Глигоров од активен пензионер до единствен кандидат

Светозар Вукмановиќ-Темпо никогаш не гледал со симпатии кон Глигоров. Имено, Темпо којзнае по кој пат зборувал за неговото учество како инструктор во НОБ во Македонија. И овој пат ги повторил критиките за Глигоров дека доцна се приклучил во редовите на НОВ и дека не ја прифаќал идејата за обединување на македонскиот народ со другите народи на Југославија. Како повод, Темпо го посочуваше дејствувањето на АНОК (Акциониот народноослободителен комитет) во есента 1943-та. Овој Комитет писмено и официјално се спротивстави на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОЈ на Македонија, кој повикуваше на заедничка борба со другите југословенски народи. АНОК подготвил свој контраманифест, во кој се вели дека македонскиот народ нема ништо со Југославија, што тогаш беше бугарски став. Освен тоа, во контраманифестот се бараше Главниот штаб на војската на Македонија да го коригира текстот и во него да биде опфатено и прашањето за обединување со Пиринска и Егејска Македонија, тоа да се вметне како воена и политичка цел

Фељтон: Изборот на Киро Глигоров за прв претседател на Републиката – триесет години подоцна (3)

Првото повеќепартиско Собрание на Република Македонија е конституирано на 8 јануари 1991 година. Со уставните измени што ги направија претходната социјалистичката влада и Собранието се утврди наместо колективно претседателство, што беше највисоко политичко тело, на чело на државата да биде претседател, една личност. Изборот требаше да се случи во рок од осум дена по конституирањето на Собранието. Претседателот се избираше со двотретинско мнозинство, со 81 глас (не со 80 гласа), а предлог можеа да дадат партиите или 20 пратеници. По пропаднатата идеја на таа функција да биде поставен митрополитот Михаил, прв што јавно ја најави својата кандидатура беше Тодор Петров, агилен независен пратеник од Гевгелија, познат по затворањето на границите со Грција. Тој изјави дека доколку не биде постигнат нов договор меѓу партиите, ќе почне да собира потписи за кандидатура, иако знаеше дека тоа нема да му помине. Имаше исполепено повеќе од 10 илјади плакати со неговиот лик низ Македонија. Како што се очекуваше, таа можност веднаш пропадна, никој не го предложи, Петров се откажа.

Без ВМРО нема претседател на државата

Неизвесноста траеше неколку дена, проследени со разни нагаѓања, но со јасни назнаки дека кандидат ќе биде Киро Глигоров. Дури девет дена подоцна, на 17 јануари, СКМ-ПДП (Партија за демократска преобразба) официјално го предложи Глигоров, со потпис на 22 пратеници, меѓу кои и Петар Гошев, кому младите кадри не му ја простија дадената согласност митрополитот да биде претседател. Кон официјалниот предлог доставен до Собранието стоеше и изјавата на Глигоров дека се согласува со предлогот и ја прифаќа кандидатурата. Краткото образложение на СКМ беше дека претседател на Републиката треба да биде човек со искуство, пошироко афирмирана личност и во Македонија и во Југославија и да претставува неоспорен политички авторитет, прифатлив за повеќето партии и граѓани.
Во пошироката јавност кон Глигоров се гледаше како на човек што го претставува континуитетот на самобитноста на македонскиот народ потврдена од АСНОМ и како на искусен политичар што поминал долг пат низ сојузните политички лавиринти на Југославија. Претходно подзаборавен на македонската политичка сцена, не беше компромитиран со некој личен скандал или афера, така што уживаше авторитет на некој што не е актуелна комунистичка икона. Се ценеа неговите политички тактики и знаења на водач што со својот ангажман ќе придонесе Македонија успешно да се вклучи во преговорите со лидерите на другите југословенски републики, кои веќе најавија дека ќе се трансформираат во независни држави. Кон предлогот на СКМ-ПДП веднаш се придружи и Социјалистичката партија на Киро Поповски, подоцна и Реформските сили на Андов, откако тој стана сигурен претседател на Собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе се спротивстават на предлогот и со закана, ако треба, ќе одат во опозиција. А беше јасно дека без поддршката од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ изборот на Глигоров е невозможен.

