Фото: Игор Бансколиев

Оваа ЕУ е ставена во заложништво од некои свои полноправни членки, пред сѐ од Бугарија, со нејзините политики кон Македонија. Ваквата ЕУ нема ништо заедничко со вистинските вредности на тесна и блиска европска соработка. Имено, токму македонскиот случај, ставајќи ги принципите на ЕУ на испит по меѓународно право, резултира со паѓање на една европска „демократска“ фасада и разголување на Унијата како еден отуѓен клуб на привилегирани, кои не ги интересираат правото и правдината, туку само интересот и ползата за своите членки, макар тие се коселе и со универзалните демократски принципи. Од оваа перспектива, сега сета политика на Унијата изгледа како една пародија, во која наместо вредност на заедништво, од Брисел се генерираат политичка интровертност и егоизам…

ЕДНА ГОДИНА ОД БУГАРСКОТО ВЕТО ВРЗ ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

Месецов се навршува точно една година откако Бугарија, ползувајќи го своето членство во ЕУ, на криминален начин го блокира македонскиот европски пат. Меѓународното право беше згазено и понижено, а светската јавност изненадена со позициите на официјална Софија за непризнавање на нашата национална историја, македонскиот јазик, нацијата и малцинствата. Негирањето на апсолутното право, јус когенс, беше преседан над преседаните во меѓународното право воопшто. Имено, токму тие негирани одредници од страна на Бугарија, за нас претставуваат клучни идентитетски одредници од кои не смее и не може да има отстапување.

Безнадежно е ако меѓународната заедница не го почитува и спроведува правото

Оттогаш, па досега веќе полни 12 месеци траат обидите на нашата држава да го реши ова отворено прашање со Софија, но сето тоа од ден на ден станува сѐ побезнадежно.
Во светло на еден ваков неславен јубилеј на блокадата, која официјално стапи во сила на 17 ноември лани, може да се заклучи дека бугарската блокада врз Македонија се чини засекогаш остави трајна лузна на меѓународната политика и право. Со тоа не само што длабоко, дури речиси и неповратно ги наруши релациите меѓу Скопје и Софија, туку овој политички чин на Бугарија уште повеќе ја загрози самата ЕУ директно по фундаменталните принципи на создавањето и нејзиното функционирање. Не толку по прашањата поврзани со процесот за проширување, но најмногу по есенцијалните Копенхашки критериуми и постулати на кои се темели Унијата. Сосема е извесно дека бугарското вето до темел ги разниша овие европски критериуми и постулати, заканувајќи се дека ќе ја претвори Унијата во еден карикатурален сојуз. И американскиот магазин „Политико“, во своја анализа на оваа тема, пишува дека бугарското вето врз Македонија очигледно нанело трајна штета врз самата ЕУ. Весникот нотира дека софиските негативни реторики и дејствувања врз Македонија сега се искористуваат како модус операнди од други европски лидери за други случаи, со што еднаш направениот преседан, иако содржински и суштински противправен, тој остава простор ваквата практика да продолжи понатаму. На пример, „Политико“ вели дека официјалните власти во Унгарија сега по бугарски модел промовираат исламофобски политики врз властите во Сараево и поттикнуваат процес за ревизија на историјата на Босна, како услов за земјата да го продолжи својот пат за членство во Унијата.

ЕУ прерасна во бирократија спротивна од своите вредности

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ)“, пак, во однос на начинот на кој сега функционира ЕУ пишува дека Унијата има голем број пропусти во однос на политиките кон нашата земја, кои нанеле голема штета на политичките процеси во Македонија и надвор од неа.
– Доколку ЕУ ги исполнеше ветувањата и Македонија ги започнеше преговорите за членство, атмосферата во земјата веројатно ќе беше поинаква. Поради тоа што по грчкото вето против Македонија следуваше бугарското вето против Северна Македонија, а ЕУ и земјите-членки не успеаја да ја одвратат Софија од нејзината деструктивна политика, преговорите никогаш не започнаа – нотира весникот.
Чешкиот универзитетски професор Михал Вит вели дека по сето тоа што ЕУ го покажа врз случајот за членство на Македонија и на Албанија, но и врз другите процеси како оној со распределбата на буџетот за битката со пандемијата се покажа дека Унијата сега функционира спротивно од заложбите врз кои таа била првично формирана.
– Оваа ЕУ нема ништо заедничко со вистинските вредности на тесна и блиска европска соработка. Тоа, пред сѐ, се гледа во македонскиот случај каде што се дозволува една земја да уценува друга земја за прашања што немаат никаква поврзаност со економијата, културата и демократскиот систем на уредување. Сето тоа изгледа на една пародија, во која наместо вредност на заедништво, Брисел сега под диктат на Софија прокламира национализам – вели Вит.
Професорот објаснува дека за да се надминат состојбите, ЕУ треба да се реформира однатре.
– Јас верувам дека сега, ЕУ треба да направи два чекора наназад, да ги исфрли бирократските и политички процеси и да се фокусира единствено врз економските постулати. Наместо да се градат политики за судири врз земјите како Македонија, Полска, Чешка, Унгарија и Британија, која не е дел од Унијата повеќе, треба да се градат единствено економски врски за формирање и унапредување на заедничкиот пазар и економската соработка – вели Вит.
Професорот верува дека само на ваков начин ќе се избегнат идните несакани сценарија на кои ќе бидат изложени земјите, односно ќе се избегне идната блокада на Босна од Унгарија врз моделот на бугарското вето врз Македонија.

Начинот на гласање во ЕУ на тапет

Македонскиот долгогодишен дипломат Љупчо Арсовски вели дека веќе подолг период во Унијата се размислува како да се промени моделот врз кој се гласа меѓу државите, односно како се изразува генералната политичка волја на ЕУ.
– Оваа заложба е во круговите на Брисел уште од 2007 година, кога се заговараше новиот модел на управување со ЕУ, во кој гласањето по прашањата како, на пример, она поврзано со проширувањето на ЕУ или со справувањето на пандемијата ќе се врши врз моделот на генерален консензус со максимален минус на две држави. Ова ќе значи дека ако се одлучува за проширувањето, Македонија ќе влезе во ЕУ иако најмногу две држави би се противеле на тој чин. Со овие промени ќе се изрази генералната волја на Унијата, а со тоа ќе се избегнат и несаканите случувања, како нашето со нелогичното вето од Софија – вели амбасадорот.
Тој објаснува дека ова размислување внатре во дипломатските и политички кругови на Брисел се должи на изнаоѓање формула како, на пример, да се заобиколат потребите на помалобројните групи земји, кои секогаш гласаат заедно, врз штета на помногубројните.
Арсовски објаснува дека секогаш Грција и Кипар имаат заедничка точка што честопати се коси со генералната волја на Унијата, а ништо поразлично не е ни со случаите на Полска и Чешка или, пак, Холандија и Белгија, кои гласаат партнерски и на тој начин ја блокираат волјата на другите дваесетина членки.

[email protected]