И големите европски и светски градови имаат проблем со оваа категорија луѓе, кои се особено погодени во услови на пандемија. Како се справува Македонија со луѓето што живеат на улица? Дали се евидентира колку од овие лица се заразиле од коронавирусот?

Грижата за време на пандемијата за една од најранливите категории наши сограѓани

Каква е грижата за бездомниците и за „лицата од улица“ во период кога бројот на заболени расте и на над 1.000 ковид-позитивни дневно? Дали државата има статистика и стратегија колкумина од овие лица се заразени или самите пренесуваат зараза и како се лекуваат од ковид-19? Ова е само една од дилемите што повторно станува актуелна, особено во периодот на драматичен раст на новозаразени, но и период од годината во кој ноќите стануваат сѐ поладни, а со тоа и овие лица се дополнително изложени на ризик. Какви, и дали воопшто има протоколи за заштита од коронавирусот во центрите каде што дневно гравитираат овие лица, што и како државата презема за нив?
Бездомниците се ранлива категорија граѓани за ковид-19, бидејќи немаат дом, нема каде да се самоизолираат и да се заштитат. Освен тоа, бидејќи спијат на улица, или во импровизирани живеалишта под мостовите, многумина од нив имаат и дополнителни здравствени проблеми.

И големите европски и светски градови имаат проблем со оваа категорија луѓе, кои се особено погодени во услови на пандемија.
Како се справува Македонија со луѓето што живеат на улица? Дали некој контролира колку од овие лица се заразиле од коронавирусот?
Од Црвениот крст на Република Македонија велат дека во тек се подготовките на превенција и поддршка на оваа ранлива категорија граѓани. Досега бил регистриран само еден бездомник позитивен на ковид-19, кој е корисник на Пунктот за бездомници на Црвениот крст во Момин Поток, како и едно семејство номади што живее под Железничката станица во Скопје. Но тие се веќе оздравени и нема други случаи.
Секретарката на Црвениот крст, Сузана Тунева Пауновска, вели дека веќе подготвуваат две локации, како објектот на „Ранка Милановиќ“ и тој во Чичино Село, каде што ќе можат навечер во зимскиот период да се сместат бездомниците и луѓето од улица.
– Таму ќе им бидат овозможени сите услови. Останува во функција и Пунктот за бездомници во Момин Поток, каде што повеќе од 100 бездомници секоја среда и петок добиваат топол оброк. Мобилните екипи на Црвениот крст патролираат низ скопските улици и им делат храна, дезинфекциски средства, маски и ракавици на луѓето што живеат на улица – посочува таа.

Во пунктот, според Тунева Пауновска, има доктор, кој е во постојана комуникација со нив и ја знае нивната здравствена состојба и хронични терапии што ги примаат.
Во базата на Црвениот крст на Град Скопје има регистрирано околу 180 бездомници, а во другите градови уште дваесетина.
Но, според секретарката на Црвениот крст, мора да се истакне дека многу од нив не се класични бездомници, зашто многумина од нив живеат во импровизирани живеалишта, а има и такви што живеат во семејства наречени номади.
– Во тек сме на преговори да реализирам еден проект во кој на социјално ранливите категории граѓани ќе им носиме суплементи, односно витамини, како еден од начините за нивна заштита од коронавирусот, зашто токму тие препрати се скапи и таа категорија граѓани не може да ги купат – посочува Тунева Пауновска.
Во меѓувреме, вели дека има многумина што одат во пунктот да земат оброк и алишта.
Министерството за труд и социјална политика во изминатиот период континуирано работи на обезбедувањето соодветна заштита на ранливите категории за да обезбеди поддршка и навремено постапување со ранливите категории во согласност и во координација со Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство и Црвениот крст.

– Имаме воспоставено два специјализирани тима, интервентни тимови што се достапни и на терен 24 часа. Доколку тимот затекне бездомно лице истото тоа го сместува во постојните капацитети за згрижување бездомни лица – посочуваат од ресорното министерство.
Оттаму велат дека по однос на сместувањето на бездомните лица, покрај ресурсите на Центарот за лица бездомници во Чичино Село, кој обезбедува исхрана, хигиенски средства, лекови и преостанати потребни средства, целосно се ставени на располагање и капацитетите на ЈУ за деца и младинци со нарушено поведение „Ранка Милановиќ“, каде што веќе се сместени голем број бездомни лица во ризик од бездомништво.

– Во овој објект лицата редовно добиваат топол оброк во рамките на проектот „Народни кујни“, а исто така имајќи ја предвид моменталната состојба кога самите семејства не се во можност за обезбедување храна, се обезбедуваат и дополнителни пакети донации. Во рамките на сместените семејства во ризик од бездомништво во привремените живеалишта Визбегово, каде што се сместени вкупно 15 семејства – велат од МТСП.
Според надлежните од министерството, за заштита на бездомните лица за време на зимскиот период функционираат и пунктови во Струмица, Струга и во Битола, каде што се сместуваат бездомни лица за време на ниските зимски температури. Исто така со оваа програма се опфатени и други активности за поддршка на ранливи групи, и тоа: психосоцијална поддршка на стари и изнемоштени лица, социјално изолирани, самохрани родители и бездомници.

[email protected]