Ги прифаќаме новите навики, ама жалиме по старите

Како се живее „новото нормално“ во светот?

Последните пет-шест месеци, поради пандемијата на коронавирусот, животот на планетата пулсира поинаку. Едноставно ни се сменија животните навики, почитуваме некои нови правила и сите се трудиме, колку што можеме, помирно и посталожено да го живееме „новото нормално“, како што го нарекуваат овој период. Како се справуваат со сите овие промени нашинците што живеат во други земји, но и странците.
Игор Трајковски е Македонец што долго време живее во странство, а последните неколку години е во Амстердам, Холандија. Таму, како што вели, во текот на пандемијата немало некои ригорозни мерки за безбедност, но порастот на заболени, сепак, ги заострил мерките.
– Читам во странските вести дека Холандија „најпосле ги заострила мерките“ поради зголемениот број заразени и дека маски ќе се носеле и во продавници, досега беа задолжителни само во јавен транспорт.

Но не е баш така. Од новите мерки, единствено баровите и рестораните мораа да затворат во 22 часот, а од скоро имаат и забрана за работа, групирања се дозволени во друштва од 4 лица од различни семејства, а другото – повторно – се само препораки. Препораката за носење маски во затворени јавни простори беше некако „со половина уста“ кажана, всушност, ја префрлија одлуката на институциите и продавниците, тие сами да одлучат дали ќе пуштаат муштерии/клиенти без маска. И што се случи? Големите маркети веднаш објавија дека немаат намера да забранат влез без маска, само повеќе ќе внимавале да се држи растојание. А кој сака да носи маска, нека си носи. Од „Хема“ изјавија дека со време, кога ќе набавеле доволно, ќе давале маски на влез и тогаш можеби маските ќе им бидат задолжителни, и тоа веројатно доколку новите мерки се продолжат и по 3 недели, колку што им е времетраењето. За разлика од нив, стоковната куќа „Де Бајенкорф“ воведе задолжително носење маски за сите, а кој нема маска, добива бесплатно на влез во нивните продавници. Како и секогаш, Холандија игра на картата дека луѓето се генерално умни и дека со предупредувањево сами ќе си го коригираат однесувањето, што се покажа како точна претпоставка при првиот бран во март/април. Ќе видиме дали и сега ќе даде плод со оглед на тоа дека луѓето се веќе уморни од сменетите навики. Нови подрастични мерки, меѓутоа, се секогаш во игра и не е исклучено да се воведат доколку дневната бројка на новозаразени продолжи да расте. Но Владата е многу внимателна да не претера со стегање на обрачот, бидејќи тоа речиси секогаш влијае контрапродуктивно – вели Игор Трајковски.

Камила Нордстром живее во Гетеборг, Шведска, и како што вели, таму за разлика од други држави се живее доста нормално и покрај заканата од зараза. Сепак, таа, како и голем број Швеѓани се прашуваат дали тоа бил вистинскиот избор.
– Како влијаеше пандемијата на короната на мојот живот? Отпрвин само помислив дека е вирус што ја зафати Кина, а кога потоа се прошири на остатокот од светот бев згрозена. Што ќе правиме сега, како ќе купуваме храна, како ќе се дружиме со пријателите, ќе одиме ли на работа? На почетокот им помогнав на моите постари родители да купуваат домашна храна со пластични ракавици и со честа употреба на алкохол за дезинфекција. Не се осмелувавме да се сретнеме, единствените што ги сретнав тој период беа моите деца.
Во Шведска, како што ни рекоа, живееме мошне нормално, во споредба со остатокот од светот, не затворивме ништо, но ни беше дозволено да стоиме само во помали групи. Продавниците, рестораните и слично, беа како и обично отворени цело време. Но дали навистина ја направивме вистинската работа? Да, се покажа дека тоа беше вистинскиот чекор и според испитувањата помалку сме погодени од другите земји. Најмногу ми недостига физичкиот контакт со најблиските, не можеме повеќе да се гушкаме, на пример. Со други зборови, пандемијата влијаеше врз нас и сè уште влијае. Кој би претпоставил дека ќе доживееме вакво нешто – се прашува Камила Нордстром.

Роза Имре е од градот Будареш во Унгарија. Бидејќи постојано се грижи за својата болна мајка, таа вели дека карантинот и изолацијата за неа не биле многу тешки.
– Епидемијата не го смени мојот живот. Јас се грижам за мојата постара, болна мајка 24 часа на ден и тоа целосно ме врзува. Ретко одам надвор од градот, само за да ги направам потребните набавки. Значи, не го доживеав затворањето негативно затоа што и онака сум „заклучена“ покрај мајка ми. Луѓето околу мене многу потешко ги поднесуваа ограничувањата. Во моментов, во Унгарија нема такви строги ограничувања како што беа пролетта. Постои препорачано превентивно однесување: носењето маска за лице е задолжително во некои области и оддалеченост од 1,5 метар едни од други. Настани се одржуваат за одреден број лица. Повеќето луѓе ги следат препораките, но, за жал, има и исклучоци. Жално е што од 800 до 1.000 нови заболени се регистрираат секој ден, а повеќето се млади луѓе. Причината за ова ја гледам во летното релаксирање. И тие, асимптоматски, го пренесуваат вирусот, на родителите, на бабите и дедовците. Јас многу се грижам за себе, делумно поради мајка ми, која има 83 години, делумно поради тоа што имам астма. Излегувам само кога треба и сè уште се обидувам да избегнам други луѓе за да не го донесам вирусот дома – вели Роза Имре.

