон.

Вториот лост на кој ќе се фокусира владината политика на Интегра е поттикнување инвазивен и масивен економски циклус, радикален економски рез со кој се цели на компонентите на просперитетот: материјалното богатство (БДП) или новата додадена вредност во општеството, образованието и здравството. Нема богато и просперитетно општество ако немате образована и здрава нација. Фундаментот за постигнување на целта ќе биде конзервативната вредносна либертаријанска идеологија, односно вредностите, доблесноста и интегритетот вшприцани во сите владини политики, во сите мерки и инструменти на ресорските политики, како и престројување на државата во „слуга“ на народот, државата да подметне рамо и да подаде рака секоја индивидуа да успее во својот живот, со крајна цел да достигне степен на задоволство од постигнатото ниво на лична среќа и полнота во својот живот во секоја смисла. Крајна цел ни е да овозможиме услови, во партнерски однос со државата, за создавање богати индивидуи, а оттука богата и просперитетна татковина Македонија.

Како го оценувате досегашниот тек на кампањата и како ја оценувате понудата на другите политички партии пред гласачите?
– Интегра води позитивна кампања. Не се занимаваме со другите на недоличен начин како што сите се опседнати со новата политичка визија, која како цунами ги преплави едноличните и празни ветувања на СДС* и ДП*НЕ. Чувствуваме како да сме им „ноќна мора“. Едноставно нашава изборна платформа „Нова македонска ренесанса“ е вонвременски одговор на сето незнаење и политикантство во сиов изминат период овие 30 изминати траурни години на живот „фатаморгана“, така што нашите политички противници едноставно не можат да се носат со таа висока перспектива и понудена визија. Во немоќта дури ни да се приближат во квалитетот на политичката изборна понуда на Интегра, тие влегоа во негативна кампања и ја пресретнуваат, оспоруваат, негираат и омаловажуваат секоја иницијатива од платформата на Интегра, се служат со недолични напади по лична основа, со закани, притисоци. На тој начин тие две партии во удбашкото танго со ѓаволот на нивните паразити од партии приврзоци од т.н. патриотски блок покажуваат сериозна немоќ на јавната сцена, слабост и бедотија. Тоа говори повеќе за нив, отколку за нас. Интегра ќе го задржи своето достоинство и посветено и ревносно ќе се бори во преостанатиот изборен процес да стекне уште поголема гласност и видливост и да ги освои срцата на нацијата со добрина, милост и Христова агапе пожртвувана љубов за секого, како најава за овие вредности да станат суштина на секоја идна владина политика, која пионерски евентуалната идна влада на Интегра ќе ја востоличи за навек во македонскиот политички поредок.

Од гледна точка на прв човек на Интегра, со каков исход од изборите би биле задоволен?
– Јас лично и тимовите на Интегра имаме поставено висока цел, без да имаме и најмал комплекс на пониска вредност во однос на кој било на политичката сцена. Пледираме на третина од претпоставено македонските пратеници, кои во случајов се околу 100 од вкупно 120. Тоа значи дека целта ни е да станеме тампон-зона помеѓу двете зла од партии, чие меѓусебно триење во системот го рони македонското национално ткиво и премногу високо го лета „орелот“, затоа што тие две партии се двете крилја на орелот, на основа на кои екстремизмите на албанските првенци во политиката кај албанската етничка заедница си земаат за себе преголемо значење. Во немоќта да формираат сами влада, овој постоен блок на македонски партии коленичи пред Ахмети во надеж дека тој ќе ги востоличи или нема да ги симне од власт. Оттука, нивна цел е само гола желба и потреба за власт, а не и македонскиот национален стратегиски интерес. Значи, Интегра очекува не помалку од 33 пратеници во новиот состав на парламентот. И тоа ќе биде гаранција дека Македонецот никогаш повеќе нема да зависи од екстремизмите или да подлегнува на уцените на кого било дома или однадвор. Интегра е нова политичка партија, која нема багаж ниту каков било договор или скриена агенда, уцена или зависност од албанските политички раководства, каков што багаж на „на ти го – дај ми го“ имаат и двете погубни за македонската нација, партиите СДС* и ДП*НЕ.

Што сметате дека е најголем предизвик, но и закана (од економска, безбедносна и политичка смисла), за Македонија во наредниот период по изборите?
– Зависноста на македонскиот народ од рутината во својот живот да гледа на политиката низ призмата на навиките од минатото политичко искуство во изминативе 30 траурни години е најголемата опасност по иднината на нас Македонците. Време е македонскиот народ да се ослободи од тоа ропство на бесплодни навики и рутини, постојано да гласа за црно-белата опција. Време е за колорит на политичката сцена. Интегра работи посветено и ревносно на просветлување на македонскиот народ дека конечно мора да се соочиме со суровата реалност дека сме на работ на бездната и дека ни се заканува исчезнување од мапата на нации.

Македонското проклетство на делби и постојано сеење раздори помеѓу браќа е сидро што нѐ влече надолу како нација. Затоа ни е нужен пресврт, длабока промена на политичката сцена, потребна ни е нова политичка визија, потребна ни е новата македонска ренесанса на Интегра, која има потенцијал да ја врати татковината и да ја крене нацијата до невидени висини, повисоко од кога било во својата историја на постоење. Пораката ми е дека македонскиот народ мора да донесе храбра и визионерска одлука за пресврт, од стрмоглаво сринување во проклетството на пропаста во брз и неповратен влез во зоната на благодатта, богатството и просперитетот. Интегра знае, умее и има потенцијал да ја престрои татковината Македонија во богата и просперитетна држава, притоа да создаде систем што сам по себе ќе продуцира среќни и задоволни од постигнатото во својот живот Македонци. Овие одговори и сето ова од Интегра е остварување на аманетот за татковината, оставен нам од нашите предци. А.С.