Итро и со одглумена наивност бугарската страна вели дека проширувањето на Унијата со Македонија не е никаков проблем за неа (дури и го поддржува), само не сака во ЕУ да влеземе како Македонци, туку како Бугари. Изгледа нелогично што се бараат гаранции од Македонија пред почетокот на преговорите, кога Бугарија (и сите земји-членки) има можност да нѐ блокира на секое поглавје во преговарачкиот процес. Гаранцијата што ја бара е своевиден бланко потпишан договор-отказ од македонизмот на Македонија и Македонците, која би се активирала кога Македонија би влегла во ЕУ, ги оценува професорот Ферид Мухиќ последните барања гаранции од Бугарија за да даде зелено светло за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ

Во деновите до одржувањето на самитот на ЕУ под португалско претседателство, кој почнува на 22-23 јуни, македонските и бугарските политичари се трудат да остават впечаток дека бараат решение за надминување на причините за бугарското вето од декември минатата година за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. И покрај настојувањата да се прикаже дека процесот е транспарентен, не може да се избегне чувството во македонската јавност дека преговорите се одвиваат повеќе „зад сцената“, под превезот на формулацијата „да ѝ се остави шанса на дипломатијата“.

Нетранспарентноста на португалскиот предлог за решавање на македонско-бугарскиот спор подгрева сомнежи

Таквата ситуација, логично, остава простор за недоверба и шпекулативни предупредувања како она на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, дека во Софија се „координираат тајни преговори, каде што се нуди декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската Унија“, што би било потпишано од премиерот Заев и специјалниот преговарач Бучковски, без да има расправа и усвојување на документот во македонското собрание. Никако не оди во прилог на создавање доверба во македонскиот политички амбиент и фактот што не се откриваат детали од португалскиот предлог за решавање на македонско-бугарскиот спор, или се пласираат само дозирани и неодредени гледишта на предлогот во изјавите на македонските политичари. За разлика од македонската страна, која е задоволна од секој предлог на ЕУ, бугарската страна и понатаму бара некакви гаранции за да може да почне проширувањето на ЕУ со Македонија.
– Овој пристап мора да се заснова на почитување на ставовите и проблемите на земјите за кои зборуваме и почитување на нивните позиции. Врз основа на овој пристап, гледам отворање перспектива за интензивно продолжување на дијалогот, за развој на релевантни патокази, релевантни документи и на сите структурни нивоа, што ќе ги даде соодветните гаранции за нас, особено за да бидеме убедени дека процесот на проширување ќе биде ефикасен, стабилен и неповратен – му порача Радев на португалскиот претседател, кој ја посети Бугарија делумно и во мисија на омекнување на нејзините ставови за ветото спрема Македонија во ЕУ.
Колку и да е нелогично земја што е веќе членка на Унијата да бара гаранции од земја-кандидат, бугарскиот претседател Румен Радев, за време на посетата на португалскиот претседател Марсело де Соуза на Софија, изнесе такво барање. И покрај впечатокот дека во констелација на техничка влада и нови предвремени избори во Бугарија е омекнат тонот во македонско-бугарските релации, сепак официјална Софија и понатаму не отстапува од своите ултимативни услови за македонските евроинтеграции, кои се однесуваат на македонскиот идентитет, историја и јазик. Иако ваквите условувања воопшто не кореспондираат со критериумите за проширување на ЕУ и се во спротивност со принципите на Унијата, се чини дека поради принципот на консензус официјален Брисел ги толерира бугарските каприциозни барања спрема Македонија.

Гаранцијата што ја бара Бугарија е бланко потпишан договор-отказ од македонизмот

– Несомнено, Бугарија е во позиција да бара гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство со Македонија онака како што таму го толкуваат. Итро и со одглумена наивност бугарската страна вели дека проширувањето на Унијата со Македонија не е никаков проблем за неа (дури и го поддржува), само не сака во ЕУ да влеземе како Македонци, туку како Бугари. Изгледа нелогично што се бараат гаранции од Македонија пред почеток на преговорите, кога Бугарија (и сите земји-членки) има можност да нѐ блокира на секое поглавје во преговарачкиот процес. Гаранцијата што ја бара е своевиден бланко потпишан договор-отказ од македонизмот на Македонија и Македонците, која би се активирала кога Македонија би влегла во ЕУ. Или дури можеби веќе и се поставува ултиматум да не ги почнеме преговорите како Македонци (немаме информации за предлозите), со оглед на долготрајноста на преговарачкиот процес, а на Бугарија не ѝ се чека толку – вели универзитетскиот професор по филозофија Ферид Мухиќ, кој беше пратеник во претходниот парламентарен состав на македонското собрание.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски го потврдува заклучокот дека на Бугарија не ѝ се потребни гаранции за да го блокира преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ, на секое поглавје. На барањето гаранции за почнување на преговорите исто така гледа како нетрпеливост на Бугарија да ја спроведе својата вековна амбиција за побугарување на Македонија, со оглед на реалните очекувања за долгогодишен преговарачки процес.
– Во овие полутајни преговори на релацијата ЕУ – Македонија – Бугарија, насетувам само ангажман на каков било начин барем да се отворат преговорите на Македонија со ЕУ, како своевиден влог за изборите што претстојат и во Македонија и во Бугарија. Притоа, како никому да не му е важна цената за пробивот на бугарското вето. Симптоматично е што во изјавите на македонските политичари се споменува неотстапување од идентитетот и јазикот, но некако се премолчува историјата, па стравот за можните отстапки е насочен кон историските прашања и личности, за кои Бугарија бара да бидат признаени исклучиво како бугарски. Ако бугарските барања влезат во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, можеби ќе ги започнеме преговорите, но никогаш нема да ги завршиме – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Тајмаут заради внатрешно консолидирање

Поранешната амбасадорка Мелпомени Корнети смета дека не треба да се избрзува со давање какви било гаранции за почнување на преговарачкиот процес со ЕУ, па дури и предлага македонската страна да си земе своевиден тајмаут во евроинтегративните амбиции. За време на тој „тајмаут“, Македонија би требало внатрешно да се консолидира, да ги анализира сите аспекти и досегашни резултати и последици од договорите со соседите, како и да ги антиципира понатамошните ризици во процесот на нивно спроведување, или дури и евентуално раскинување.
– Не треба да се избрзува со давање какви било гаранции на Бугарија, особено што секое нивно барање спрема Македонија е институционално (об)мислено веќе 150 години. Со оглед на тоа колку во Бугарија се работи на идејата за побугарување на Македонија, дури и да почнеме да преговараме за членство во Унијата, тие преговарачкиот процес ќе го употребуваат за остварување на таа нивна цел. Освен тоа, го имаме искуството дека со секое наше подавање на прстот, ни се граба цела рака. Македонија, во овој миг, со непреболени трауми од Преспанскиот договор, без ниту ориентациски период колку би траеле преговорите со ЕУ…, треба да си даде одреден „тајмаут“ за внатрешно консолидирање, јавна дебата и анализа на сите аспекти и досегашни резултати и последици од договорите со соседите, како и да ги антиципира понатамошните ризици во процесот на нивно спроведување, или дури и евентуално раскинување. Очигледно е дека во овој миг нема ништо да се добие, дури и ако започнеме преговори за членство во ЕУ – вели амбасадорката Мелпомени Корнети.