Попладнево, се одржа првата седница на новоизбраниот Надзорен одбор на СДСМ, на која, покрај членовите, присуствуваа генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, и организацискиот секретар, Мартин Попов.

За претседател на Надзорниот одбор на СДСМ е избран Горан Сугарески, а на оваа седница се поставија и темелите за понатамошна работа.

– Надзорниот одбор на партијата е важен орган, задолжен за надгледување на финансиската и деловната активност, за оценување на статутарноста на актите и одлуките што се носат, а надлежен е и за спроведување на етичкиот кодекс за однесување – велат од СДСМ.

Од таму додаваат дека ова тело во иднина фокусот ќе го стави на одговорноста, отчетноста и на почитувањето на етичкиот кодекс од страна на сите избрани и именувани функционери, но и на сите членови на партијата.

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, во обрќањето пред членовите посочи дека СДСМ е прва партија што вовела нов, современ етички кодекс за членовите и носителите на раководни должности во партијата и државата додавајќи дека очекува посветена работа на Надзорниот одбор во сите сегменти.