Фото: Игор Бансколиев

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека Законот предвидува, прво, укажување до трговците за отстранување на недостатоците во спроведувањето на Законот. Доколку не ги отстранат, ќе следуваат казни

Веќе трет ден граѓаните пазаруваат со ќесиња што ги носат со себе, од дома, со торба или со количка. Ако заборавиле и немаат каде да ги стават купените продукти, мора да платат 15 денари за биоразградлива ќеса или 13 денари за хартиена.
На пазарите, пак, сликата е поинаква. Пазарџиите не ги наплаќаат ќесите и реагираат дека примената на овој закон најмногу ги погодила нив како продавачи.
Производителите на пластични ќеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост.
Целта на спроведувањето на Законот за управување со пакување и отпад од пакување е намалување на употребата на пластиката, развивање позитивни навики за користење торби за пазарење за повеќекратна употреба, во согласност со принципот дека загадувачот плаќа. Собраните средства треба да се реинвестираат во животната средина, односно во стимулација на еколошка амбалажа.
Од Државниот пазарен инспекторат велат дека Законот предвидува, прво, укажување до трговците за отстранување на недостатоците во спроведувањето на Законот. Доколку не ги отстранат, ќе следуваат казни.
– Правилникот вчера излезе во „Службен весник“. Инспекторите се на терен, деновиве се врши укажување до трговците, но и тие веќе се информирани како да постапуваат. Казни нема да има веднаш – посочуваат оттаму.
Законот забранува пуштање во употреба пластични ќеси за носење стоки на пазарот, како и пуштање пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во земјата.
Со плаќање надоместок од страна на корисниците, дозволени се биоразградливи ќеси што се произведени во согласност со пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични ќеси за носење стоки (чија дебелина е пониска од 15 микрони).
Според Законот за управување со пакување и отпад од пакување, глоба во износ од 9.000 до 10.000 евра за микротрговци, од 18.000 до 20.000 евра за мали трговци, од 53.000 до 59.000 евра за средни трговци и од 89.000 до 98.000 евра за големи трговци ќе му се изрече за прекршок на правно лице (според прекршочни санкции од прва категорија) доколку податоците од евиденцијата на квартална основа на бројот на продадените ќеси не ги пријавува кај стручниот орган.
Според прекршочни санкции од втора категорија, глоба во износ од 13.000 до 14.000 евра за микротрговци, од 25.000 до 28.000 евра за мали трговци, од 76.000 до 84.000 евра за средни трговци и од 126.000 до 140.000 евра за големи трговци ќе му се изрече за прекршок на правно лице доколку пушта на пазар пластични ќеси за носење стоки (спротивно на членот 10, кој забранува пуштање пластични ќеси во употреба), произведува и/или пушта на пазар пакувања што не се изработени во согласност со барањата од членот 12 од овој закон. С.Н.М.