Премиерот Зоран Заев в недела ќе го достави до Собранието предлогот за владина реконструкција, наместо денеска како што претходно најави. Тој порача дека одлуките веќе се донесени, но не откри кои министри ќе бидат сменети. Ќе има смена на ресори, но и нови имиња. Причината за одложувањето на реконструкцијата, според Заев, претставува посетата на странски гости и претставници на ММФ и Светска банка.

– Тоа е причината поради која предлозите ќе ги доставам до Собранието в недела попладне – рече Заев.

Реконструкцијата во Владата е поврзана и со „метлата” во партијата, каде се уште не се назначени потпретседатели, а останале и 20-тина претседатели на општински организации на СДСМ.

Заев не сакаше да го потврди ниту името на новиот предлог за министер за култура, кој според партиски извори од Алтернатива веќе го договориле Заев и Гаши, а наводно, станува збор за универзитетскиот професор Хисни Исмаили.