На 22 април 2018 година, Канадско-македонското историско друш­т­во од Торонто одржа Годишно собрание на кое се расправаше за сегашноста и иднината на оваа значајна асоцијација. Тоа е единствено друштво од таков вид во дијаспората кое игра значајна улога во севкупната научна и културолошка активност на голем број македонски интелектуалци од Канада, а  кое е сместено и има своја богата библиотека во зградата на „Канадско-македонското место“ познато како „Старскиот дом“ во Торонто. Тоа е асоцијација во која членуваат Канаѓани од македонско потекло од сите делови на Македонија кои се занимаваат со македонската историја, култура, јазик, литература и воопшто со македонската вистина во минатото и сегашноста. Друштвото е формирано во 1991 година од група ентузијасти чиј број постојано расте и привлекува други професионалци и ентузијасти да ги негуваат македонските придобивки.

„Канадско – македонското историско друштво“ е многу значајна македонска иселеничка  организација која има за цел да ја развива свеста и гордоста меѓу членовите и пошироко во канадското општество, со цел тие да дознаат од каде им се корените, какво било нивното минато, сегашност и иднина. Затоа, Друштвото собира и ја регистрира потребната документација и материјали за македонскиот национален идентитет, традициите, културата, религијата, јазикот, обичаите и други области.

После Годишното собрание на Друштвото, пред членовите и други присутни гости и вљубеници на пишаниот збор, д-р Кристина Крамер, шеф на Катедрата по македонски јазик на Универзитетот во Торонто одржа опширно предавање на тема „Скопски разгледници, 1899-2014 година“.

Тони Марковски, претседател на Канадско-македонското историско друштво, пак, ја претстави монографијата „Стив Пљакас“, дело кое е издадено во 2018 година на англиски и на македонски јазик, и кое го отсликува животот и делото на познатиот канадски бизнисмен од македонско потекло, донаторот Стив Пљакас. Автор на монографијата е публицистот Славе Катин, почесен член на Друштвото.