Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со оглед на наследената перцепција во јавноста дека Собранието во голема мера низ годините е сведено на гласачка машина на партиите, кои ги предлагаат пратениците, се поставува прашањето дали со одлуките што ги донесе овој парламентарен состав успеа да го надмине таквиот квалификатив. Политичките аналитичари се со различни мислења

Започна одбројувањето на деновите до распуштање на актуелниот собраниски состав и покрај декларативните очекувања дека ќе бидат усвоени уште некои законски решенија и ќе биде ратификуван Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Во меѓувреме останува предизвикот за јавна процена на квалитетот на работата на актуелниот парламентарен состав. Иако пратеничкиот мандат на овој состав беше пократок од предвидениот четиригодишен (речиси три години), сепак овој краток временски период беше исполнет со интензивна динамика на политичките процеси меѓу кои и собраниските процедури и гласањата за Законот за употреба на јазиците, ратификацијата на договорите за добрососедство и соработка со Бугарија и со Грција, менувањето на Уставот и уставното име на државата… Сите овие случувања предизвикаа многу контроверзни реакции во јавноста, кои не стивнуваат ни со завршувањето на мандатот на овој парламентарен состав.

За тоа како ја оценуваат работата на Собранието, „Нова Македонија“ првично ги праша координаторите на пратеничките групи чии мислења ги објавиме во викенд-изданието на весникот. Анализата ја продолжуваме денеска со ставовите на стручната јавност за улогата и работењето на актуелниот собраниски состав.
Со оглед на наследената перцепција во јавноста дека Собранието во голема мера е сведено на гласачка машина на партиите, кои ги предлагаат пратениците, се поставува прашањето дали со одлуките што ги донесе овој парламентарен состав успеа да го надмине таквиот квалификатив.

– Овој парламентарен состав во целост ја докажа и потврди перцепцијата дека е гласачка машина на партиите. Тоа најизразено се покажа на гласањето кога се одлучуваше за промена на уставното име на државата. Таквото унисоно гласање за толку чувствителна и важна материја само покажа дека гласачката машинерија ги погази сите демократски принципи и права според кои се очекува да се раководат пратениците во својата работа и во одлуките. Поразително е што иако имаше различни мислења за ратификацијата на Преспанскиот договор и за менувањето на уставното име, сепак, на крајот тие им се покорија на партиските директиви. Таквата практика се повтори и при носењето и на други закони во Собранието, кога при одлучувањето пратениците настапуваа закопани во своите партиски ровови, што е далеку од европската парламентарна практика. Никаде во европските парламенти пратениците од иста партија не гласаат унисоно за ниедно прашање за кое се расправа. Сметам дека овој парламентарен состав ги надмина сите претходни парламентарни состави, во негативна смисла, потврдувајќи се како типична гласачка машина – вели професорката Солза Грчева, која е и поранешна пратеничка.

Во прилог на негативната перцепција за работата на овој парламентарен состав, Грчева смета дека оди и впечатокот (кој и се потврдува на крајот од мандатот) дека од партиите намерно се избирани професионално нереализирани кандидати, за да може лесно да им се влијае да го притиснат зеленото копче, па дури и коалициските партнери се избирани според тој неформален критериум, од партии без рејтинг и речиси згаснати.
Првиот спикер на македонскиот парламент од воспоставување на плурализмот, Стојан Андов, смета дека претставува комплексен предизвик да се оцени работата на актуелниот парламентарен состав на кој му истекува мандатот, со оглед на историското значење на неколку акти што ги донесе, но и контроверзните ефекти што по нивното носење се чувствуваат во македонското општество.

– Факт е дека овој парламентарен состав донесе два акта од капитално значење: ратификацијата на договорот со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција. Со тоа што овие договори се имплементирани во Уставот, покрај Охридскиот договор се заокружува циклусот на целосно конституирање на македонската државност. Е сега, ефектите во перспективноста и значењето за развојот на државата сѐ уште е рано да се зборува. Дека било полошо – знаеме, дали можеле да бидат подобри тие договори и понатаму не знаеме – вели Стојан Андов.
Покрај предизвикот за менување на Уставот и уставното име, со кој беше соочен овој парламентарен состав, Стојан Андов вели дека и во преостанатото собраниско работење за други закони, односите меѓу пратениците и пратеничките групи биле „особено килави и меѓусебно уценувачки“ за што последен пример е законот за Јавно обвинителство. Андов смета дека во работата на пратениците и понатаму повеќе доминирале интересите на партијата, отколку на државата и биле многу безидејни во однос на креирање на законските решенија.

За политичкиот аналитичар и поранешен пратеник, Александар Пандов, највпечатлив чин на овој пратенички состав, кој ги отсликува падот и поразот на пратеничкиот интегритет, е, како што вели, „она несреќно гласање за промена на Уставот на Република Македонија“.
– Собранието никогаш не дошло до пониско ниво на парламентаризмот во овие 30 години плурализам од тогаш кога се гласаше за менување на Уставот, за менување на уставното име на државата. Начинот и методите на кој беше постигнато мнозинството за таквата одлука се без преседан и воопшто не служи на честа за независноста и интегритетот при одлуката на пратениците. Тој настан и таквата одлука се голем срам за Собранието. Од денешен аспект, најава за таквиот начин на функционирање на парламентот како да беше и самото конституирање, кога во хаотични услови, без соодветна процедура и спорно гласање, беше избран спикерот Талат Џафери. Без оглед што денес сметам дека тој понатаму не ја водеше лошо работата на Собранието, начинот на кој беше избран и понатаму создава дилеми за легитимитетот и легалитетот на изборот – вели Александар Пандов, кој заклучува дека таков контроверзен период во македонскиот парламентаризам, како во мандатот на овој парламентарен состав досега не бил забележан и смета дека е голем срам за македонското собрание.

Фото: Игор Бансколиев