Заев на средба со Меркел и Макрон

Премиерот Зоран Заев во рамките на учеството на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, денеска оствари заедничка средба со францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел и бугарскиот претседател Румен Радев.

На средбата европските лидери изразиле посветеност на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, односно бил потврден стратешкиот интерес на Унијата по ова прашање.

Заев изразил благодарност поради ваквата определба и потенцирал дека е од огромно значење што лидери како претседателот Макрон и канцеларката Меркел преземаат чекори со кои помагаат во изнаоѓањето решенија за билатералните спорови, кои, како што рекол, влечат корени од минатото.

Тој на средбата ги изразил очекувањата и јасните определби на македонските граѓани за европска иднина на својата земја, потенцирајќи дека итно се потребни европски чекори од страна на сите земји членки на ЕУ со цел да не се дозволи разочарување на нашиот народ, а со тоа и зголемување на ризиците од засилување на ретроградните националистички струи.

За време на разговорот била изразена и заедничката подготвеност од Северна Македонија и од Бугарија да продолжи дијалогот меѓу двете земји со намера да се дојде до решение.