ДЕНЕСКА СЕ ОДБЕЛЕЖУВААТ 117 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕР

Во пресрет на одбележувањето 117 години од смртта на Гоце Делчев, апостолот и срцето на револуционерна Македонија, кој загина на 4 мај 1903 година, многумина ќе пишуваат, но ние се решивме да пренесеме неколку сведоштва од неговите современици, бидејќи само тие автентично го изразуваат неговиот карактер.
Ѓорче Петров, еден од најблиските соработници на апостолот, вели дека „свештеникот не ја бакнува иконата на Христос кога проповеда со таква топлина и воодушевување, како што Гоце ја бакнуваше својата кама пред да ја стави во нејзината футрола. Камата, неговиот инструмент, беше моќно средство за изразување на самоувереноста и дејноста на организацијата, затоа што со неа можеше да се користи само човек со полна самоувереност. Камата одигра крупна улога во животот на организацијата во прво време, а пушката подоцна.

Гоце ја опеваше камата како оружје на организацијата и дејствуваше со неа како агитатор. Камата како најсигурен инструмент на двојна смрт (убиство и евентуално самоубиство) дејствуваше без грешка и како симбол на самоувереност беше предодредена да игра и воспитна улога за создавање кај работниците дух на самоувереност и саможртва, затоа Делчев ја засака, ја избра и ја претпочиташе пред револверот“.
За неговата големина говори и Туше Влахов, според кого Гоце Делчев имал голема заслуга, затоа што ѝ дал на Внатрешната организација чисто народнодемократска форма и ја зачувал од опасноста да биде завлечена во водите на „буржоаскиот национализам“ и „великобугарскиот шовинизам“.

Во првиот број на весникот „Револуционерен лист“ во 1904 година беше објавена една статија за апостолот, во која беше истакнато: „Туѓ на секаков шовинизам, тој работеше за сите што страдаат од тиранијата. И пред неговото пламено и убедливо слово исчезнуваа сите национални непријателства во името на една самоуправна Македонија“.  Д.С.