Фото: Игор Бансколиев

Денешниот идеал на ЕУ е содржан и во идеологијата на Гоце Делчев, а силината на неговите идеи се пренесувала низ времето и кај другите генерации македонски револуционери, до остварувањето на целта за независна македонска држава, на која темелите ѝ се во АСНОМ, тврдат историчарите

ДЕНЕСКА СЕ НАВРШУВААТ 149 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕР И ВИЗИОНЕР

Денеска, 4 февруари, се навршуваат 149 години од раѓањето на Гоце Делчев, најзначајната личност за формирањето и дефинирањето на современиот македонски идентитет, македонската држава и сѐ што претставува национална посебност, дури и во денешниот свет со изразени глобалистички тенденции на релативизирање на националноста. Годината за одбележување на денот на раѓањето секако не е јубилејна, но политичкото актуализирање од Бугарија на ликот и делото на македонскиот револуционер како историска фигура за уцена за (повторно) отворање на процесот на евроинтеграции за Македонија создава повод за понагласено потсетување на значењето и важноста на Гоце Делчев за македонската држава и за Македонците во овој миг. Актуелната наметната дебата во мешаната историска комисија меѓу Македонија и Бугарија (како дел од спроведување на Договорот за добрососедство) за етничката припадност на Гоце Делчев претставува целосен парадокс на неговата револуционерна борба и цел за ослободување и обединетост на Македонија и на Македонците, но и на неговата космополитска визија за местото на ослободените Македонци во современиот свет. Инсистирањето на Бугарија за дефинирање (и признавање од македонска страна) на бугарската етничка припадност на Гоце Делчев секако е во контрадикција со неговата борба за независна Македонија, а злоупотребата на неговата личност како предмет за уцена за европската иднина на современата македонска држава е и дерогирање на постулатите на самата Унија. Целиот тој контекст на проблематизирање на етничката припадност на Гоце Делчев, на денот на неговото раѓање го отвора и прашањето дали тоа придонесе за промена на перцепцијата во македонското општество за значењето на неговиот лик и дело.

– Во интерес на вистината, македонската држава и македонскиот народ секогаш имале посебен однос и почит спрема ликот и делото на Гоце Делчев. Македонското општество му давало посебно значење како на револуционер што оставил важна трага во националната ослободителна борба, но и колективната меморија на Македонците. Делчев е еден од историските фигури за кои постои недвосмислено единство и кај денешната политичка позиција и опозиција, а низ минатото, од неговото загинување бил обединувачка алка на Македонците од Вардарска, Пиринска и Егејска Македонија – симбол на македонската борба за слобода од Отоманската Империја. Силината на неговите идеали се пренесувала низ времето, кај другите генерации македонски револуционери, до остварување на целта за независна македонска држава, на која темелите ѝ се во АСНОМ – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Професорот Чепреганов на проблематизирањето на етничката припадност на Гоце Делчев, како предмет на уцена за македонските евроинтеграции, гледа како на класична злоупотреба на Бугарија на својата позиција на земја-членка на ЕУ.
– Со бугарското оспорување на македонскиот карактер на личноста и борбата на Гоце Делчев воопшто не му се намалува значењето на Делчев за Македонија. Напротив, уште повеќе ја зајакнува националната свест кај Македонците, како реакција на отпор на обидите за негирање на националната посебност. За жал, тоа е на штета и на бугарскиот народ, односно разгорување на еден непотребен антагонизам. Денешниот идеал на ЕУ е содржан и во идеологијата на Гоце Делчев, и неговото чествување може да биде обединувачко за Балканот. Но Бугарите не можат и не смеат да наметнуваат Гоце Делчев да се слави како Бугарин – смета професорот Чепреганов.

Во однос на обидите за приближување на македонските и бугарските перцепции за Гоце Делчев, преку современите соседски договори, историчарката Наташа Котлар потсетува на анализата на првиот германски амбасадор во Македонија, Ханс Лотар Стефан, кој Декларацијата за пријателство од 1999 година меѓу Македонија и Бугарија ја нарече „дијалектичка акробација“, додека Клаус Штајмаер во една пригода намерата на договорите ја оценил како „лепење на разликите со туткал“.
– Генезата на обидите за промена на перцепцијата за значењето на Гоце Делчев за Македонија и Македонците постои од 90-тите години на 20 век, што се одразува видливо и во овие билатерални договори. Причините за тоа се и од надворешнополитичко влијание, односно ЕУ во ниеден миг не отстапи од своите позиции и предубедувања спрема македонското прашање, во македонските односи со соседите, македонските национални интереси… Но не треба да се амнестира и внатрешниот фактор – македонската политичка номенклатура во ниеден миг не застана во заштита на националниот научен капитал и се однесува(ше) како да не ја перципира македонската историска наука. Ниту еден македонски политичар, дури ни новинар, не смее да си дозволи да каже дека Бугарите имаат документ со кој се докажува дека Гоце Делчев е Бугарин. Тоа е целосно неперципирање и непочитување на македонската наука – вели историчарката Наташа Котлар.

