Фото: Игор Бансколиев

Посета на папата на една земја е настан број еден од многу аспекти. Настанот дури е еднакво важен како за државата што е домаќин така и за регионот. Карактеристичен е ставот на многу експерти што нивото на неговата посета го израмнуваат со посетата на еден американски и руски претседател.

Како што е веќе познато, папата Франциск, поглаварот на Римокатоличката црква, ќе биде првиот папа што ќе ја посети Македонија. Неговата посета на Скопје е предвидено да се случи за два месеца, на 7 мај годинава. Оваа информација и официјално ја потврдија од владината прес-служба, како и од Католичката црква во земјава.

Додека Македонија се подготвува очекувајќи ја посетата на папата Франциск, тој деновиве беше во Обединетите Арапски Емирати, на конференција за меѓуверски дијалог. Бидејќи и оваа посета на папата беше прва на Арапскиот Полуостров, факт што е идентичен како и за претстојната посета на Македонија, разбирливо беше зошто се спроведуваа мерки од највисоко безбедносно ниво. Во истиот контекст се и подготовките на највисоките мерки за безбедност во Македонија.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов најавената посета на папата Франциск во Македонија од безбедносен агол, поради својата обемност и комплицираност на спроведување, недвосмислено ја изедначува со посетата на една држава од страна на претседател на САД.

– Папата во безбедносна смисла на зборот добива можеби и повисок третман од заштита на државник кога тој посетува некоја земја. Тоа одговорно го тврдам, бидејќи неговата заштита подразбира највисок степен на физичка заштита и на оперативно безбедносно обезбедување – вели Трајанов.

Одредени безбедносни служби во полн капацитет, со сите тактички, разузнавачко-оперативни и оперативно-технички мерки, веќе однапред владеат со теренот и сценаријата за настанот. Интересно е и што поранешниот министер на МВР го издвојува фактот што безбедносните активности поврзани со посетата на папата и на други светски највисоки државници започнуваат многу пред нивното пристигнување во земјата.

– Конкретно за папата, долг период пред да се случи неговата посета на Македонија, како увертира, земјата ќе биде посетена од безбедносни претставници на Ватикан и од претставници на светските пријателски безбедносни служби што се грижат за неговата сигурност додека тој престојува во државата. Овие луѓе, во соработка со македонскиот безбедносен апарат, со сигурност долго однапред ќе ги испланираат и средат сите можни детали што ќе се поврзуваат со визитата на папата – вели Трајанов.

Според Трајанов, претставниците на странските безбедносни служби на овие состаноци со македонските колеги ќе ги утврдат неговата агенда, маршрутата, резервните маршрути на движење, потоа каде точно ќе престојува и со кого ќе одржи состаноци. Претходно ќе се направат оперативно-безбедносни проверки на критичните точки на маршрутата на движење, па дури и ќе се преземат превентивни технички мерки со кои ќе се отстранат потенцијалните безбедносни закани.

Трајанов истакна дека дополнително како увертира ќе се разработат и можни процени на закани врз папата, а безбедносните структури ќе утврдуваат дали има можност за атентат на ВИП-гостинот, дали има индикации или какви било сигнали за физички закани врз папата, дали има дејствувања на непријателски организации и постои ли одреден заговор за нарушување на посетата на папата.

Поранешниот министер е уверен дека ништо нема да биде оставено на случајност и дури и најситниот детаљ на случувањето ќе биде безбедносно анализиран и покриен со соодветно безбедносно сценарио.

Трајанов раскажува дека иако нашата држава досега не била домаќин на папа, таа зад себе сепак има големо и богато искуство за пречек на гости од највисок светски ранг.
Според него, доказ за оваа констатација се само последните посети на високите светски државници во Македонија за време на спроведувањето на референдумот поврзан со спорот со Грција, но и потоа, кога државата ја посетија функционери како Ангела Меркел, Тереза Меј, Џејмс Матис, Јенс Столтенберг и други.

– Сепак како еден од најдинамичните периоди, гледано од перспектива на голем број светски посети на Македонија, според мене беше времето кога беснееше војната во соседно Косово. Тогаш земјата безбедно ја посетија 82 светски делегации од највисок ранг, а безбедносните ризици беа огромни. Во исто време зад нашите граници дивееја воени операции, а во самата држава имавме присутни безбедносни закани од секаков тип. Почнувајќи од нереди и демонстрации, преку терористички закани, па до дејствувања на странски служби на Русија и на Србија, која во тоа време беше во војна со западниот свет. Сепак, со голем напор и со одлична организација и соработка со пријателските служби, Македонија успеа сето тоа да го спроведе на највисоко ниво и секоја од делегациите да замине безбедно од нашата држава по спроведувањето на визитата – раскажува Трајанов.

Според него, токму ова искуство, традиција и знаење на Македонија ќе бидат пресудни наскоро перфектно да се спроведе операцијата за заштита на папата за време на неговата посета во земјата.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, анализирајќи ја претстојната посета на папата од безбедносен аспект и преземените мерки, сигурен е дека ќе потсетува на неодамнешната посета на претседателот на Русија на соседна Србија.

– Јас сум сигурен дека сето ќе биде извршено професионално. На теренот сигурно ќе бидат ангажирани илјадници припадници на МВР и службите, а на небото ќе има строг режим за надлетување. Дополнително, кога ќе се одржуваат состаноците, во главниот град ќе има одреден режим на движење, а ќе има и одреден режим за живот на граѓаните на главниот град дента кога папата Франциск ќе биде во државата. Сето тоа по многу нешта би можело да личи на неодамнешниот настан во соседството, кога Србија ја посети рускиот претседател Владимир Путин – објаснува аналитичарот.


Балкански примери

Посетата на Македонија и на Бугарија на поглаварот на Римокатоличката црква нема да му биде прва во регионот. Тој и неговиот претходник досега неколкупати го имаат посетено Балканот, а во листата на дестинации се вбројуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Грција и Хрватска. Хронолошки гледано наназад, последен случај беше регистриран пред три години, кога во екот на мигрантската криза поглаварот на Римокатоличката црква ја посети Грција. За неговата безбедност во земјата беа ангажирани околу 5.000 припадници на полицијата и армијата, а со помош на хеликоптери и дронови се патролираше небото над државата за да се спречат какви било инциденти. Претходно, во јуни 2015 година, папата Франциск престојуваше во еднодневна посета на Сараево. Тој за време на обраќањето на олимпискиот стадион „Кошево“ упати порака за мир, повика на соживот и го поддржа екуменскиот и меѓурелигиски дијалог. Неговата безбедност, од друга страна, беше осигурена од приближно 10.000 полицајци. Тоа е трета посета на папа на Босна и Херцеговина, по посетите на неговиот претходник Јован Павле Втори на Сараево во 1997 година и на Бања Лука во 2003 година. На 21 септември 2014 година папата пристигна во еднодневната посета на Албанија. Според пишувањата на албанските медиуми, за неговата безбедност тогаш се грижеле повеќе од 2.500 полицајци, а ангажирани биле и голем број припадници на службите за безбедност. Дента сообраќајот во главниот град Тирана бил целосно блокиран, а неколку часа затворен бил и воздушниот простор и била прогласена зона на забранети летови и прелети.

Фото: Игор Бансколиев