Фото: Зоран Антоски

Откако вчера беа посетени домовите на лицата заболени од ковид-19 и во изолација, денес гласањето ќе биде спроведено кај лицата кои побарале да гласаат во домашни услови а се работи за болни и изнемоштени особи.

– Во општина Кичево денес ќе бидат посетени 483 граѓани, кои со валидна медицинска документација побарале своето демократско право да го искористат во домашни услови. Во нашата општина за гласање во домашни услови се пријавија вкупно 501 граѓанин, но на 18 лица барањата им се отфрлени, поради несоодветна медицинска документација или бидејќи ги нема на избирачкиот список, па затоа ќе биде спроведено гласањето само кај оние лица кои ги задоволуваат неопходните критериуми – рече Антигона Сефери, претседател на ОИК за Кичево.

И во општина Македонски Брод денес се спроведува гласањето на лица болни и изнемоштени и кои побарале да гласаат во домашни услови.

– Во нашата општина денес треба да се изјаснат 130 граѓани болни и изнемоштени, чија медицинска документација беше прифатена од страна на комисијата, додека четири барања беа отфрлени поради некомплетност. Бидејќи се работи за општина од разбиен тип, каде што избирачките одбори треба да посетат многу села во општината, оваа операција ќе трае во поголемиот дел од денот – рече Лена Милошеска од ОИК за Македонски Брод.

– Во општина Пласница 7 избирачки одбори од исто толку избирачки места, ќе посетат 68 граѓани кои се пријавиле за гласање во домашни услови, а од нив дури 55 лица се со решение за нега од друго лице – рече Анел Мехмед , претседател на ОИК за Пласница. З.А.