Савас Спанудис живее во Атина, Грција. Тој е спортски новинар и работи во весник, но поради пандемијата неколку месеци не одел на работа.
– Јас не работев ниту добив плата во март и април, но ми беше доделена државна субвенција, како и на други мои колеги, а сега се вратив на работа. Повеќето од моите колеги работат од дома. Јас, сепак, треба да дојдам на работа, бидејќи сум главен уредник. Во Грција носиме маски, иако искрено јас ја носам повремено. Држам правилно растојание од другите, а исто така и поголемиот дел од времето го поминувам пред мојот компјутер. Жал ми е што продажбата на весникот падна и верувам дека нема да го врати претходниот тираж. Бидејќи сум љубител на патувањата, но и на маратоните, пред пандемијата патував често во странство за време на викендите, најмногу за да учествувам на трки. За жал, веќе не патувам никаде, освен, одвреме-навреме на островот Хиос, најчесто со авион. Таму живее мојата свршеница, бидејќи ѝ е дозволено да работи од дома. Што се однесува до ограничувањата, порано многу често одев на фудбалски натпревари, но веќе не, бидејќи посетеноста е ограничена, дури и за новинари. Но во принцип, и покрај сите овие ограничувања, добро се забавувам. Не можам да кажам дека сум тажен што не учествувам во трки или дека не одам на фудбалски натпревари. Да, чувствувам мала доза носталгија за работите што порано ги правев и многу би сакал повторно да патувам во странство, но лично, не сум пропуштил ништо толку важно. Дури го искористив времето кога не работев за пишување спортска книга што планирам да ја издадам наскоро – открива Савас Спанудис.

Татјана Станковиќ Димовски со синот Џулијан

Татјана Станковиќ Димовски со сопругот Игор повеќе години живее во Чикаго, САД, каде што како и кога беше во Скопје се занимава со музика. Но сепак, сега го прави тоа онлајн.
– Принудени сме да се приспособиме на новонастанатата ситуација. Ја префрлив сета моја настава преку интернет, а остатокот од времето го користам или шетајќи со нашите кучиња или во нашето студио каде што компонираме нови песни. Пеам и придружни вокали за некои од клиентите на Игор. Се надеваме дека во првите месеци од следната година ситуацијата ќе биде доста подобра и конечно ќе се вратиме во нормала, иако доста работи се променија и нема назад. Кај нас е задолжително да се носат маски кога се влегува во продавница. Капацитетите на рестораните се намалени на 50 отсто, за да има околу два метри дистанца, а концерти речиси и да нема. Тоа многу ни недостига, но ќе издржиме. Инаку, се трудиме да ја одржуваме нормалата. Не се криеме и не паничиме, но избегнуваме места каде што има многу луѓе што не носат маски. За среќа, овде луѓето се поразумни, па е малку полесно. Но сепак ги чекаме деновите кога животот ќе се врати во нормала, со концерти и претстави. Сѐ е некако сиво, нема многу забава, а и доста луѓе се останати без работа, па генерално, состојбата не е баш најдобра, но ќе издржиме. Инаку, овде во Чикаго, односно во САД, ситуацијата е релативно добра, поголем број од луѓето ги прифаќаат мерките, особено во урбаните места. Но има и голем број од оние што не ги прифаќаат мерките, најчесто во местата каде што има поддршката за сегашниот претседател Доналд Трамп и за ултрадесничарските политики. Тие луѓе се скептични кон науката и гледаат на проблемот дневнополитички. За жал, и претседателот ги храбреше за евтини политички поени. Го слушнавме неодамна на снимка како тврди дека намерно ги намалувал опасноста и значењето на пандемијата, иако знаел дека е доста опасно. Еве сега, за жал, и него го фати вирусот, па се надеваме дека и тој и неговите поддржувачи ќе бидат малку посериозни. За жал, САД водат во бројот на починати луѓе од ковид-19, веќе се над 200.000 и бројката секојдневно расте – ни ја долови атмосферата во САД, Тања Станковиќ Димовски.

Бојана Минчева Крстиќ со семејството живее во Окланд, Нов Зеланд, и поради ефикасните мерки на Владата, вели дека се чувствува безбедно и не стравува од ковид-19.
– Нов Зеланд уште од почетокот брзо и ефикасно се справи со пандемијата со едни од најстрогите мерки во светот. Воспоставени беа четири нивоа на подготвеност, а кон крајот на март кога бројот на случаите почна брзо да расте се затворија границите и за неполна недела целата земја отиде на нивото четири во кое останавме повеќе од шест недели. Тоа значи дека само на „есенцијални“ служби како матични доктори, болници, аптеки, супермаркети им беше дозволено да работат. Можеше само да се гледаме со луѓето што живеат во истото домаќинство и да шетаме во сопствените населби. Во супермаркетите беше дозволено да влегува само по еден член од домаќинството. Потоа кога ситуацијата беше ставена под контрола им беше дозволено на рестораните да работат само со храна за носење (ниво три), а потоа, во нивото два можеше да се седне, ама со маси на дистанца. Од март наваму границите се постојано затворени. Луѓето што доаѓаат во земјата мора да имаат посебни дозволи и да поминат 14-дневна изолација во хотел. Генерално, тука луѓето ја сфатија ситуацијата многу сериозно и ги почитуваат мерките. Мотото што се промовира е да бидеме љубезни едни кон други, иако животите ни се целосно сменети. Така, имаше волонтери што испорачуваа лекови и храна на возрасни и болни, на кои не им се препорачуваше да излегуваат. Имаше и акција на социјалните мрежи секоја куќа да постави некоја кадифена играчка на прозорецот, децата да можат да одат во „лов на мечиња“ при нивните секојдневни прошетки. Сѐ на сѐ иако животите ни се целосно сменети, се чувствуваме безбедни и сите придонесуваме во елиминација на вирусот – ни рече Бојана Минчева Крстиќ.