Гоце Делчев заедно со комити

Според записници од затворена седница на Водно, во декември 1972 година, на која присуствувало највисокото државно и партиско раководство на Македонија, се воделе жолчни разговори на многу теми што се актуелни и денес. Во дел од нив, тогашното македонско комунистичко раководство во своите дискусии ги изразило видувањето и ставот за појавата и напливот на сѐ посилни национални чувства, вклучувајќи и пресилно изразена почит кон нашите македонски историски личности. Таквото величање на Гоце Делчев, на пример, според тогашното државно раководство, можело да ги засени во Македонија и најсилните идеолози и лидери на социјализмот и комунизмот, како Маркс, Ленин и Тито

Од Архивот на Македонија

По посетата на Тито во ноември 1972 година, односно по неговото заминување од Македонија, струјата на Колишевски добила „одврзани раце“ сама да се справи со либералите во Македонија.

Затворената седница на државното раководство на Македонија и македонските либерали на тапет

На 4 и 5 декември 1972 година, во вилата „Водно“ во Скопје, се одржала „затворена седница“ на македонскиот политички врв, во чија работа учествувале Ангел Чемерски, Боро Денков, Димче Беловски, Киро Глигоров, Хисен Рамадани, Лазар Колишевски, Крсте Црвенковски, Никола Минчев, Ксенте Богоев, Бошко Станковски, Злате Билјановски и други. Едно од најчудните излагања на седницата имал Страхил Гигов, кој, барајќи одговорност за Милосавлевски, Мирчев и Недков за нивните ставови и идеи, изјавил дека либерализмот како најголема опасност за Македонија има тенденција да го наметне Гоце Делчев идеолог на револуцијата во Македонија, уште поголем од Маркс и Енгелс, и дека ако тие (македонските либерали) продолжат така, „за три-четири години Делчев ќе биде поголем и од Маркс и од Ленин и од Тито“.
Во таква атмосфера, Димче Беловски, член на Претседателството на СКЈ и пратеник во Сојузното собрание, а потоа и секретар на Претседателството на ЦК СКЈ, „распалил“ по т.н. македонски либерали како „групација со агресивни карактеристики“, кои на сметка на македонскиот идеолог Делчев би го намалиле и значењето на Маркс, Енгелс, Ленин и Тито. Ангел Чемерски истакнал дека тие се „злонамерни и спротивставени на економскиот развој на СРМ“.

Веднаш по Ангел Чемерски за збор се јавил Бошко Станковски, надоврзувајќи се дека всушност „не се работи за некаква фракција во редовите на СКМ туку за клика, односно организација што директно е спротивставена на идејнополитичкиот курс поставен од СК“. Во таа смисла, Станковски како „клика, односно организација“ ги посочил Славко Милосавлевски, Милан Недков, Димитар Мирчев, Димитар Димитров, Георги Старделов и други, а упатил и остра забелешка кон Павле Давков, претседател на Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија, критикувајќи го за некои размислувања објавени во весникот „Трудбеник“. Завршувајќи со „Трудбеник“, Станковски се префрлил на весникот „Комунист“, во кој „особено негативен впечаток“ му оставиле анализите на Љубомир Јакимовски.

Стогодишнината од раѓањето на Гоце Делчев одбележана пограндиозно од триесетгодишнината од почетокот на револуцијата

Од 18 до 21 јануари 1973 година, во Скопје се одржала 36-та затворена и проширена седница на ЦК СКМ, на која Ангел како претседателот на ЦК на СКМ зборувал за појавата на национализмот, односно создавањето некаква „национална елита“, во чиј состав, според него, освен декларирани националисти и шовинисти, влегуваат и разни бирократски кругови, технократски слоеви и одредени индивидуи и групи што го „користеле национализмот за напредување во политичката кариера“. Ваквото излагање на Чемерски го отворило патот за жесток напад врз носителите на „македонизмот“, а во нападите особено се истакнале Видое Смилевски- Бато, Вера Ацева, Васка Дуганова, Боге Кузмановски, Благој Попов, Страхил Гигов, Момчило Митров, при што, од прагматични причини, против либералите се изјаснил и Александар Грличков, кој, претходно, идејно бил близок со нив. Вера Ацева, на пример, ја истакнала „опасноста од македонскиот национализам“, наведувајќи го како карактеристичен пример одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Гоце Делчев, кое за неа било „многу нагласено наспроти чествувањето на 30-годишнината од почетокот на револуцијата“, односно таканаречената „прва пушка“ во Прилеп и Куманово.

Делчев со Серската чета

И Васка Дуганова со воодушевување ја прифатила содржината на рефератот на Чемерски, критикувајќи ги идејнополитичките гледишта на Славко Милосавлевски, секретар на Секретаријатот на СК СКМ, прашувајќи како тој може да ја „врши функцијата член на ЦК на Македонија и член на Претседателството на СКЈ со такви накарадни ставови по најфундаменталните проблеми“, барајќи проширување на одговорноста и кон „другите што немале сосема јасни ставови и не секогаш биле на линијата на СК“. Притоа Дуганова, исто како Ацева и Гигов, се оградила од „националистичките тенденции изразени преку несоодветните прослави на 100-годишнината од раѓањето на Делчев и 30-годишнината од почетокот на револуцијата“.

Овие примери покажуваат дека личноста и делото на македонските револуционери, во случајов Гоце Делчев, била и останала отсекогаш високопочитувана икона на македонското национално движење и будење, што дури и по формирањето на македонската држава и значајната улога на комунистичките лидери за тоа, новите генерации на тврдите и индоктринирани комунисти не можеле да го намалат значењето на националното лидерство и државничките зачетоци за Македонија и македонскиот народ од страна на Гоце Делчев и илинденските револуционери.

Пишува: Блаже Миневски