Навистина ретко богата е биографијата на Глигоров. Имаше 73 години, многупати поминал низ суровото сито на политиката и на историјата. Роден со презиме Панчев во Штип, образован, дипломиран правник во Белград, адвокат во Скопје, учесник во НОБ, секретар на Иницијативниот одбор за основање на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ). Во времето на Социјалистичка Југославија бил на повеќе важни политички и економски функции. Од 1962 до 1967 година бил сојузен секретар (министер) за финансии. Во тоа време на просторите на Југославија се прочу како еден од главните носители на првата реформа на државата во 1965 година, која беше неуспешна. Бил и член на Претседателството на СФРЈ, член на Претседателството на ЦК СКЈ. Најважната, највисоката функција му била претседател на Сојузното собрание (втора по протоколарна важност во државата), која ја вршеше од 1974 до 1978 година, предложен за таа функција директно од Тито, и покрај немањето поддршка од македонското раководство, кое предлагало друг кандидат. Се пензионирал во 1987 година. Глигоров во Белград уживаше висок авторитет, имаше голем број пријатели меѓу познати политичари, универзитетски професори, писатели, сликари, драмски уметници, адвокати, важеше за добар и пријатен соговорник.

Глигоров во Белград по „казна“ на Лазо

Киро Глигоров на функции во Белград бил испратен набрзо по ослободувањето, наводно поради несогласување со Лазар Колишевски, иако Глигоров во подоцнежните години го негираше тоа, кажуваше дека тоа се измислици. Носејќи го тој тогаш негативен белег во Македонија долго време беше проскрибиран, исклучен од функции во самата Република. Ретко учествуваше во македонскиот политички живот, мнозина се срамеа да го канат да ги посети или да одржи предавање, да има интервјуа во медиуми и слично. Во време на големата конфронтација во македонските комунистички редови во 1972-1973 година, во битката и пресметката меѓу младите либерални комунисти и старата конзервативна гарда, Глигоров застана на страната на конзервативците, со што покажа дека не ја напуштил линијата на партијата, а преку тоа си обезбеди заштита од старите партиски кадри, кои победија во таа битка.
Како пензионер, по барање на надежниот претседател на Сојузниот извршен совет Анте Марковиќ, се вклучи во неговиот тим за реформи. Во Македонија го повика Петар Гошев, кој како претседател на Сојузот на комунистите му понуди место во иста таква комисија за реформи во Македонија. Интересно е што истовремено, како пензионер, во февруари 1990-та се вклучува во таканаречениот Македонскиот форум за подготовка на македонска национална програма и цело време доаѓа од Белград и активно учествува на неговите состаноци, на кои се разгледува ситуацијата во Југословенската Федерација. Неформална група на пријатели соработници се состануваше во Охрид, каде што Глигоров имаше куќа. Според сознанијата што ги имам, во неа беа Ѓорѓи Старделов, Љубиша Георгиевски, Никола Кљусев, Ферид Мухиќ, Густав Влахов, Блаже Ристовски и некои негови блиски што споделуваа заеднички мислења и ставови. Според извори од нејзини припадници, групата подготвувала две верзии на политичка, општествена и економска платформа. Едната била како и под кои услови да остане Македонија во Југославија, а другата што треба да се направи ако Македонија стане независна држава. Меѓутоа, од нејзината работа не излезе никаков напишан документ.

Јас лично другарот Глигоров првпат го видов во 1973 година, кога бев дописник на „Нова Македонија“ од Белград. Таму секоја година се организираше македонска вечер, на која се собираа Македонци што живееја и работеа во главниот град. Со него ме запозна и ме претстави една српска колешка што работеше во „Нова Македонија“ и беше блиска со неколкумина македонски политичари во Белград. Тогаш кажа дека редовно ја добива „Нова Македонија“, дека му е познато моето име. Се распрашуваше за неколкумина новинари од постарата генерација, со нарачка да испратам поздрави. (Инаку, колку за потсетување на читателите, долги години секој број на весникот „Нова Македонија“ во над две илјади примероци се дистрибуираше во Белград и во неколку други градови на Југославија.)

