Дел од политичката јавност во Грција смета дека дека минатонеделната ратификација на Договорот од Преспа може да се претвори во пирова победа за премиерот Алексис Ципрас, пишува англиското издание на грчкиот весник „Катимерини“. Причина за тоа е политичката поларизација поттикната од спорните „достигнувања“ на Ципрас преку постигнатиот договор со Македонија, кога се одбројува до изборите и однесувањето на неговите коалициски партнери, чии следни чекори сè уште не можат да се предвидат.

Според „Катимерини“, Ципрас во последните неколку месеци сметаше на повеќе важни одлуки преку кои имаше цел да ја подобри позицијата на неговата СИРИЗА во однос на опозициската Нова демократија, како што беа социјалните придобивки и ретроактивното исплаќање на пензиите. Но, се чини дека позитивното влијание од мерките кои ги најави грчкиот премиер на крајот од минатата година, избледе, во последните неколку недели за време на дебатата во парламентот околу Договорот од Преспа. Анкетите покажуваат дека најмалку шест од десет Грци не го поддржуваат она што го договори Ципрас, а тоа индицира дека конзервативната опозициска Нова демократија има значителна предност пред СИРИЗА.

– Уште еден потенцијален проблем за Ципрас се неколкуте независни пратеници во парламентот кои му помогнаа за да има мнозинство при гласањето на Договорот од Преспа, откако неговиот коалициски партнер Панос Каменос ја напушти коалицијата во пресрет на ратификацијата, поради несогласувања околу прашањето за името Македонија. Сега, тој практично води малцинска влада и останува зависен од независните пратеници во парламентот, за да донесе каков било закон. И, како што велат некои извори, независните пратеници најверојатно ќе влезат во коалицијата на СИРИЗА пред изборите, чекор што ќе ги потврди претпоставките дека незавизните пратеници добиле одредени ветувања во замена за нивниот глас во парламентот за Договорот од Преспа – констатираат од „Катимерини“.

Во анализата на весникот се наведува дека дополнително постојат и отворените прашања за некои технички детали околу финализирањето на ратификацијата на Преспанскиот договор, поточно за протоколот за пристапување кон НАТО на Македонија. Иако овие чекори се само формалност, се јавува можност тие да се одолговлечат преку административните постапки на Владата, во чиј интерес е целосно да го затвори ова прашање кое ги подели и политичарите, но и општеството во Грција.

– Советниците блиски до Ципрас исто така се загрижени од последиците од однесувањето на Независните Грци (АНЕЛ) на лидерот Каменос. Поранешниот министер за одбрана на Грција ја разбранува политичката јавност во земјата со сугестиите дека правниот советник на премиерот Василики Тану, кој е поранешен судија во Врховниот суд, се обидел да го насочи текот на неколку истраги во корист на Владата, со што ги поттикна опозициските партии да побараат истрага за овие тврдења – стои во текстот од „Катимерини“.

Се смета дека партијата на Каменос нема да има доволно гласачи на следните избори за да влезе во парламентот, па така се очекува тој да направи сè што е во негова моќ за да опстане на политичката сцена во земјата.

Во обид да го нагласи разделувањето со Каменос и да сигнализира дека неговата Влада е централно-лево ориентирана пред изборите, се очекува Ципрас да промени неколку заменици-министри.

Иако Ципрас инсистираше на тоа дека неговата Влада ќе го заврши четиригодишниот мандат во октомври, голем број на аналитичари сметаат дека неговата малцинската Влада нема да успее да издржи цела година на власт и дека ќе биде принудена на предвремени избори.