Фото: Маја Јаневска-Илиева

Аналитичарите се едногласни дека само Германија може да ја убеди Бугарија да го повлече ветото кон Македонија. Цврстото германско лидерство ќе ги врати довербата и оптимизмот во Македонија, а во такви услови ќе може полесно да се решаваат и билатералните несогласувања со Бугарија и истовремено ќе се намалат тензиите меѓу обичните луѓе во двете земји, кои изминатиот период беа непотребно вжештени

Во пресрет на министерскиот состанок
на ЕУ, сите погледи свртени кон Меркел

Германското претседателство со Европската Унија може да ја одигра клучната улога во обезбедувањето почеток на пристапните преговори на Македонија со Унијата, со тоа што ќе ја закаже првата меѓувладина седница кон крајот на декември, без оглед на бугарското противење, истовремено упатувајќи ѝ порака на официјална Софија дека билатералните спорови можат да се решаваат и подоцна во текот на преговарањето, кога нема да се бркаат никакви рокови и притисокот врз обете страни би бил многу помал.
Ваквиот чекор од страна на Германија би ги обесхрабрил идните блокади на европската политика на проширување, која со примерот на Македонија стана заложник на личните интереси на одделни земји-членки.
Блокадата на Бугарија за Македонија испрати негативна порака до целиот регион, особено до другите земји-кандидатки, кои сериозно почнаа да се сомневаат во кредибилитетот на ЕУ и критериумите што таа ги поставува како услов за членство.
Ако се земе предвид дека Хрватска има територијален спор со Црна Гора за Превлака, со Србија за толкувањето на историјата, Унгарија спори со Србија за Војводина, Грција и Албанија имаат недоразбирања за поморската граница, тогаш повеќе од јасно е дека ако помине бугарското вето за Македонија, процесот на проширување е запрен на подолг рок, оставајќи ја оваа територија под ризик за развој на нова нестабилност и конфликти.

Од тие причини, Германија треба да одигра поцврсто и да ја оправда својата улога на лидер на ЕУ, оти без сериозно лидерство и бескомпромисно спроведување на европските политики, Унијата ќе се сведе на „клуб за исполнување желби“ на земјите-членки.
А токму Германија е земјата на која луѓето на Балканот најмногу ѝ веруваат и со која ја остваруваат најголемата економска соработка.
Цврстото германско лидерство ќе ги врати довербата и оптимизмот во Македонија, а во такви услови ќе може полесно да се решаваат и билатералните несогласувања со Бугарија и истовремено ќе се намалат тензиите меѓу обичните луѓе во двете земји, кои изминатиот период беа непотребно вжештени.
Директорот на Институтот за демократија Марко Трошановски смета дека Германија, ако сака да одигра клучна улога, нема други механизми, освен да изврши дипломатски притисок врз Бугарија и да го употреби влијанието во Европската народна партија.
– Германија може да одигра клучна улога единствено со механизмите со кои располага, а тоа се да изврши дипломатски притисок врз Бугарија и да го искористи влијанието на канцеларката Ангела Меркел во Европската народна партија, каде што членува и партијата на бугарскиот премиер Бојко Борисов. Тоа се двата клучни механизма што таа може да ги употреби за да ја убеди Бугарија и тука има најголема сила – смета Трошановски.
Тој додава дека доколку не успее во тоа, последиците ќе ги сноси Бугарија, а со неа заедно и Македонија.
Според Трошановски, главен проблем е принципот на консензуално одлучување во ЕУ.
Професорката Мирјана Најчевска вели дека Германија може да ја притисне Бугарија да го повлече ветото.

– ЕУ си има некоја внатрешна динамика и тоа во голема мера е поврзано со старите и новите членки. Секако, постарите членки имаат поголема моќ да притискаат при носењето одлуки, така што мислам дека и Германија може да изврши еден вид притисок врз Бугарија да не попречува – смета Најчевска.
Таа уште додава дека Бугарија со актуализирањето на македонското прашање го одвлекува вниманието од домашните проблеми.