Судирот со Темпо за обединета Македонија

Мојата втора средба со другарот Глигоров беше кон втората половина на август 1990 година, кога Глигоров веќе беше во реформската комисија на Гошев. Неговото барање да се сретне со директорот на „Нова Македонија“ ми го пренесе мојот пријател Томислав Стефовски. Стефоски тогаш беше на функцијата секретар на Извршниот совет на СР Македонија, влијателен човек во владата на Глигорие Гоговски, важна личност и учесник во подготовките на законите за департизација и демократизација на Републиката. Дојдоа двајцата. Глигоров, среде лето стокмен во костум со стегната кравата, бараше да се објави едно негово писмо во врска со фељтонот што претходно го објави весникот, а тоа беа разговори на Светозар Вукмановиќ-Темпо за српскиот неделник „Свет“, под наслов „Тито и јас“. Освен свежината со тип-топ изгледот за неговите години, луцидната мисла и говорливост, посебен впечаток ми остави ракописот со кој, на превиткана хартијка, со мастило, беше напишано писмото. Толку ситни, а читливи букви, една мини-калиграфија, не бев видел во животот.
Предмет на писмото беше демант на кажаното од Темпо, кој никогаш не гледал со симпатии кон Глигоров. Имено, Вукмановиќ, којзнае по кој пат, зборувал за неговото учество како инструктор во НОБ во Македонија.

И овој пат ги повторил критиките за Глигоров дека доцна се приклучил во редовите на НОВ и дека не ја прифаќал идејата за обединување на македонскиот народ со другите народи на Југославија. Како повод, Темпо го посочуваше дејствувањето на АНОК (Акциониот народноослободителен комитет) во есента 1943-та. Овој Комитет писмено и официјално се спротивстави на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОЈ на Македонија, кој повикуваше на заедничка борба со другите југословенски народи. АНОК подготвил свој контраманифест, во кој се вели дека македонскиот народ нема ништо со Југославија, што тогаш беше бугарски став. Освен тоа, во контраманифестот се бараше Главниот штаб на војската на Македонија да го коригира текстот и во него да биде опфатено и прашањето за обединување со Пиринска и Егејска Македонија, тоа да се вметне како воена и политичка цел. Другарот Глигоров ги сметаше тврдењата на Темпо за негови лични оцени, со напомена дека не може да му се верува на Темпо, кој сеќавањата често ги менува и приспособува на актуелните настани и лични потреби.

Големото интервју во „Нова Македонија“

Разговорот, во кој се ословувавме со другар Глигоров, другар Колемишевски, траеше речиси три часа, од кои, да речеме, само дваесетина минути беа мојот удел во тој дијалог. На моето прашање дали има некаква намера да се вклучи во новата македонска политика, не ја исклучи таквата можност, изговарајќи една веќе позната дипломатска реплика: „За некоја функција не сум заинтересиран, но сакам да ѝ помогнам на Македонија во овие тешки моменти“. Се договоривме во весникот да направиме едно поголемо интервју и низ него да ги објасни вистините за тој период од војната во Македонија, да го искаже својот став за тврдењата на Темпо, а секако да даде свое мислење и за актуелната ситуација во Југославија и во Македонија.
Таа задача, откако го запознав со Глигоров, му ја доверив на Ерол Ризаов, заменик на главниот уредник, кој подготви 12 продолженија од тоа мошне занимливо и читливо интервју. Планот беше да бидат две или три. Некаде на средината на интервјуто го побарав телефонски и повеќе на шега го прашав дали разговорите не се најава за кандидатура за претседател. Од негова страна, исто, во негов стил, малку на шега, ми одговори дека такво нешто не му паѓа напамет, но доколку некој оцени дека му е потребен на македонскиот народ, ќе ги стави на располагање сите свои сили и знаења. А се знае дека во секоја шега има половина вистина. Набрзо потоа Глигоров се вклучи во изборната кампања на страна на СКМ-ПДП и говореше на неколку митинзи, најпрво во родниот Штип. По разговорот што го имав со главниот уредник на весникот Ѓорѓи Ајановски и со други уредници веќе се знаеше кој ќе биде фаворитот на „Нова Македонија“ за претседател на државата.

(продолжува)
(Утре: Неизвесни денови – две гласања до конечниот избор)

[email protected]