Котлар истакнува дека Гоце Делчев е историски лик, кој во своето време бил масовик – обединител на македонското население, а неговата величина е во тоа што како ниту еден друг револуционер од формирањето на ВМРО успеал да ги надмине поделбите во македонското население од тоа време (егзархисти и патријаршисти) и да ја зголеми моќта на македонското национално движење. Токму затоа Делчев бил опасен (и отстранет од историската сцена) за големодржавните интереси на Бугарија, но и за интересите на големите сили: Русија, Австро-Унгарија и Турција.
– Но и по својата смрт, Гоце Делчев оставил свој влог во народната меморија. Во народниот календар, македонското население времето го делело на пред Гоце и по Гоце. Подоцна тој е и инспирација во новите генерации на македонски борци за слобода и се јавува како инспиративна нужност на антифашистичките борци, кои преку АСНОМ ги остваруваат идеалите на Гоце: македонска држава, македонски јазик, поставени се темелите на Македонската црква… И ако некој денес го става Гоце Делчев како преговарачки влог во политички уцени од соседите, истовремено парадно чествувајќи го, тоа е израз на лицемерство. Пред Гоце може да се поклони само оној што ги почитува неговите идеали – вели професорката Наташа Котлар, потсетувајќи дека и денес не се отворени сите архиви, за да се проучат документите што би одвеле до нарачателите и извршителите на убиството на Гоце Делчев.


Револуцијата на умот, срцето и душата како најголема задача

Своето идеолошко определување Гоце Делчев го искажал со зборовите: „Јас по душа сум анархист, по убедување социјалдемократ, а по дела револуционер“. Туше Влахов (внук на Димитар Влахов) исто така истакнува дека Гоце Делчев имал голема заслуга затоа што ѝ дал на Внатрешната организација чисто народнодемократска форма и ја зачувал од опасноста да биде завлечена во водите на буржоаскиот национализам и великобугарскиот шовинизам. Организацијата била изградена врз крајно демократска основа. Туѓа за шовинизмот, таа беше организација на експлоатираната селска маса, на пропаднатите градски еснафи, на народната интелигенција, со еден збор, на угнетените и социјално слабите слоеви, кои се бореа за слобода, за земја, за подобар човечки живот. Затоа тој и велел: „Во еволуцијата на животот, преку револуционерни средства се добива слобода на народите“. Притоа тој сепак поаѓал од возвишената цел, од моралната страна во суштината на револуционерната преобразба: „Моралната револуција – револуција на умот, срцето и душата на еден ропски народ, е најголемата задача.
Според Полјански, тој (Гоце) поаѓал од две компоненти: од поединецот и од масата – народот. Првата, ја предимензионирал под влијание на Бланки, а со втората го истакнувал колективното: „Ропството се должи пред сѐ на самиот роб, а кога ќе престане робот во душата да биде таков, ропството исчезнува само по себеси“.
Делчевиот идеал е слободна и независна Македонија со широки права за сиромашното население. За да се дојде до саканата цел, според Делчев, секој треба да ја засили својата енергија, да ги оптегне заспаните струи на робјето, да се раздвижат нивните чувства кон пожртвување. Поради тоа, Гоце Дечев смета дека моралната револуција, револуција на умот, срцето и душата на еден ропски народ, е најголема задача.
За разлика од константниот одбивен став кон надворешна претенциозна помош, Гоце Делчев пледира за проширување на базата на македонското националноослободително движење преку барање внатрешни сојузници за македонското ослободително движење… Познато е дека ВМРО се отвора за сите незадоволни елементи, без оглед на нивната етничка и конфесионална припадност… и нешто повеќе… Делчев, меѓу првите, се залага за вклучување на жената во револуционерната борба.

Гоце, како и сите негови другари од неговото поколение, го изградил својот светоглед под влијание на предослободителната ера, на преродбенската епоха, на руското народничко движење на хуманитарните идеи од времето на 19 век, на паролите издигнати од Париската комуна… – та дури и на 1848 година и прокламираните човекови права од великата Француска револуцијa. Делчев е голем противник на расчекорот помеѓу зборовите и делата. Истакнува: „Ќе бидете многу наивни ако им верувате на нашите зборови, гледајте ги нашите дела“. Уште е покатегоричен кога вели: „Револуционерот се издигнува во свеста на народот преку своите дела“. Тој е приврзаник на нивното единство, кое, всушност, го докажува низ личниот пример. Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, кој го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечката правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него…, се вели во писмото на Гоце Делчев до Ефрем Каранов, од 17 октомври 1895 година. Д.С.